КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Трета  опција

903

Нормално би било да пишувам за трета опција или за трет пат во политиката бидејќи таму припаѓам. Но, тоа би било така, доколку навистина имаме две опции. Затоа, можеби и не е добар називот “трета“, бидејќи три декади живееме во една иста опција. Тоа е опцијата на постојано разградување на државата до нејзиното само укинување, на постојан грабеж, на постојано осиромашување, на растурање на образованието и здравството, на партиско приграбување на институциите, на партиски медиуми, на постојани обиди за цензура, на негрижа за нашата околина, на хронично незадоволен народ, на избркани млади, на дивоградби поради профити, на држава – дивоградба. Или сликовито кажано денес од еден продавач на пазарот Буњаковец, кој шепоти срамежливо: “срам ми е што живеам во оваа држава. Не очекувам да сме многу високо, ама да сме последни баш во се?“. Е последни сме и тука нема лажење, ниту одговор на обичниот, вреден човек.

Да се вратам на “опциите“ кои тоа не се. Само формално постојат како две опции. Разликата им е што едните продаваа со децении лажен патриотизам , а другите отворено, но со потпишана меница од првите, тргуваат со се што не е нивно. Тука не зборувам за делови од членствата на опциите  кои сигурно веруваат во некаква идеологија, која за жал избледела до непрепознавање.  Тие се злоупотребеното, верно гласачко тело. А каде се видело глава без тело?

Продавајќи ветар и магла, во заднината оди криминал од невидени размери. И бесконечна забава за народот во вид на тотално неважни препукувања меѓу фамилиите. Кога сте во политиката, и без да барате, до вас стигнуваат информации од кои нормален човек не може да заспие. Вртоглави суми кои ние обичните смртници, некои и со докторски титули и богати професионални кариери, не можеме да им ги разбереме и доброиме нулите. Кој во што инвестирал, преку кого (да не се знае изворот на пари), како се наместил тендерот, дознаваме за еден куп  отворени фирми во странство за перење на пари, кое подземје за кого работи, кои таканаречени новинарчиња – плукачи,  испилени за една употреба, се добро (пот)плаќани за валкана пропаганда, а пред се да одржуваат привид дека се работи за спротивставени табори, како се рекетираат едните со другите за рамномерна поделба на пленот, како се прават договори за помилување во “независното“ судство, кој кого го заштитува и со кој интерес, како метлата измете токму во фирмите со дебели тендери за да намести “посоодветни“ кадри, …Списокот е огромен.  Сумите уште поголеми.

Од остатоците од лавовската  трпеза се хранат хиените, кои настапуваат во вториот и третиот ешалон. Тие, такви пегави и со свиткани ‘рбети, живеат во идеална биолошка рамнотежа со лавовите. И завиваат на полна месечина, фалејќи ги нивните хранители. Фамилиите Ѓеновезе и Лукезе, можат само да дојдат на обука кај нашиве. Да научат дека не мора секогаш да се пушкараат и да гинат. Доволно е да го дрогираат народот. Каква пајажина, какви октоподи! Ова е аждаја која сите нас не голта за појадок. Знаете сите дека  некои, боси и голи влегоа во политиката, а во меѓувреме станаа ценети “бизнисмени“. Некои се веќе речиси и излезени од политичкиот живот (останаа креатори на јавното мислење или идоли) и отворено ни се смеат во очи кажувајќи дека никој, ништо не им може. Тие биле сега бизнисмени, а опинците ги замениле со италијански чевли.

И ова трае. Со децении. Која од горе споменатите фамилии кои на галено ги нарекуваме партии (погрешно), има макар и малку интерес нешто да менува? Ниту една. Ова е за нив американски сон од кој не мислат да се разбудат. А зошто да не? Сите закони кои ги носат со години, им се за покривање на криминалот. Проблемот е што она што е за нив убав сон, за нас е постојан  кошмар.

Затоа промени треба да започнат. Првиот чекор на тој тежок и неизвесен пат треба да се направи. Сега и веднаш. Не велам “мора“, бидејќи ќе звучи невозможно и претенциозно. Впрочем, некои се научиле да живеат во баруштинава и таа им станала природен хабитат. Не виделе ништо поарно, не читаат, не споредуваат, напросто и немаат рецептори за нешто нормално. Им ги изгореле. Веројатно тоа нормалното, кое сепак повеќето од народот го очекува, нив би ги пореметило. Имаат свој Гуру со кој трансцендираат во некој замислен свет. Гуруто пак, како оној Багван (или Ошо) од Индија заврши со 100 Ролс Ројси и своја авио флота, а следбениците, спасувај се кој може. Ги набркаа и од ливадите на кои слушаа бајки за измислениот и идеален свет, кој само што не стигнал. Значи, за таквите следбеници не лепи зборот “промени“.

Да се вратам на продавачот на Буњаковец. Е нему и на таквите како него, на илјадници не хипнотизирани и здраво разумни луѓе, учители, доктори, работници, студенти, мали претприемачи, земјоделци,  им се потребни промени. Јас првиот чекор го направив. Без промена на Изборниот законик, битката за сите погоре е изгубена. Просторот за натпревар е заробен со 6-те изборни единици, без отворени листи, со најнеправедниот Донтов модел, со непринципиелни предизборни коалиции, со огромни пари од буџетот кои одат само на сметките на силните, без слободни и отворени медиуми. И ќе ја терам до крај. Имаме намера да ги изведеме на чистина сите оние кои божем ветуваат, а потоа замислете, ете не постигнале политички консензус. А постигнаа многу лесно за делење на парите и со многу режирани драми, за промена на името на државата. Не, дојде време за отворање на картите. Сите парламентарни и вон парламентарни партии, со кои неоспорни имаме различни идеологии,  ќе бараме да се изјаснат и да не поддржат во оваа, не само за сега, туку за натамошната перспектива на државата многу важна политичка промена.

Патот започнува со еден чекор и ќе следуваат уште многу. Не се осврнувам воопшто на нарачаните напади кои ме следеа поради мојата посета на претседателот Пендаровски (за мене на Република Македонија, не на Северна).  Небаре јас кришум отидов, со црни очила и шешир. Оние кои направија цензус за неговиот избор и го легитимираа, иако знаеја дека ги губат изборите, беа најгласни.  Оние кои со својата работа го легитимираат  Талат во Собранието, знаејќи го начинот на кој е тој избран, сега го прават нелегитимен претседателот на државата. Чиста хипокризија.  Се е видено и се е празна реторика, за да не се направи ниту еден чекор напред. Јас веќе и не знам кој претседател кај нас, бил признаен од сите? Нема таков. Затоа, од просто политикантство без никаков исход, мора да се одлепиме и да работиме. Полно пати реков: оваа битка која не очекува ќе се води и има шанси да се добие со многу ум, знаење и работа. Не со декларации, тупкање во гради  и празни ветувања. Потребен ни е, еве условно кажано, трет силен политички, македонски блок кој ќе застане на патот на вечните уцени на кои паѓаат овие два наши блока. И пред се, за враќање назад на изгубеното, а за одење напред во нормализација, кон модерна и богата држава каква што можеме да бидеме.

Ќе бараме и ќе одиме кај сите кои ветуваат со години промени на Изборниот законик во насока на вистинска плурална демократија. Не да молиме, туку да го бараме она што ни припаѓа. Не сме наивни, па да очекуваме чудо. Туку за да ги извадиме на површина и постојано да ги потсетуваме дека даваат празни ветувања. А нашата куса меморија, кажале па не направиле, само ги релаксира. Сите политички фигури, сите парламентарни партии се одговорни за оваа игра и сега е дојден моментот на вистината. Но, идејата мора да се прошири помеѓу народот. Тој мора да разбере колку е важен овој чекор. Ќе иницираме и средба на сите помали партии, за да изградиме заеднички став по ова најважно прашање. Ако сето ова не успее, ќе одиме и на собирање на 150.000 потписи за задолжителен референдум. Како што реков, патот е тежок и можеби долг. Но некој, не нужно ние, мора да го изоди.

Тоа е визијата на Глас за Македонија. Тоа е и мојата визија, тоа е и мојата мисија. Промена на политичкиот систем.  Не мора секој да ја споделува, не може секој да ја препознае. Но, ако се оствари макар и дел од се она што го замислуваме и на што секојдневно работиме, ќе бидам пресреќна. За себе не очекувам ништо. Но, сакам и надвор од мојот пријатен дом, да гледам убавини и среќни луѓе. За тоа ќе се борам и никој, со никакво валкање, нема да ме спречи. Најмалку, валканите.

И да не заборавам. Не сакаме да ја ситниме опозицијата, туку имаме проблем да ја препознаеме. Конечно, една здрава, голема опозиција, работи и иницира обединување преку јакнење на доверба и почитување. А никако не, со ниски удари.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)