КОЛУМНА, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Човек учи додека е жив

324

Инспирирана од некои значајни и пресвртни животни ситуации, низ кои сум „пораснала“ и созреала како индивидуа (учејќи од сопствените грешки) денес сакам да ве потсетам и да ви сугерирам дека за било што во животот не треба да избрзувате. Никогаш… Колку и да ви се чини мачно и здодевно чекањето… Или исчекувањето…
Но, ете, јас по природа сум личност која во минатото не умееше да чека. Ниту да се стрпи… А уште помалку пак да брои до 10.
Бев брза. Многу! Колку што бев препознатлива по мојата мирна и тивка природа, нежен и милозвучен глас, толку знаев за миг да се претворам во ураган кој носи сè пред себе. На моменти мислам дека се претворав и во калашњиков кој наполнил цел шаржер, и немилосрдно пука и убива со зборови… Да, со зборови, не со куршуми… Ама од куршумот ќе умреш и толку! А после редица „испукани“ смртоносни зборови не можеш ни да продолжиш да живееш… Ниту да ги вратиш назад… Зборовните куршуми знаат да бидат посмртоносни и поопасни од било кое оружје… И што е најстрашно од сè, никогаш не ми недостигало „муниција“… Шаржерот ми бил постојано полн, а оружјето репетирано, спремна во секое време да „парчосам“ некого што ќе се дрзне да ме навреди или понижи. Потполно несвесна за последиците од редица непотребно испукани куршуми… За жал, некои од нив ги „пукав“ во погрешна мета и уште попогрешно време… Не знаев дека за сè, па дури и за да го истуриш твојот бес, треба да провериш, да преспиеш, и да го погодиш идеалниот „тајминг“ за да распалиш оган. Ама јас не! Пукав и ништев сè пред себе, само доколку некој ми „стапнеше на жуљот“ или ме повредеше мене или некој кој го сакам.
Ете таква бев… Ама во минатото! И не знаев да премолчам… Или кога ќе одлучев да премолчам некоја ситуација, речиси секогаш тоа го правев во погрешен момент. И уште повеќе си наштетував.
Како сега се сеќавам дека имаше ситуации кога не можев ни да дослушам некого, а камоли да премолчам. Ма не можев ни да дишам, бре! Се претворав во бесен ураган, кој уништува сè пред себе… Ураган Сузана!
Зборот секогаш ме понесуваше… Дури и тогаш кога ќе се обидував да не бидам толку жестока, да бидам поумерена и да го смирам ураганот во мене… Во налет на емоции прекинував долгогодишни врски и пријателства, го чистев телефонскиот именик, бришев и празнев цели албуми со фотографии, пакував куфери и заминував… Не вртејќи поглед наназад… Ама ич!
Уште од мала чувствував дека не трпам неправди, и не поднесувам неотесани коментари, глумажи и лицемерие. Затоа животот ме претвори во збороосуденик. Што на ум, то на друм! Има да ти го „плеснам“ во лице, па ти чуди се колку сакаш… Ти се допаѓало тоа тебе или не, ма не ми е грижа… Мисли му ја ти потоа!
Па така во налет на емоции знаев да „испердашам“ сè пред себе. Кој ќе преживее, нека зборува. Ако можеше да ме надзборува…
Но, денеска ситуацијата е многу поинаква. Животното училиште ме научи на најважните лекции, кои не се учат во ниедно друго училиште… И тоа некои лекции ги преполагав по два, три пати, оти со глава ѕид не се рушело, а јас упорно сакав да го срушам! Е па човек учи додека е жив, нели?
Годините кои ги спечалив, километражата која ја свртев, искуствата кои ги доживеав, свеќичките на тортите кои ги издував на сите претходни родендени, солзите кои ги пролеав, па и белите влакна кои светнаа на мојата коса ме научија на еден друг начин на комуницирање и „пукање“ преку кое со многу внимание ќе те ислушам, ќе те дослушам, и колку и да не ми се допаѓа твојот муабет нема така лесно да ти отворам „оган“ и нема да ти го „плеснам одма во фаца“… А уште помалку пак ќе дозволам да се претворам во ураган, за ти да забележиш што чувствувам…
Денеска стрпливо, мудро, интелигентно,промислено, а понекогаш и задоцнето ќе ти реплицирам толку „мојски“ (на мој начин) и спокојно, што нема ни да сетиш кога сум те „капитулирала“, победила и „приземјила“ во муабетот, а притоа сум избегнала непријатна расправија или војна на зборови.
А клучот, одн. начинот на кој сум научила да дојдам до овие спознанија бил времето. И трпението. Кога на времето ќе му дадеш време… И доволно трпение. Моментот, кога ќе сфатиш дека за сè, ама баш за сè треба да го дочекаш вистинското време и место е клучниот момент за нашата среќа. И успех. Тоа подразбира притоа да го одбереш и вистинскиот збор. Затоа што победува само оној што умее да чека… И да размислува…
Затоа научи да не бидеш воден од брзината на зборот, (колку и да си во право) незадоволството, неправдата, простотилакот или дрскоста на тој другиот. Неговото однесување го претставува него, но никако не смее да те повлече и тебе. Биди свесен дека со твоето однесување се претставуваш себеси. Затоа дај го максимумот, и претстави се во најдобро светло! Ама промислено и трпеливо. Без пукање зборовни куршуми, без урагани и „плескање во лице“… Научи да чекаш, и да не избрзуваш…
Затоа што човек учи додека е жив… Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…