КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: “Северна“ е фалсификат

300

Грците се спремаат да гласаат за фалсификатот кој им е сервиран од тајфата во Скопје. Не дека нешто ќе им пречи. Та и тие се Балканци кои го послушаа советот на Хан: “решето го ова на балкански начин“ . На разгаленото дете му виси во воздух алиментацијата од Германија. Но, гласајќи за ваквиот фалсификат и тие ќе го излажат својот народ. Тие не може да не знаат дека референдумот пропадна со огромна разлика во полза на Македонија (а позитивниот исход е поставен како услов во спогодбата), не може да не знаат дека спогодбата не е ратификувана според нашиот Устав, дека Талат не е надлежен да го замени претседателот со својот потпис. Тие не може да не знаат дека во блиска иднина некоја друга влада кај нас со потполно право, но ако е сериозна и со обврска, ваквиот договор ќе го поништи по сите основи. Па нека тужат Грците пред Меѓународниот суд на правдата. Сите докази ги имаме во рака. А го видовме и дејството на таквите пресуди. Впрочем и самиот Коѕијас тоа го предвиде како можно “црно“сценарио. Дури ни даде и упатство како да се однесуваме кон оние кои го изведоа делото кај нас. Како кон предавници. Благодарам за советот.

Се беше очекувано. Без тежок фалсификат, договорот за Северна не можеше да помине. Како и Законот за двојазичност или читај, законот за федерална Северна. Последново треба веројатно да се реализира со кантоните кои ги вети ЗЗ пред албанската дијаспора во Берн, Швајцарија. Тогаш некои се смееја кога истиот пелтечеше за бабичката од Струмица на шалтерот во Муртино (или обратно), за нотите на албански во Прилеп, но шегата настрана: човеков исполни се што им вети на Албанците без кои немаше да помисли да има влада (затоа единствено во Чаир се пукаше од среќа на денот на гласањето на Северна), на Грците каде живее и работи, на Бугарите поради кои го фалсификуваше споменикот на Мучето, на странците кои му ги влечат конците на рацете и нозете. Сите сме за добрососедски односи, но не за однос во кучешка поза.

Обратно пак, се што им вети на Македонците, излажа. Ниту е македонскиот јазик заштитен и “единствен официјален“, македонскиот народ не е повеќе државотворен, а зајакнатиот идентитет е само фикција за полуписмени. Останавме без националност, без малцинства, станавме граѓани на непостоечка држава, избришани сме од мапата на народи. Затоа ќе не нема и во пописот. Останува да не сместат во резервати. Ајде прекапани транзициски профитери радувајте се.

Или како што рече еден од нив: “ајде да ни е со среќа“. Фуј… Не знаеш што е полошо. Оној кој ова го прави, или овие “граџани“ без елементарно чувство на припадност, кои на копче аплаудираат како во шоуто на Џери Спрингер . Истите тие со леснотија распродаваат се што некој друг создал и иако самите стогодишни (повеќе или помалку) се токмат уште за функции, само за да доразграбат се што не успеале од последниот нивен циклус на власт. И да испратат уште една тура на врвни професори (какви тие никогаш не биле) во предвремена пензија. За Европа и за замислената светла иднина, сигурно не им е радоста. Едноставно, немаат време за чекање.

Си ја замислувам целата галерија на ликови кои се вградија во овој проект. Па луѓе, страшна е. И смешна. Разни Мочковци во рима, чија реч одушевува очајни домаќинки, Липицанери кои тепаат млади на паркинг и нудат амфори во замена на име на држава (и функција на синот), богати станари на хотелот “Мериот“, кукавици наменски пуштени од Шутка, криминалци и криминалки со тенковски и други делови, професионални “патриоти“ кои не побудалеа со нивната религиска припадност кон партијата (ама не кон државата) која ги позлати, жени на шверцери, градоначалници бизнисмени кои се среќаваат по кафеани со новата “фамилија“, некогашен генерал кој крши ќерамиди од глава, Ката-Специјале, па дури и со нож нападнатиот Политико. За последниов жал ме фати. После толку шамари, од кои не знаеше што пишува, сега пак и нож. Како круна на се е Таљо, изгласан без стенограми и од стоење, како кралче во прогон. Сега пак тој, Јован без земја, потпишува укази и се занесува дека ќе важат. Ќе важат колку и петчето на рачето на дете во градинка.

Во најтесниот круг ги сместувам и оние помалку смешни, а повеќе трагични ликови, кои немаа храброст да ја пресечат работата кога можеа. Кога можеа и мораа да излезат на улица со народот, а не да се придружни вокали на власта. И оној кој можеше и мораше да ги извести сите земји, членки на ОН дека во Македонија се случува најголемиот фалсификат на народната волја и кршење на Уставот, да им порача името да не ни го менуваат. И да поднесе барање за преиспитување на условите на прием на Република Македонија во ООН. И прв да даде аболиција на вмешаните во настаните на 27 април со што ќе се спречеше гласањето на уценетите пратеници. Но, играта е една. Играчите очигледно си ги знаеле ролјите во театарската претстава наречена “Северна Македонија“, или културен геноцид на македонскиот народ и федерализација на државата.

Периферно од овие капиталци, се групација на таканаречени “патриоти“ на кои вистинска цел на напад не им е толку власта, колку оние кои се обидуваат да застанат на патот на ова зло. Им се исмеваат на последните, ги внесуваат во теории на заговори, ги прават шпиони на наши и светски служби, им бројат глави на луѓе по протест. Се само да го покријат својот опсесивно љубовен однос кон своите бивши газди (кои повремено малку ги критикуваат, како Геро кога го “критикува“ Зоки), но од кои добиле практично се што имаат и се надеваат дека пак ќе им дојде времето. Но, и тоа пројде. Нека се спремат за нова, а не за Северна Македонија.

И да не заборавам. Клучниот актер во целава приказна е нејзиното величество: корупција! Од неа започна се, со неа се “круниса“ продадената невеста.

Се на се, прекрасна збирка. И сите заедно произведоа едно големо, НИШТО! Обичен историски и правен фалсификат кој и една не толку врвна адвокатска канцеларија, ќе го собори веднаш по воспоставувањето на правна држава. Ќе попаѓаат сите европски знаменца, противуставни закони, нератификувани договори, гласања со просто мнозинство на системски закони, избори без стенограми, противуставна амнестија. За се, буквално за се, има цврсти докази. Дури и за уценетите пратеници. Грците се свесни за сето ова, но Ципрас како и Заев, мора да ја одигра улогата до крај. И тој е во позиција купи ден, продај ден. Додека не му дојде и нему политичкиот крај. А потоа?

Е потоа, ако сме умни, никогаш не смееме да преговараме за името со Грците. Злосторот кон Македонија започна во ОН, таму мора и да се реши. Да се ослободиме од корупцијата и народот да почне достојно и достоинствено да живее. Друга формула за успех, нема. Затоа, сите здрави сили мора да се соберат на едно место. Ајде на избори!

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)