КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Задолжителна лектира

1207

Деновиве имав добар, личен повод  да ја препрочитам  една од најдобрите куси приказни на големиот Марк Твен, “Кандидирање за гувернер“. Морам, како талон за политичко однесување и дефектна демократија, да ја споделам со читателите. Она што Марк Твен го карикира до крајност за да ја покаже валканата политичка игра во која нема простор за “страни тела“, кај нас е матрица на однесување, доведена до “совршенство“ веќе три децении.

Еден убав ден, Марк Твен решил да се кандидира за гувернер на големата држава Њујорк како независен кандидат со своја листа. Противници му биле  г-нот Смит од републиканската партија и г-нот Бленк од  демократската. Она што г-нот Твен го сметал за своја исклучителна предност, била неговата чесност и углед кој го уживал меѓу граѓаните. Многумина  му велеле дека тој е правиот човек, па зошто да не се обиде да ги победи, веќе докажано извалканите гадови?! За секој случај, се посоветувал со својата бистра баба, која го охрабрила поради неговите неспорни доблести, но му кажала и една важна реченица:“погледај во своите противници, но погледни ги и весниците, разбери какви луѓе се г-нот Смит и г-нот Бленк, па одлучи дали сакаш да се спуштиш на нивното ниво и да започнеш јавно агитирање заедно со нив“. Многу мудар совет.

Но, откако не затворил око цела ноќ, Твен сепак решил да се кандидира. Веќе утредента откога ја најавил кандидатурата, прелистувајќи ги површно весниците за време на појадокот, налетал на бомбастичен наслов :“Измама“. Во него го повикуваат да објасни, како тоа “чесниот“ Твен, 34 сведоци од Вакаваку, крајна пошта Кошинина, го обвинуваат дека на една сирота вдовица се обидел да и го одземе последното парче земја засадено со банани?!  Г-нот  Твен е должен, продолжува весникот, да му објасни на народот чии гласови ги бара, но пред се пред себе, за каков човек станува збор. Нашиов кандидат, кој во животот не чул за  Кошинина, останал стаписан. Бесен и јадосан. Тој весник, откако неколку пати ја потсетил публиката со зборовите “како што можете да приметите, г-нот Твен значајно молчи околу измамата во Кошинина“ ,почнал редовно да го  ословува  како: “бесрамниот измамник од Кошинина“.

Уште неосвестен од овој скандал, веќе во наредниот број на престижната “Газета“, излегува наслов:  “Би сакале да знаеме“. Во него, го повикуваат независниот кандидат да објасни како тоа додека делел колиба во Монтана со свои другари, на истите им ги снемувало вредните работи, кои потоа откриле дека редовно завршувале во ковчегот на повиканиот?! Нашиов кандидат, кој не стапнал никогаш во Монтана, од тој ден натаму за Газета постоел како : “Твен, арамијата од Монтана“.

Започнал кутриот кандидат со страв да ги отвора весниците, како да открива ќебе под кое се крие опасна змија отровница. Еден ден погледот му застанал на наслов: “Фатен во лага“. Во написот на долго и на широко се објаснува како “патриотот  Твен, а всушност лажен“ тврдел дека дедото на познатиот американски знаменосец  Бленк Џ. Бленк е обесен поради обично друмско разбојништво. Ова го тврдат со свои потписи, под заклетва, четворица видни граѓани од Вотер Стрит. Одат и понатаму, велејќи дека ниту една порота во светот не би ги осудила оние кои на овој, од валканата совест  растргнат лик, би му нанела тешки телесни повреди. Како последица од оваа вест, ноќта Твен спасувал гол живот од “луто погодената и навредена јавност“ која му навлегла во куќата, пљачкајќи се на што наишла.

Се ределе безбројни написи, од страшен, пострашен. За еден, исто така престижен весник, Твен кој пиел само лимонада (и тоа одвратна), станал г-н Делириум Тременс. Главниот републикански весник го оптужил за “масовно подмитување“, а демократскиот за “уцена“. Од тој ден, едните го ословувале како “Твен, валканиот корупционер“, а другите како “Твен, одвратниот поткупувач“.

На сето тоа, доблесниот граѓанин Твен, не чувствувал потреба да одговара и да се оправдува. Но, луѓето кои работеле во неговиот штаб, и самите изложени на потсмев и притисок, почнале да го молат да дава одговори. Точно во моментот кога тој решил да се обрати, излегла уште поголема гадост. “Сигурни сведоци“ тврдат дека Твен запалил лудница заедно со станарите во неа, само дека го нарушувала видикот од неговата куќа. Потоа, дека го отрул сопствениот вујко,  за да се добере до неговиот имот. Агонијата кулминира со трибина на која Твен имал намера да демантира се што е нарачано и добро платено од опонентите и да ја демаскира партиската омраза кон него.  На трибината, додека зборувал, на самата бина се искачиле десетина дечиња од различни возрасти и бои на кожата, му ги гушнале нозете и започнале да му викаат: “татенце, татенце“.

Дигнал раце од се. Тоа го објаснил со познатите зборови: “не бев дораснат на барањата на изборната борба за гувернер на државата Њујорк“. Испратил писмо со кое ја повлекува кандидатурата, а го потпишал со: “Со почит, вашиот некогаш поштен човек, Марк Твен“.

Патем, погоре прераскажаната приказна, е преведена на многу јазици и во некои земји е задолжителна лектира. Некои, сега развиени земји и демократии, извлекле поуки (се разбира не само од приказни) и успеале да пополнат некои дупки во системот и демократијата. Успеале да го наштелуваат системот кој започнал, колку толку,  да се само казнува и само регулира. За нив, очигледно, образованието е сериозна работа.

Ние пак, како млада и целосно извулгаризирана демократија, лесно се научивме да живееме во свет на лаги и полувистини. Се научивме за жал, да го живееме само грдото лице на капитализмот каде со пари се купуваат и душите.  Пливаме само по дното, никако не сакајќи да се одлепиме од матниот талог кој ни се сервира секојдневно.  Доволно е една полуписмена будалетинка да лансира навреда, лага, гадост и многумина диригирани од центрите (а платени според силината на лагата, или почесто глупоста, па дури и вулгарноста) хистерично да почнат да лепат бесмислени етикети, навреди, да повикуваат на линч. Па оди демантирај, објаснувај, правдај се.  Овде ќе додадам уште една мисла на писателот: “додека вистината ги врзува чевлите, лагата го обиколила светот“.

И тука, како и во приказната на Твен, владеат две банди со огромни (наши) пари и медиумска моќ. Ако не си со едната, мора да си со другата. Живот вон нив не смее да постои. Независни, трети, четврти, за нив се еднакви на “Осмиот патник“. Стануваш туѓо тело кое ги збунува, лути, а богами и плаши. За разлика од овие “тела“, странските им се блиски и разбирливи. Ама приказната е од крајот на 19-тиот век, а сега е 21-ви. Поразува фактот што никако не извлекуваме поуки. Ќе да е до образованието!

 (авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)