КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Лажги со опашки

1051

Излезете за Европска Македонија!

Нашите граѓани ќе се лекуваат бесплатно во Европа!

Нашите студенти ќе се школуваат бесплатно во Европа!

Лажат оние кои велат дека во јуни 2018 не е прецизиран точниот датум за почеток на преговорите! Ние веќе имаме датум!

И удри тапаните по села и градови. Журка, тешка “само“ стотина илјади евра за лаги.

Ова е само дел од употребениот арсенал на лаги пред референдумот минатата година. Ниту еден билборд, ниту една реклама не им кажа на граѓаните дека гласаат за НАТО, или пак не дај Боже за Северна Македонија. Се сервираа само мокри соништа за Европа и нашата светла иднина во неа.  Дури и да добиевме датум, ништо, ама баш ништо од горните ветувања не е точно. Но, се разбира, полесно е да чекаш и молиш, одошто да работиш. И најлесно е да лажеш.

Насекаде има политичари кои даваат лажни ветувања или се служат со лажни податоци. Но, кога Борис Џонсон кажуваше дека Велика Британија внесува во ЕУ по 300 милиони фунти неделно, наместо со тие пари да го подобри националниот здравствен систем, го фатија во лага и подигнаа обвинение против него за “заведување на јавноста со лаги“. Злосторство и казна. Колку ли обвиненија треба да бидат подигнати кај нас?! Секој ден се сервира барем по една масна лажга. И никому ништо. Во земјата на чудата на Алиса, се што е ненормално, нам ни станува нормално. Така систематски вакцинираните луѓе, веќе се научија низ едно уво да им влегува, низ друго да им излегува секој муабет на нашиве политичари.

Состанокот со канцеларката  Меркел, кој траеше отприлика колку и надлетувањето на Македонија со суперсоничниот бомбардер Б-52, заврши како што сите очекувавме. Берлин на солзите не им поверува. Најмалку на детските приказни за Русија, Кина, Марсовци и Индијанци кои ќе завладееле со земјава, доколку Заев мора да си даде оставка, а втора линија на одбрана нема. Само некои “гадни“ националисти и перверзни типови. Темнина ќе го обвие целиот регион, дури може да влеземе и во ново ледено доба. На толку аргументи, јас не знам како Меркел не попушти, не се сожали над клетата судба на кандидатот во обид за Нобелова награда. Целата делегација од Северњаци, ми наликуваше не оние Тибетски верници, кои километарскиот пат до Ласа го одат со фрлање на земја. Педа по педа. Тие на крајот од патешествието добиваат чест да го видат Далај Лама лично. А нашиве се фрлаа за џабе. Само ‘рбетите им се свиткаа уште повеќе. Датум ќе има, можеби и не, најверојатно.

Никакви гаранции не се дадени, како  впрочем што ги нема ниту во договорот од Нивици. За нас се е на “жими мајка“, а за првата страна се е вдлабено во камен. На ист “компромисен“ начин ни ги менуваат учебниците. Да ги видам нашиве да чепнат по туѓите учебници!

Супер лагата за давање на оставка доколку не добиеме датум во јуни оваа година (проширено на истово ова лето господово) и распишување на предвремени парламентарни избори, веќе и не е вест. Кажано, па излижано. Веќе денес самите се демантираа. Оставка немало да има, ниту избори. Само метличето малку ќе заметело по испоганетиот двор. Сите опозициски партии како Алијанса,  Беса (беса е беса, зборот е збор) и некои помали опозициски партии, бараат предвремени избори поради јавно даден збор  и “заведување на јавноста“. Но, најголемата опозициска партија, ќе била конструктивна и ќе и помагала на Владата. Уау! Бунило. Како можеш да тврдиш постојано дека некој лаже, краде, државата тоне, економија нула, штетни договори се потпишале, а да бидеш конструктивен со истиот тој и таков?! И уште да му помагаш! Тогаш не си за Европска Македонија, туку за уништена. Или самиот лажеш кога тврдиш дека противникот е никаков. Играта, или како што го нареков повеќе пати, танцот на волците, продолжува. Ајде што му направија цензус на Пендаровски, ајде што не го  бојкотираа јавно неуставниот референдум (што пропаднал, “за жал“), ајде што не излегоа потоа од Собрание, туку и натаму ќе им помагале во уништувањето. Некој им кажал дека биле државотворна партија па морале да играат по нотите на меѓународна. И ги излажал. Едно е да играш по ноти, друго е да водиш суверена политика. Вторите, сите повеќе ги ценат. Вклучително и Меркел.

Датум можеби и ќе добиеме (а можеби и не, најверојатно), па дури тогаш, јавајќи и на бранот на приемот во НАТО во декември, власта ќе распише избори. Веројатно напролет, кога ним најмногу им одговара. Во меѓувреме и Гоце ќе го дадат како на саем за земјоделски производи. Тогаш сигурно ќе се делат и медали за “конструктивност“ во Северна.

На раководствата на партииве и на целиот државен врв (со исклучок на Џафери и точно тројца пратеници од цели 120), некни им беше страв да се појават на чествувањето на денот на државноста на Руската Федерација. Да не им стави минус Западот, односно небулозите на Заев за окупација од Марсовци, да не станат наеднаш реалност. Требало во најмала рака од општа култура да го знаат американскиот филм “Русите доаѓаат“ кој е пародија и се исмева точно на ваквото параноично однесување. А истите тие, за чудо, се појавуваат кога на пример, слави Катар. Значи ли тоа дека некој ќе ги прогласи за про-катарски  расположени? Не, повеќе се работи за немање на домашно воспитување и основна култура. За дипломатија, воопшто да не зборувам. Возењето на еден колосек, без алтернатива, може еве како сега да ви приреди едно големо ништо. Бидејќи, да не се лажеме, дури и да го добиеме фамозниот датум, ќе имаме децениски долги и тешки преговори. А државата нема да се оправи сама од себе поради датумот.

И додека сите се бавиме со супер лагата за добиениот датум, опа нова вест излезена директно од несвеста. Груевски избегал во багажник, тврди и заверува лично Заев, кандидат за Нобелова награда во категоријата “Баронот  Минхаузен и неговите браќа“.  МВР не знае за ова, обвинителството пак воопшто нема докази. Сите креваат рамиња. Да го парафразирам Марк Твен: Заев толку лаже, што за ова можам и да му поверувам. Кој, ако не тој лично, знае повеќе за тоа како го избегаа човекот?

И за крај, се кладам  дека, од толку напластени лаги, сите веќе ја заборавија лагата наречена “една изборна единица“. Не, почитувани. Се работи исклучиво на тоа да нема изборен праг, или фамозниот цензус. Се изнамачија да го постигнат во два наврати и тешко им падна. И се потешко ќе им станува. Ете за ова им е потребна конструктивност. И се разбира за парите кои сложните браќа си ги напакуваа во милионски суми за себе. Носот на Пинокио порасна за уште еден сантиметар.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)