КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Северна бајка

99

Чув дека 30-ти септември ќе бил историски ден. За еден неисториски народ, каков ќе биде ако самиот си пресуди, тоа ќе биде еден чуден ден. Почуден од оној на Иван Денисович. Шизофрен дури. Помеѓу сонот и јавето. А што се случувало пред тој ден, да не ви се верува. Дошле волшебници и наречници од целиот свет и му рекле на народов: “добар народ сте, со добри кралеви и кралици, со многу дворски шутови, ама едно не ви чини, ИМЕТО“. Рекле дека и самиот народ нема добро име, ама тоа се криело до крајот на бајката. Завладеала паника. Кралот го ставил прстот на мудрото и мазно чело, го викнал на помош кралот од соседството со чие кралство не стоеле многу добро дотогаш, викнал и многу други. Го повикал и Главниот Волшебник да му дава совети. Овие сите ветиле дека ќе “помогнат“ да се реши проблемот кои самите го создале. Кралот, дали наивен или …. (забранет збор во бајка), прифатил. И ете, дојдовме до историскиот ден. За соседниот крал, се разбира.

Чув и дека од тој ден па натаму, на народов ќе му тргнело се како во бајка. Безимениот и избришаниот народ, таков невидлив како самовила од друг свет, ќе излезе од подземјето, ќе почне да го освојува светот, ќе биде секаде приман со раширени раце, ќе го сакаат, ќе му фрлаат златници, ќе го галат, кога ќе се разболи ќе го лечат (без пари се разбира), ќе го учат (без пари се разбира), ќе му даваат и да пука во луѓе без никому да одговара, ќе му расне плава коса и ќе има сини очи (дека Северен), ќе се буди со песна, ќе заспива со песна (нашминканата, подостарена естрада ќе ја даруваат во злато, а не во евра), ќе бил еднаков со видливите народи, ќе бил сигурен и вечен во својата безименост, нивите ќе раѓале непрекинато богат род, и какви не чуда. Соседниот крал и не само тој крал од соседството, ќе бидат исто така мнооогу среќни. Веќе сега ги тријат рацете.

Со еден збор: рај. Со друг збор: неверленд!

Еден не така далечен ден, кога ќе се разбуди народов, само ќе види дека нозете му биле откриени. Бајката ќе се врати во книгата на Браќа Грим, кочијата ќе се претвори во тиква, коњите во глувци, а лакомите и лековерни принцови и принцези ќе останат невидливи за навек… На невидлив човек, животецот му е далеку од бајка. Ниту некој ќе се заврти по него, ниту некој ќе го покани на трпеза, ниту ќе знае дека постои. Нивната лековерност и алчност, ќе ја плати целото кралство кое ќе биде избришано од лицето на земјата. Истите “добри вили“ кои му свиреле опојни и волшебни ноти за да го намамат да се само уништи според желбата на сопствените кралства, ќе им се изнасмеат во лице. Ќе се скинат од смеење кога лековерниве ќе дојдат по ветеното.

Тогаш јасно и гласно ќе им рикне волшебниот глас од зад далечната планина: “сами баравте да бидете невидливи. Што сакате сега од нас???“

“Бесплатно лекување“, цивка невидливиот,“ и бесплатно учење и многу пари и многу правда и многу среќа…“

Ха ха ха ха…се кикоти волшебникот: “тоа го нема ниту во бајките, кој ве излажал? Кралот и кралицата на вашето избришано кралство? Тие нека ви дадат се што барате“.

Невидливото гласче: “ама тие ни велеа, а и вие Волшебнику велевте дека..“. Волшебникот:“уште не научивте дека волшебници има само во бајките? Ха ха ха…“.

И мачен е разговорот. Трае со децении. Тие нему, тој ним. Заробени во својата невидливост, мака мачат со седумте пречки кои им ги поставил Волшебникот. Се говори дека им спрема уште, не биле само седум. Во меѓувреме, невидлививе во нивното невидливо кралство, се снаоѓаат како знаат и умеат. Кралот и кралицата одамна ги нема, ама бељата им остана. Им останаа и полињата со марихуана, за утеха. И еленските рогови од Северната бајка.

И се би било така, ако повеќето луѓе се баш толку наивни и толку …. (забранет збор во бајка). За среќа, ова не е Север и не проаѓаат Северни бајки со вили, духови и волшебници. Нашите приказни се со вампири, каде храбриот им забива глогов колец (или им става под нос ниска лук). Кај нас луѓето не дозволуваат, барем не за долго, да останат невидливи и да талкаат помеѓу сонот и јавето. Ова е Македонија каде работите се одвиваат и по инстинкт за самоодржување, и по разум. Токму историјата не научила да не веруваме во овие бајки. Не сме поверувале ниту во потешки времиња. Кога имало и помоќни кралеви и волшебници, со попримамливи дарови.

Крајот на нашата бајка би бил отприлика ваков. На “историскиот“ ден за сите освен за нас, решиле луѓето да си прават ајвар. А тоа е тешка, целодневна работа. Печи, лупи, чисти, мели, пржи,…Разбрале дека само со нивната работа и со ништо друго, само со чест и пот можат да опстанат и да живеат убаво. Разбрале и дека ниту кралот, ниту волшебникот, не се вечни. Разбрале еднаш засекогаш дека “царот е гол“ и почнале на сите кралеви, сегашни и идни, да им ги бројат златниците кои им ги земаат од устата. Не само кралот, туку и големата паразитска дружина на дворски шутови. Разбрале дека ги лажеле. И најважно од се, разбрале дека името им е арно, дури преарно.

Претпоставувам дека во бајката на некое клучно место ќе стои дека успеавме, како генерации пред нас, да не го дадеме името. “Името ни е големо, ќе дојдат да ни го земат“ како што кажа големиот Блаже Коневски. Ќе можеме со гордост да кажеме дека не сме дозволиле, не сме ги трампиле името и народот за празни ветувања, а патот кон напредокот ќе го осигуриме без ова бесчестие. И волшебниците ги ценат храбрите и достоинствените, а со поткупените си играат мајтап кој не ги чини ништо.

И така, во нашата бајка, луѓето не станале невидливи. Напротив. Се исправиле гордо, кажале дека тие го имаат во своите раце крајот на бајката.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)