КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Пронаоѓање на топла вода

Во Штип има традиција на правење на првокласен природен мед. Се што треба е да се прават разни инвентивни производи од медот, да се пакуваат во привлечни пакувања и да се продаваат на гостите. Козметичката индустрија ќе процути. Не доаѓа секој само за здравје, туку и за освежување и разубавување.

998

Денес ќе пишувам за мојот роден град под Исарот, Штип. Каде е, а каде може да биде овој град со голем, неискористен потенцијал. Штип е навидум град кој поради Универзитетот, се развива побргу од целиот источен регион. Но, сепак е тоа празен град, град со спортски обложувалници, со неколку кафулиња, со незадоволни и измачени текстилни работници и невработеност. Град, кој мора да се врти кон секоја нова администрација и чарето да го бара во милоста на власта, која и да е. Град, како речиси сите низ кои минуваме и се разочаруваме.

Освен што во Штип, се наоѓа една од најлековитите термални води на Балканот, а тоа е бањата Кежовица.

Сум слушала од моите родители за чудата кои ги прави оваа вода. Сум слушала дека за луѓето кои биле неподвижни од разни причини, роднините тркалале буриња со оваа лековита вода за да ги избањаат болните. Денес, бањата е запустена и речиси мртва. Живурка на работ на градот, обрасната во трња, со стар инвентар, со речиси никаква инфраструктура. И со прекрасна вода.

Ме фати вистински јад кога еднаш, во соседна Бугарија, во местото Сандански, пливајќи во базенот, слушнав разговор на наши кој гласеше отприлика вака: “хм, па и кај нас поминува истата жила со термална вода“. Да поминува, и не само таа. Македонија лежи на термални води. Ама жилата во главите ни е комплетно искината. Целиот свет развива бањски туризам, а кај нас останаа само жилите. Парите одат во Бугарија, Унгарија, Италија, Србија, каде цели градови и помали места се развиваат во вистински рај на земјата. Балнеологијата станува светски тренд.

Што денови на Европа се одржаа во последно време на Универзитетот во Штип! Кој ли не се изреди таму да убедува, да ветува, да заведува. И наместо да се засукаат ракавите, целата држава реши да ја чека Европа. Таа и никој друг ќе им ги решела проблемите кои се ставаат под тепих со децении. Не оди таа работа. Или развиваш своја економија, или никому не му требаш.

Еве еден можен аспект за развојот на Штип без да се чека Годо, кој дури ни во драмите не доаѓа. Проектот е комплексен и државата ќе треба да воспостави процедури и стандарди за негово проектирање и имплементација. Да не се дозволи уште една промашена и коруптивна инвестиција. Се работи за следното: Штип да ги искористи природните ресурси, универзитетската база и културата, за да стане посакувана балнеолошка дестинација.

Сосема ќе ги упростам битните моменти од оваа идеја. На местото на сегашната бања може, на пример во јавно приватно партнерство или под концесија, да се изгради модерен комплекс, со затворен голем базен, со неколку отворени бидејќи градот е со голем број на сончеви денови, со сите придружни содржини на спа центар: сауни, солена соба, фитнес сала. Понуда за сите возрасни групи. Голем, комфорен и функционален комплекс. Да има оддел за медицинска терапија и рекреативен дел. Цените во комплексот да не бидат превисоки, за да може преку целата година да биде полн. Спортските пливачки школи ќе закупуваат свои термини за обука на мали дечиња. Исто и пливачките спортски клубови. Освен гостите на хотелскиот комплекс, луѓето од градот ќе можат исто така да ги користат услугите со влезници по прифатливи цени. Градот треба да озелени, со убава променада за прошетки и трим патека за трчање.

Во секој поглед, голема предност на градот е што е универзитетски. Во салите на модерниот комплекс, ќе можат да се одржуваат за време на викендите меѓународни научни конференции во текот на целата година, а гостите ќе бидат сместувани таму.
Штип е културен град со традиција. Концертите на Музичката академија треба да станат важен дел од понудата.

Покрај еден ваков бањски комплекс, работа ќе имаат голем број на физиотерапевти и лекари. Дел од нив во самиот центар, а дел ќе отворат свои ординации. Болницата во Штип, ќе направи силни одделенија за ортопедија, ревматологија, невропатии и се што е потребно за рехабилитација на посетителите. Завршените лекари од тамошниот Медицински факултет можат да добиваат поволни специјализации за овие струки и сигурно вработување. Се разбира дека странците ќе ги плаќаат овие услуги. Во Штип, со закон се отвори и првиот Центар за алтернативна медицина. Идеално за примена на разни техники како акупунктура, акупресура и друго, што е дополнување на класичните медицински третмани. Каде е нашата фармакопеја? Имаме планини, како Плачковица, полна со ретки билки кои се составен дел од разни лековити масти, кремови, чаеви. Ете предизвик и за фармацевтите, но и за луѓето кои имаат и фамилијарни традиции за изработка на овие неверојатно барани, лековити препарати.

Во Штип има традиција на правење на првокласен природен мед. Се што треба е да се прават разни инвентивни производи од медот, да се пакуваат во привлечни пакувања и да се продаваат на гостите. Козметичката индустрија ќе процути. Не доаѓа секој само за здравје, туку и за освежување и разубавување.

Штип е град на огромен број на конфекции. По должината на кејот на Отиња или во сега мртвиот трговски центар, можат да отворат свои бутици, каде на странците и на нашите ќе им продаваат преубава конфекција. Исто е со чевларската индустрија. Токму на овие индустрии им е потребен силен допинг.

Ќе никнат нови ресторани со автентични, наши јадења. Гастрономијата станува нераскинлив дел од убавиот помин на бања. Пекарници со квалитетни печива (не оние надуени, таканаречени кроасани полни со адитиви)направени од интегрални житарки, пастрмајлии на парче на сите страни, слаткарници со наши торти и колачи.

Гости ќе има од соседни држави, но можат да се организираат и чартер летови за гости од подалечни земји. Вон хотелскиот комплекс, ќе работи и системот на издавање на соби и апартмани преку развиените системи на арб&амп;б и букинг, како и мали семејни хотели.

Вака отприлика изгледа моделот по кој можат да се развиваат многу средини кај нас. Што е со огромниот и запустен хотел во бањата Цар Самуил каде плочките во валканиот базен се испокршени, а светилките работат на резерва? Хотел некогаш граден по сите прописи. Со пространи соби (кои се сега полни со бубачки и мувлосани таписони) и фантастично голем базен. А Кумановска бања? Толку ли сме неспособни или толку ли сме корумпирани. Или двете заедно?!

Се е запустено. Изгледа се чека да им падне цената до крај (како на фабриките), па некои наши, или туѓи тајкуни да ги земат локалитетите за мали пари. Ќе ветуваат марини, јахти, хипер луксузни хотели каде наш човек нема да може ниту кафе да испие. Ако пред тоа, не отидат во затвор.

Ова не смее да ни се случува. Наместо тоа, еве им фрлена ракавица и на нашите имотни иселеници да инвестираат во својата татковина.

Сето, само нафрлено погоре, изгледа едноставно. Не е. Ни треба многу знаење за умно и рационално да го развиваме секој регион. Да ги искористиме сите предности кои ги имаме, а не да се фалиме со “жилата“ и никако не, да ни проаѓа животот во чекање на “спасителот“. Да се погледнеме и да кажеме: вртиме друг лист. Од нас зависи иднината.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)