КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Паднати ангели

867

На овој народ очигледно му требаат идоли. Макар и да се неписмени, макар и да пелтечат, макар и да имаат просек 6, макар и да крадат безочно, макар да се тапа од областа во која треба да работат, сепак се идоли. Дури некои станаа и ангели. Некои “ангели“ одамна прелетаа преку пет граници, ама народов не попушта. Бара нови за да се крсти во нив. А бидејќи народот е најважен, еве му раѓаат нови. Или поточно, власта лично им ги сервира како на тацна. Како што четворица поглавици им ја сервираа Ката, сега в.д. министерот за финансии лично си одбира обвинител кој ќе ја наследи паднатата (или бутнатата), сеедно, ангелка. И во старо-новата обвинителка ќе бидат вперени очите на народецов, во исчекување на некаква си правда и правдина. Некои понаивни, можеби веќе сега печатат маички со новиот идол. Нека не брзаат, барем еднаш.

Па зарем и во најкошмарниот сон, можеше некој да замисли дека политички формираната институција за гонење на криминал во високата власт, ќе се претвори во уценувач и извор на криминал? Што амбасадори ги фалеа, ги бодреа, ги тапкаа по рамо, ги поплавија со (наши) пари, ги дотераа, море дури и ги разубавеа. На секој прием, тие, нашите ангели чувари, беа главни. Некој ако се осмелеше да зборне дека “царот е гол“ (како мојата маленкост), беше веднаш черечен, викан по телевизии да се правда (го нашле човекот), па дури и оние кои сега невешто се ФБ-ираат карајќи ја својата партија од која се нели малку и разочарани, тогаш пишуваа статуси против мене и ми свиркаа додека зборував на говорница. Права експлозија дека сум го навредувала ликот и делото на најмилиот водач, Ката. Среќа што Боки тогаш не беше толкавa  figurae veneris, инаку и за него ќе ме прозиваа. И ете сум имала право. За разлика од нив, шупелки. Но, не сум наивна да мислам дека Ката туку така ќе ја пуштат по вода. Дека се материјалите, што би прашале мои Штипјани? А Калето? Како никој од, до крајност компромитираното СЈО, не е повикан на распит и не се употребени ПИ мерки?

Да се вратам на старо-новата обвинителка. Таа веднаш ни соопшти дека оној кој пријавил рекет не може кривично да одговара. Таков бил законот. И новиов “ангел“ повторно зазема страна. Страната на парите.  Колку што излезе информацијата, дружината “Братско стебло“ веќе собрала 1.5 милион евра од “сведокот“или “сведоците“. Сега истите тие се промовирани во “жртви“. Зошто не било тоа веднаш пријавено? Кога скокнала сумата за уцена на еден фантастичен износ, дури тогаш е вклучена целата машинерија во погон, на чело со докажано “чесниот“ министер за финансии. Што правиме со веќе дадените пари, без да бидат пријавени? Јасно е. За нив следува кривична одговорност. За сите што дале пари, а веднаш не пријавиле. А тоа од каде им е таков вртоглав кеш, е посебна приказна во која оваа старо-нова обвинителка  имам чувство дека нема намера  многу да навлегува. Бившиот ангел им даваше куќни притвори, па ги ослободуваше, па им враќаше пасоши. Од оваа допрва ќе видиме на кој начин ќе “постојат законски пречки“  да се оствари правдата. Ако оди курбан само некое типче кое ужива во Луј Витон чанти, налет нека е.

Барем има народот со што да се забавува и да исчекува како во лош трилер кој е “убиецот“. Сега не дише од тоа кои се всушност Кики и Фрики. А ниту Кики, ниту Мики, ниту Фрики не се важни. Тие се само симптом на ова длабоко болно и систематски крадено општество. Впрочем, отворете телевизија и ќе ги видите главните виновници. Секојдневно парадираат. Не ви треба Херкул Поаро за да ви го претстави расплетот. Парите се украдени (ништо ново), парите секојдневно се крадат (ништо различно), се пишуваат имотни листови на сите страни. Главните актери се исти во секој режим, а тие се заштитени. Паразитите се размножуваат, наоѓаат нови газди за да виреат и ги зголемуваат фамилиите. Додека го пишувам ова, којзнае каков бизнис план прават. Ним, ниту еден “ангел“ ништо не им може. За ситни пари (за нив ситни, а за најсиромашната ни држава, многу крупни) се откупуваат, поткупуваат и ни се смеат во очи. Истите тие очи кои сега, сосема погрешно, се вперени во ликови кои не го прават ваквиот систем. Само го репродуцираат накриво насадениот политички систем, за кој полно пати изјавив дека мора да падне. Не е до луѓето, до системот е. Сè додека немаме прави луѓе на прави места, наместо верни на партијата гавази, приказната со Коки, Шљоки и останати ќе се повторува.

Впрочем, еден важен лик од сегашнава партија на власт, плус функционер, ни кажа дека, парафразирано, ВМРО ги научило на рекет. Како да е епидемија на морбили, а тие кутрите без имунитет, изгледа се подложни на секакви болештини. Е навистина не просветли. Ич не знаевме (многумина од нас) дека подземјето работи на исти принципи, дека исти ликови со различни дресови кои ги менуваат сезонски, возат јахти, градат вили, наградуваат бесни лајачи со половни возила, плаќаат сметки во кафеана колку две просечни плати на просечниот граѓанин.

Но сликата не би била целосна ако не признаеме дека се мисли и на граѓанинот. Најчесто само пред избори. Затоа, еве веќе сега, министерот за финансии ја ветува фамозната просечна плата од 500 евра. А малку да се вклучеше мозок дека, до моментот додека истата стане навистина толку, потрошувачката кошничка ќе вреди исто како и сега, кога просечната плата е околу 24.000 денари? Зошто? Просто е. За да им се зголемат вештачки платите, (поради што отиде курбан несреќниот лик бруто, нето, Данска), работодавачите или газдите, на пример во малопродажбата, ќе ги покачат цените на производите. Тоа веќе ни се случува. Ама народот, си очекува дека ќе му дојде “животот“. Додека тој исчекува да добие трошки од раскошната трпеза, недопирливите инсталираат апарати за броење пари во канцелариите.

Од ЕУ се бара да затвори и уши и очи за се ова што се случува. И тоа во континуитет. Датум за преговори? После сè, треба да си до крајност дрзок и бескрупулозен да плачеш и молиш за него. Но, ниту таа, ЕУ,  не може да се амнестира од одговорноста за тоа што се потпира на сомнителни ликови, ги инсталира, ги бодри и ги држи на кусо јаже. Тоа е истата ЕУ која уценуваше со промена на името, како да беше најважен услов за влез во “рајот“ кој допрва самите тие треба да го создадат. Тешко. Трагичната личност Хан, еве повторно ќе не посети. Секогаш кога ќе избие некој мега скандал, ете го. Чуму? Да ја заштити инвестицијата која очигледно пропаѓа?

Никој не ни помага. Ако самите не ја отераме оваа страотна смрдеа, ако не се освестиме дека само губитник чека спас однадвор, ќе се забавуваме секој ден со по најмалку еден криминал. Криминалот ни е во политичкиот систем. Тој мора да падне!

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)