КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Нема Европска, само Северна

175

Во целава хистерија околу најскапата анкета во историјата, најдрската лага која ни се продава е таканаречената “Европска Македонија”. Зарем некој е толку наивен да поверува дека Европа наеднаш ќе не засака поради променетото име? Истите оние кои тонат во корупција, но замислете дозволувале да бидат фатени во кражбите (според зборовите на нивен функционер), дека тие ќе донесат некакви вредности?! Очекуваат некој нормален да поверува дека Европа ќе ни воведе правна држава, ќе не лечи без пари, ќе не образува бесплатно, ќе ни ги зголеми платите и пензиите? Секој кој живеел и работел во Европа знае дека тоа едноставно не е точно. И која порака ја праќаат до народот? Дека никогаш нема да можеме самите да направиме нормално здравство, образование, независни медиуми, правна држава, дека се што ќе ни треба е пасош на Северна Македонија и ќе влеземе во рајот.

Слично како бомбашите самоубијци. Сега разнеси се, ама ќе ти биде поубаво таму горе. Не знам кому веќе не е јасно дека самите тие се пречката за еден нормален, безбеден и вреден живот. Нивното немање на вредности, го проектираат врз сите граѓани и нивната немоќ да управуваат нормално, ја покриваат со познати брендови од типот на НАТО и ЕУ. Брендови кои се климаат и од внатре и од надвор и чие влијание видливо се менува.
Македонците, но и сите граѓани, треба да знаат дека овој срамен договор со Грција, не е влезница за ЕУ. Како и досега, со било кое име кое го носиме, по тој долг пат кој ќе го изодува Македонија, ќе има уште уцени, ќе има растење на национализмот и во Бугарија што веќе и се гледа, ќе има уште лажни договарања и се на наша штета. Како е можен воопшто “фер” договор со Грција и Бугарија, а кој нема дебело да ни го оштети фундаментот, кога тие две земји не признаваат македонска нација?! Ниту македонско малцинство. Со кој ум се потпишува договор каде сите наши обврски треба да ги испорачаме веднаш, а нивните “обврски” се во иднината која никој не може да ја гарантира. Со други зборови, ќе имаме за земање. Се запрашал ли некој во кој правец самата ЕУ се трансформира?! Се сеќаваме на една од пропагандните пораки за БРЕГЗИТ која велеше дека евентуалниот влез на Македонија во ЕУ ќе биде крај за Унијата. Со нас го плашеа сопствениот народ. Токму тоа не го сакаат: да нагрнеме кај нив за работа, за лечење, за учење под услови исти како за Англичаните. Притоа, нашето име воопшто не им беше важно. Колку такви земји има и ќе има, кои ќе пишуваат нон пејпери за тоа дека ние, иако прекрстени, не ги задоволуваме условите за влез во Унијата. И пак ништо. На секое поглавје, ќе следуваат нови уцени, од нови политички сили, анекси на скандалозниов договор, прогон за секое лизнато зборче “македонски”, пијачка за академиците од пет пари политичари. Ако еднаш се падне на уцената, готово е. Нема крај.
Го донесоа бирократот Хан да се заканува дека никогаш Македонија нема да станела членка на Унијата ако не го сменела името. Сега или никогаш. Молам? Зошто? Бидејќи тие, големите мангупи, не не сакале со нашето име, туку само со името кое им се бендисува на шовинистите во Грција. За нас е “сега или никогаш”, а тие не не примаат сега, туку попрво никогаш. Што ќе се случува утре? За десет години можеби ќе имаат и некои други желби. Можеби и градовите треба да ни се преименуваат; можеби и нашите имиња ќе треба да ги промениме; можеби сите книги ќе треба да ги запалиме; можеби и некое делче ќе си побараат; можеби кантоните од Берн…кој знае. А каде ќе биде Хан за едно 12-15 години кога можеби, а можеби и не, Македонија ќе се доближи до Унијата? Можеби ќе му се врати на коцкарскиот бизнис каде се игра на се или ништо. Ќе ги нема ниту Меркел, ниту Могерини, никој од оние кои дојдоа практично да укнижат по некој бирократски поен на наша сметка и по налог на нивниот Голем Брат.
И вазаливе веднаш се потресоа. Почнаа да го плашат народов со најцрни сценарија. Најпрво дрско лажеа со придобивки, кои патем се далеку светлосни години од нас, но потоа тргнаа во чиста субверзија. Ќе биде апокалипса, ќе не удри астероид, ќе завладее чума ако не се прифати договорот Заев-Ципрас со сите свои небулози внатре. Каков ни е премиерот, заедно со тајфата, попрво треба да се заклучи дека никако не смее да се прифати ништо што оваа нестабилна и лажлива тајфа потпишала. И без да се чита, може да се претпостави. Уште ни ѕвонат во ушите зборовите за тоа “ниту еден Македонец…бла,бла”, па за пресечените раце и нозе, за клетвите од дома. Тоа “Илинденска Македонија” , се уште некои следбеници не можат да го тргнат од тетоважата на градите. Имаше и паднати од крушка, на кои им се бендиса и Република Крушево. Влегоа во тотално бунило, следејќи го водачот кого го водеа други. Како нему ќе му вртнеа заушка, така следбенициве менуваа позиција. И дојдоа до пијачката од Стево. Гревови.
Читам дека таканаречената “експертска јавност” очекувано пропагира дека не бил важен цензусот на претстојниот референдум (бидејќи е невозможен) туку позитивните резултати. За нив и да излезат 13 граѓани, како на митингот на Пендаровски во Битола, или на Рада во Струмица, или на Димитров во Охрид, битно е 7 од нив да бидат “за”. За експертите од овој тип, исто така очекувано е, да не постојат ниту Устав ниту закони и како што јавно кажа нивен функционер во чии раце се Европски фондови, “правото требало да биде и е, само алатка во рацете на политиката”. Молам. Се оќоравеа од читање препораки каде прва реченица е “владеење на право и правна држава”, ама ништо не разбраа. Во земја каде нема експерти во речиси ниту една област, каде за секоја посериозна операција се повикуваат луѓе однадвор, политички експерти израснаа на секое ќоше. Време е да се организираат во чети, бригади, во формации кои нема да го оставаат премиерот сам кога ќе се заканува со прогласување на антидржавни елементи. Ме интересира што велат “експертите” за одврзувањето на кесето пред референдумот. Јад и чемер.
Но, ние “заостанатите” инсистираме сепак на правото. Според Устав и Закон за референдум, независно од невидените притисоци, поткуп, закани со пензии, закани со војни, со што не, референдумот нема да го постигне бараниот цензус. Бидејќи не е возможно. А дали они ќе ги прифатат резултатите од тој пораз, е тоа нема да зависи од нив и од нивната добра волја. За тоа својот краен збор ќе го кажат оние кои ќе бојкотираат, бидејќи тоа ќе биде јасно изразената волја на народот. Ако пред тоа Уставниот суд не се осмели и не ја поништи неуставната одлука за референдум.
Затоа народе, не излегуваш за Европска Македонија. Понудата е Северна Македонија која ја нема на билбордите, ја нема во рекламите, ја нема во референдумското прашање. Бидејќи е срамна. Бидејќи е крај за еден народ, бидејќи е пораз и никако придобивка. Бидејќи ќе се гласа за нов Устав со непозната дефиниција. Бидејќи е предавство. Во тоа Владата не е сама. Внатре се и 120 годишните “борци”, таканаречени професори, естрадни ѕвезди, алчни за пари и функции. И експертската јавност, њхатевер ит меанс.
Само не ми е јасна една работа. На толкава пропаганда и програмирани чекори: како го одбраа денот за референдум токму на Денот на македонскиот ајвар (ДМА)?

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)