КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Кусо паметење

494

Од толку лаги, од толку скандали, од толку докази, од толку очигледни кражби, од лажни ветувања, од толку креатури кои се редат во политикава, од тепачи, криминалци, од понижувањето на народот, од неговиот опстанок на работ на сиромаштијата, од умирањето без потреба по нашите болници, од децата со сите петки (светско чудо), нема да остане никакво колективно паметење. Најлошо од се, нема да бидат извлечени поуки. За жал, стануваме нација која се однесува како да е на опојни дроги. Немаме моќ, па дури ни основен животен инстинкт  да се одбраниме, да алармираме, да казниме. На злото да му дадеме име и да го нападнеме. Се забораваме како да не било. Исти луѓе, исти политики, исто ѓубре ни се продава со децении. Мемориските картички ни ги прегореа. Ќе дојдат избори и пак ќе почнат со истите финти. Излегувај бргу, оти победуваат другите. А и едните и другите не доведоа до чиста и недвосмислена пропаст. Едните биле никакви, ама другиве малку по не никакви. И ајде, нова доза на заборавање, па на опростување, па нова доза на разочарување, па нова доза на каење, па нова доза на барање олеснителни околности за и натаму целиов циклус да се повторува. До кога? Додека не си замине последниот витален човек, додека не не снема.

ШТО ЗАБОРАВИВМЕ ИЛИ ЌЕ ЗАБОРАВИВМЕ, А СЕ СЛУЧИ САМО ВО МИНАТАТА НЕДЕЛА?

Еве доживеавме и некои од владините верни новинарски “бардови“, да добиваат закани од “нив“. Само поликлиничките случаи се оставени на мир. За мир во психијатриската клиника, која кај нас редовно се нарекува “Влада“. Во таа институција, ако си нормален, ќе побудалиш. Ако си вреден, ќе добиеш дијагноза на “хиперактивен“. Ако не тепаш во канцеларии, не се вклопуваш во друштвото. Ако имаш разум, ќе те направат будала. Ако се залеташ и во еден момент изустиш  дека Царот е гол, стануваш непријател број еден. Не само нивни, туку на целата нивна мафијашка држава. Ако правиш бизниси и ги умираш последните претпријатија за да ги присвоиш, тогаш си супер.  Вежбано е ова низ партиските им тела и органи со децении. Кога доаѓаат на власт, принципите кои се посилни од Законикот на Хамураби вдлабен во камен, само се ставаат во погон. И секој знае што смее, а што не смее да прави. Или така си мисли. Има и наивни, кои помислиле дека имаат и тие трошка право, малку да ја караат владата. Или се наивни, или се разочарани од делењето на пленот. Во секој случај, нам овие мали бранчиња кои решиле да брануваат, ништо не ни менуваат. Бидејќи, бранчето удира час ваму, час таму. Зависно од тоа, каде дува ветерот.

Гоце Делчев по втор пат го предадоа своите. И сите молчат. Најсилно одѕвонува молкот на преправените војводи кои галопираа до Мечкин Камен и нивните газди. Ги натоварија магарињата со пари, ги уценија, па сега кротко и од бунар ќе шепотат. Немаат став или низ многу итерации и судни маки, таму некаде зад седумте планини, прошепотеа тежок збор: Гоце е Македонец (најверојатно). Навистина! Леле каква вистина ни открија.  А да се побунеа јавно таканаречените наследници на комитите и војводите? На ум не им паѓа. Чекаат  самопрогласените “наследници“ на партизаните да го довршат  своето бесчестие, па тие да бидат помалку криви.  Ама пустото, зборот “конструктивни“ ги прави соучесници во масовните летни распродажби.

Деновиве на турбо работат таканаречените “историски“ комисии. Како да работат во гулазите на Колима, каде стражарите и осудените разговараат и донесуваат заеднички заклучоци. Едните, добро најадени, стоплени и со камшици во рацете, вторите голи и боси, тепани и понижувани. На крајот и убиени.  По зборовите на еден од нашите “комисисти“ уште веднаш биле уценети дека ако не се откажеме од Гоце, ќе не блокирале во нашиот влез во ЕУ. Која и онака не блокира. Меѓу сите поголеми сили, дури и Грција, која нашата евидентна проституција ја вреднуваше со “воздржани“.  И тие, таквата квази историска комисија со задача да ја ретушира нашата историја, замислете не ја напуштиле веднаш. Напротив,  се откажале од се живо и диво. За кого покојниот историчар Христо Андонов Полјански напиша епохални дела во 11 тома за Делчев и за тој дел од нашата историја?!  Ништо не е свето, освен магловитото ветување за “подобриот“ свет, кој нам не може да ни припадне. За Неверланд. И покрај толку молби и жалби. И покрај толку скршени рбети. Да одиме поназад. Кој нормален гради “добрососедски“ односи врз база на минатото, а не го гради патот кон иднината?! Како да сме некој народ кој извршил геноцид врз соседите па сега треба да им се извинува, како да сме изгубиле војна, па сега на зелена маса треба да потпишеме капитулација, како да сме под раса во балканскава крчма на пијани и неизживеани типови. На крајот од оваа будалаштина, најисправно би било да речеме како англискиот лорд, на кого дури на крајот од животот му напишале писмо дека е примен во клубот каде сакал да влезе со години наназад:“ јас не влегувам во клуб, кој прима такви како мене“. Пренесено на нашево дереџе, ова би значело дека држава која се откажува од себе, навистина не е достојна за ниту еден “елитен“ клуб. Но, за жал, и приказнава за нашиот Гоце ќе биде набргу заборавена. Бил наш, сега веќе е полу наш. Ќе дојде нова бура во чашата вода, или поточно баруштина и сите за кусо ќе се позанимаваат со неа. И така секој ден по неколку пати.

ЕУ била секси убавица! Не смеам ниту да помислам со што ќе го споредеше нашиот друг стратешки “пријател“. Треба малку да се исчита Фројд и одговорите да се обидеме да ги пронајдеме во рамки на психоанализата. Само за оваа изјава на нивниот шампион во дисциплината правење ајвар помешан со висока политика, Северњациве треба да си го стават прстот на челото, да ги облее црвенило од срам, да се препотат силно како во агонија од грип и да речат: не прелажаа. И да почнат редум да им се извинуваат на сите оние кои ги навредувале за “најдобриот“  мировен договор склучен во 21 век. Но, знам дека премногу барам од култот кој секое утро, броејќи ги парите, клечи завртено кон Муртино и се клања на богот на “прогресот“ кој држи проповед од полињата со марихуана. Премногу барам од оние кои ладно проголтуваа Република Илинденска Македонија (а сега Илинденците ги тргуваат како на сточен пазар), премногу барам од оние кои ставот “само да нема промена на Уставот“ за само неколку дена го променија во “како ќе рече Шефот“. Овој култ е далеку од наивен. Си наплаќа во чисти пари, во стипендии за деца, во тендери, во рекет, во работа за Светска Банка директно во Вашингтон. Каде е, се прашувам сестричката на Министерката со шлем? Кога ја испратија талентката на “гурбет“? Колку ли просечни наши плати заработува? И се враќа ли ДДВ-то?  Ама и тоа ќе се заборави. Одиме напред во ќорсокаков.

Од оставката не остана ништо. Зарем некој и веруваше во овие по сто пати кажани бајки? Една работа му признавам на човекот. Знае дека имаме кусо паметење. Тој знае дека лаже, ние знаеме дека лаже, тој знае дека ние знаеме, ние знаеме дека ќе заборавиме, тој знае дека веќе сме заборавиле. Така се исцртува нашиот маѓепсан круг, од кој ретко кој има сила да излезе. Најмалку секти кои се клањаат на  измислени божества (со од историјата украдени имиња)  и кои клечат на коленици за малку милост и за многу пари. Полнете мемориските картички и не заборавајте. Никому, за ништо.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)