КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Нема правда, има мир

772

Во целиов правно мафијашки галиматијас кој се одвива на отворена, но повеќе на затворена сцена, барем неколку работи се засега јасни. Велам засега, бидејќи дури и во лоши криминалистички романи, има безброј пресврти. Кој знае што ќе донесе следната недела и каков документ ќе исплива од смрдливата река?! Како прво, јасно е дека за “Рекет“ се знаело многу порано од божемното пријавување на ЗЗ. Второ, дека политичко криминалното друштво успеа“Империја“да го направи застарен и компромитиран предмет со што замислете, Камчев стана од обвинет, жртва. Не попусто, освен со пари, ја подмачкуваше Владата со фалби за нејзината рожба наречена Северна. Се разбира не за неговата ЕУ иднина, туку за иднината на сопствената империја. Трето, стана јасна спрегата на извршната и судската власт со тајкуните. Патем, Русковска не објасни дали веднаш по дадениот исказ почнала да прибира докази за истиот или чекала да види дали целава афера може да остане под тепих. Дегутантно е дури и да се следат сите роднинско пријателски врски на политичари, судии, обвинители и криминалци. Заеднички вечери, дружби, ѓезмиња, “пријателски“ посети, безбедни станови, рекреативни пукања на Камник, торби со пари, фиктивни проекти преку фиктивни невладини здруженија, уништени докази…Со еден збор, распад на целиот систем. А во распадот, секогаш царува мафијата. Таа има свои правила, свој кодекс на однесување. Ние сме најчесто само наивни набљудувачи. Не би ме чудело да е и ова дел од некој проект, чија цел допрва ќе се дознае. Сега само се насетува.

Од сите кабаетлии кои се бранат со ФБ статуси наместо во обвинителството, ја ставија Катица во притвор и мислат се заврши работата. Правдата стига, еве само што не е. Истата вознесена толпа која ја славеше оваа дотогаш сосема анонимна личност, со непостоечки референци од организиран криминал, со повеќе од скромен речник и знаење, сега повикува на линч. Дури и нејзините масно платени “советници“ за штогоде. На кого линч? Повторно на измислениот лик. Исто како да бараат да се линчува компјутерот Хал од “Одисеја 2001“. Катица беше обичен политички производ. Модел на робот 2015 изваден од фабричката лента во Пржино, на кого воодушевената толпа му вдахна живот и вештачка интелегенција. Роботов пак, како што бива во научно фантастичните филмови, излезе од контрола и почна да работи малку и на своја рака. Ова “малку“ е оставената резерва, бидејќи лесно се погодува, дека роботов послушно работел според таен, супер програм кој го раководел целиот проект. Од првите театарски пресови, преку строгата селекција на смешни предмети, преку намерното застарување на вистинските, преку милоста и содружбата со најдебелите крапови од нашава баруштина, нивно произволно ослободување од притвори, враќање на пасоши, до бекства кои тоа не се. Тајниов програм требаше и доведе (засега) до промена и на името на државата. Роботов збрлавен од славата, разлетан по приеми во разни амбасади, надуен од комплименти, се помамил и по скапи бунди, намештаи, парфеми. За торбите со пари пак, сигурна сум дека имаат своја вертикала до врвовите на власта. Тоа им доаѓа како бонус за “правдата“ која ја донесоа.Правдата ја донесоа, а парите најверојатно ги изнесоа.

И тука завршува епизодата со роботот наречен Катица.Тие кои ја созададоа и кои се однесуваа како инквизиција кон сите оние кои ја проценија Ката соодветно, никому за ништо не одговараат. А нивната одговорност е далеку поголема, ако ништо друго, што беа користољубиви, незналици и лиживагани.

Сега се бара нов модел, за ништо да не се промени. Ист таков шкарт произведен од истата шкарт политика, кој како утре ќе биде виновен за сите понижувања кои ги доживуваме, за сите криминални дејства, за сета сиромаштија, за сите лажни ветувања, за пералните на пари на име на наши функционери растурени низ Европа и пошироко. За целата несреќа на генерации втурнати во безизлез. Повторно ќе се најде некој Педро кој ќе мора да виси. Ќе си го најдат без проблем. Се јавија веќе докажаните криминогени типови и структури да бараат “целосно расчистување на “Рекет“. Мирно можеме да дремеме до следната афера. Оваа до крај ќе ја расчистат. Кој? Па криминалците, се разбира.

И во екот на овој мега корупциски скандал, партијата на власт решава да не замајува со своите потпретседатели, со некои “драматични“ освежувања во своите редови. Дури и со подмладувања како огромен дострел на полуписмените. Ете по кој знае кој пат ни се повторува општо познатиот принцип на Питер Лоренс, кој вели дека луѓето во хиерархијата (во политиката и администрацијата) имаат тенденција да напредуваат до своето “ниво на некомпетенција“. Со други зборови, некој е унапреден на база на претходни успеси на некое работно место, се додека не стигне до нивото на кое тој повеќе не е компетентен воопшто, бидејќи способностите за едно работно место, не мораат да значат ништо за сосема различно, повисоко место. Еден чекор повеќе и паѓаш во провалија.

Така добивме и млада министерка за финансии директно од Групер. Ова ме потсеќа на една хумористична епизода во Куба, каде на една седница на владата, Кастро прашал дали во салата има некој економист?! Че Гевара кој дотогаш дремел, чул дека прашањето е: “дали во салата има некој комунист?“. Спремно одговорил со “да“ и станал министер за финансии. Подоцна Кастро си ја признал грешката, ама кое фајде за осиромашениот народ. Најважна компетенција е да бидеш човек од “доверба“ на шефот, типично за авторитарни режими.

Назад кај нас, ништо не ме чуди во држава каде имавме и најмлади премиери во светот. Видовме до каде стигнавме. Инаку за калфа во фризерница треба да имаш десет години искуство во струката. Оваа ноќна мора се повторува и со секој партиски директор. Наместо да се даде можност на човек кој постепено напредувал во својата струка и институција, тој да стане директор без разлика “чиј“ е, кран инсталира партиски директор кој точно го исполнува принципот на Питер. Така, сигурно и без остаток, несреќата се репродуцира во секоја наша институција. И криминалот.

Додека трае овој распад, владее чуден мир. Луѓето немоќно гледаат како се распаѓа нивната држава, нивните села и градови, нивните болници, нивните училишта, нивните факултети, нивните патишта, нивните фондови, сите нивни институции, нивните фирми, нивните природни богатства, нивниот воздух, нивните соништа, нивните деца, нивната надеж, нивната иднина. Распаднати се дури и сите патокази на патиштата, бидејќи нема пат кој води некаде. Сите покажуваат само кон ќорсокаци. Засега!

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)