КОЛУМНА, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Емоционална мапа

249

Ви текнало ли некогаш да помислите дека секој од нас е сопственик на некоја своја лична (индивидуална) „мапа“, која треба некој да ја протолкува или „одгатне“, и дека ние не сме само (физичко) тело, туку има и нешто во нас што не се гледа, ама се чувствува, зрачи?! Тука мислам на нашата енергија, вибрација, на нашата емоција, која може да биде толку силна и убедлива, но може да биде и страшно ниска и ранлива,  условена од најразноразни „штетници“ „паразити“ и „тепила“ кои се „оперирани“ од секакви евентуални чувства, и кои не умеат да разберат ничии емоции, (освен сопствените) не умеат да „толкуваат знаци“ , ниту пак забележуваат нешто друго освен телото… Физикусот…  Она што се гледа на прв поглед… Кај некои, за жал, е сè исто… И џабе е сè…  И на прв, и на втор, и на секој друг поглед… И не е ништо ново дека некои луѓе не се познаваат ни себеси, ни своето тело… А да не зборуваме пак за читање на некаква„емотивна мапа“?! Алооо, па со кој памет  очекуваме секој да може да ги препознае (и почитува) знаците на туѓата емотивна мапа?! Какви сме ние „идиоти“, и со кое право имаме толкави очекувања?!?

Е па затоа оваа колумна им ја посветувам на сите емотивни „слепци“ во двата пола. И помеѓу мажите, но и кај жените се разбира. Оние, кои го гледаат само телото, автомобилот или пак брендот во кој е некој(а) облечен(а), а немаат поим што е тоа емотивна мапа и зошто е таа толку значајна.

Одиме со ред… Една од најефикасните и најмоќни формули за  разбирање, толкување и препознавање на своите и туѓи чувства е да научимеда ја „читаме“ емоционалната мапа на секој (за нас важен) поединец со кого споделуваме енергија и ни значи.  Тука секако ја вбројуваме и сопствената и на тие што ги сакаме. Оти што ќе ми е да ја читам туѓата (мапа), ако јас не знам што чувствувам и на кај терам со емоциите?! Кај некои луѓе таа (емотивната мапа) е прикриена, нејасна, со лоша или избледена „графика“, но кај некои е видлива и не е тешко да ја протолкуваш.

Но, и покрај тоа многу луѓе не умеат да ја дешифрираат, да ги прочитаат знаците, и затоа се соочуваат со еден куп нејаснотии, недоразбирања, а понекогаш и со непријатни изненадувања и разочарувања.

Тука, секако ќе ви се испречи прашањето: А зошто е толку битна емоционалната мапа, ако јас и партнерот отворено разменуваме силни и искрени чувства, и си кажуваме сè што мислиме?!

Е па време е да се запознаеме со важноста од „читањето“ на емоционалната мапа. Благодарение на неа, секогаш кога сме вознемирени, кога сме излезени од емоционална рамнотежа, или кога со емоциите сме во некаков дефицит, ние фактички (иако не сме свесни за тоа) поминуваме низ 5 нивоа на емоции, кои слоевито  се наредени едни преку други, слични на катови на некоја зграда. Бесот, обвинувањето и презирот се наоѓаат на првото ниво. Со нив се браниме и реагираме кога се чувствуваме нападнато или навредено.

Подолу од тоа ниво е сместена тагата и разочарувањето. Во ова (второ) ниво сме многу ранливи и ултра емотивни.

Третото ниво е задолжено за стравот, грижата и несигурноста, каде многумина помеѓу нас може да нè нападне и зароби и дополнително непријатно чувство на паника. Потоа доаѓа четвртото ниво во кое се приближуваме кон моментот во кој се случува „каша-попара“ ситуација, одн. ни се појавуваат (не на сите „мапи“) помешани чувства на жалење, себеобвинување  и каење, при што не сме сигурни дека треба да преземеме одговорност и разбирање за тоа што вистински чувствуваме. Всушност, во ова ниво, многу пати и немаме поим што вистински чувствуваме. Дали е тоа бес, или каење?!  Или пак нешто друго…

За да ја дознаеме и комплетираме целата слика на нашата емоционална мапа, нужно е да дознаеме дека во секој од нас постои еден невидлив лифт, кој ги поврзува умот и срцето, (притоа поминува низ сите гореспоменати нивоа) па затоа е битно да научиме да го користиме лифтот, без да заглавиме спуштајќи се или качувајќи од едната, до другата крајна цел и да ги поминеме безбедно сите нивоа без форсирање и отпор.

Најдолу, на петтото ниво се наоѓа љубовта. Сите останати емоции се само реакции низ кои поминуваме кога нешто ќе ја поремети нашата љубовна хармонија, способноста да сакаме и да се чувствуваме сакано.

Е сега, сигурно се прашувате: Како тоа од ниво на огорченост и бес, да се вратам повторно на љубов, и можам ли јас некого повторно да сакам, а успеал толку многу да ме разочара, навреди и натажи?

За да ја дознаеме и комплетираме целата слика на нашата емоционална мапа, нужно е да дознаеме дека во секој од нас постои еден невидлив лифт, кој ги поврзува умот и срцето, (притоа поминува низ сите гореспоменати нивоа) па затоа е битно да научиме да го користиме лифтот, без да заглавиме спуштајќи се или качувајќи од едната, до другата крајна цел и да ги поминеме безбедно сите нивоа без форсирање и отпор.

Клучно во овој момент е да напоменеме дека мажите и жените не го користат лифтот подеднакво исто. Можеби ќе ви звучи чудно, но лифтот на жените се движи многу побрзо од оној на мажите, што со други зборови значи дека тие многу побрзо преминуваат од нивото на бес и огорченост, во нивото на каење и жалење… Жените (чест на исклучоци) можат и да го прескокнат нивото на тага и разочараност, страв и несигурност, ама речиси секогаш ќе најдат причина зошто да го изразат своето незадоволство на мажот и ќе му префрлат за емоционалниот дисбаланс, одн. за нивното лошо расположение или разочараност. Кога велам дека на мажите им е потребно повеќе време за со „лифтот“ да преминат од едно на друго ниво, не мислам дека тие се глупави, или закржлавени во емоциите,  туку едноставно на нив им треба повеќе време за да дојдат во допир со своите чувства, кои се потиснати под првобитните реакции на бес, иритација или нелагодност. Затоа имаме чувство дека нивниот лифт се движи поспоро, одн. дека се тие незаинтересирани за проблемот.

Најлошото што една жена во вакви ситуации вообичаено го прави е да реагира бурно, да станува нестрплива и да му префрли на мажот дека тој е „отсутен“, и затоа не знае ни што чувствува, ни како понатаму да надминат некоја специфична емотивна ситуација. Затоа, најважното што треба да го заклучиме (како жени) е да имаме трпение за целиот процес, во кој нивниот лифт се движи поспоро, и да им го дадеме потребното време за да дојдат во допир со своите вистински чувства, да ги поминат безбедно сите нивоа,  притоа не форсирајќи ги со сила ниту на разговор, ниту на било какви одлуки.

Е па жени, ви посакувам многу среќа во „читањето“ на емоционалната мапа, која може да ви биде од огромна корист, ако навреме научите да ја користите…

Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…

(авторот е ТВ лице)