КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: До гуша во правда

625

Кој е нормален ќе полуди. Ваков правен хаос, досега невиден дури ни во жална Македонија, не се очекуваше ниту од само наречените реформатори. Аман, не реформирајте ништо! Спакувајте се и одете на продолжен одмор.  Сите до еден. Повеќе има шанси системот сам да се стабилизира, макар со правници вработени во разни фирми, одошто со главниве ѕвезди, чие перде е одамна пукнато. На јавна сцена, по не знам кој пат се посрамотија, клекнаа пред политиката, пред привилегиите, но во крајна линија се сомневам дека можеби се работи и за класично незнаење покриено со врвни титули.

СЈО со воодушевување го формираа, со уште поголемо го пензионираа. Едногласно. За него воопшто не жалам. Уште помалку за оние кои, иако преплатени да мислат и одлучуваат, донесоа фаличен закон преведен набрзина со Google translate (“знаете Грчева, ова мора да се гласа брзо, макар со маани“), донесоа смешна личност која наликуваше на Форест Гамп (“Грчева, вие го штитите криминалот ако не ја гласате госпоѓата Јанева“) и сите тие имаат одговорност пред излажаниот народ.

И сега после оваа невидена брука, замислете го премиерот (шеф на извршната власт) кој во еден момент се обиде да се стави на чело на Советот за реформи во правосудството (на независната судска власт). Па нели е симпатичен неговиот порив и ентузијазам за реформи?! Ма немаше да лазиме и да клечиме пред ЕУ! Ќе летавме во прва класа, незапирливо, а таму ќе нè чекаа со веќе отворено шише најскап шампањ. Токму поради “Рекет“ кој според неговите зборови “ни прокнижувал поени“. Наоружани со два цврсти, како гранит адута: во левиот џеб променето име, во десниот “Рекет“. Уау, каков “вреден“ и балансиран багаж! Па дали знаат тие “клети“ странци колку рекети има видено овој народ, па колку изнесени пари, па колку торби со пари се предавани од рака во рака (од власт на власт), па колку перални за коли се отворени по белиот свет за перење на пари, по примерот на пералната во серијата Бреикинг Бед? Јас навистина не знам што уште треба да направиме да нè примат во ова друштво. Барем совеста ни е чиста, дека направивме сè, ама буквално и невозможни работи (најмногу  незаконски), досега невидени, а тие така со нас. Не е ферски, што би рекол Пере од Дебар Маало. А ЗЗ патем, има обезбедено сигурно место како стенд ап комичар во било кој Театар на апсурдот. Може да одбира земја. Јазици владее, а менаџери и менаџерки, веќе има. Ако пред тоа не реши некој да ѝ прави друштво на Ката.

СЈО со воодушевување го формираа, со уште поголемо го пензионираа. Едногласно. За него воопшто не жалам. Уште помалку за оние кои, иако преплатени да мислат и одлучуваат, донесоа фаличен закон преведен набрзина со Google translate (“знаете Грчева, ова мора да се гласа брзо, макар со маани“), донесоа смешна личност која наликуваше на Форест Гамп (“Грчева, вие го штитите криминалот ако не ја гласате госпоѓата Јанева“) и сите тие имаат одговорност пред излажаниот народ. Создадоа под наредба една институција, чиста политичка креатура, сега веќе докажано криминогена, чија единствена цел беше да се промени власта, а на уценетите капиталци од истата, влакно да не им фали. Ова последново не го разбраа, иако им се пуштаа сигнали, само шарените со маичките кои влегоа во филм дека токму тие и никој друг, ја рушат власта. Онаа веќе срушената од губернаторите. Не го разбра ниту советникот на СЈО (кој сега ќе правел “Ваша“ или поточно “Нивна“ партија) кој во една емисија само што не ми удри шамар зошто сум зборувала против ликот и делото на Ката, против која сега одеднаш почна и самиот да вреска. Дури сега призна дека му бил нуден поткуп, а пријавата, односно ливчето мистериозно исчезнало. Среќа бев вооружена со високи штикли, а професорот Калајџиев, исто така гостин во емисијата, безуспешно се обидуваше на ликов да му дотури дијазепам под масата.

Но, примадоните од СЈО, не може да се каже дека не го “оправдаа“ своето постоење. Отворија смешни предмети за никогаш не удрени шамари, за ене го здрав и жив мерцедесот, а успеаја да ги компромитираат сите докази за дебел предмет како „Империја“. Притоа, “империјалистите“ за ситна пара за нив, се откупија и се башкарат овде и по светот. За излажаните и пеплосани родители на оние кутри деца, ладнокрвно егзекутирани крај Смилковското Езеро, да не зборувам. Сите обвинети се ослободени, виновници нема. За нив бомбите (ако постоеја, во што се сомневам) не се распрснаа. За да не се распрсне коалицијата. На крајот, се се сведе на оние Кабуки театри кои ни ги приредуваа при отворањето на секој предмет, кои беа навистина забавни. Затоа и не се грижам за судбината на обвинителките од сега, бившото СЈО. Можат да избираат во кој театар ќе настапуваат на мала сцена, по полноќ.

Правната лакрдија си продолжува, како за промената на името на државата. Сега пак, власта ќе дозволела, опозицијата да предложи име за јавен обвинител кој ќе гони организиран криминал. Во нормална држава, ова е сосема прифатливо и добро решение. Но, знаејќи дека токму сите тие заедно, од најлукративни цели, ни ја донесоа Ката, не се сомневам, туку знам, дека оваа личност е веќе договорена за да ги задоволи заедничките потреби (а ги има многу), и никако не, да се задоволи правдата. Тешко ми е да оставам простор да бидам изненадена со некое име кое навистина држи исклучиво до професијата.

Цели месеци наназад не забавуваат со итноста од донесување на новиот закон за Јавното обвинителство, за сега лично министерката за правда да ни “плесне“ во очи дека не им се брзало. Па нели беше услов за добивање на датум?! Или доволно поени прокниживме со “Рекет“. Најдоа Соломонско решение: политички ќе си ги предадат предметите од СЈО, во ЈО и ќе продолжеле од истата точка каде СЈО застанало. Не може да не бидат свесни дека со тоа кршат најмалку два закона. Но на реформаториве, ниту закон им треба, ниту бутур. Само ферман од султанот кој на дневна основа разговара со клучни луѓе од правдата. Јас која не сум правник, но сум проанализирала стотици закони, тврдам дека ова е незаконски потфат. Сосема накусо, за да не ја заморувам недолжната публика со нашите правни специјалитети, само ќе наведам дека од одредбите на Законот за СЈО, неспорно произлегува ИСКЛУЧЛИВА СТВАРНА НАДЛЕЖНОСТ само на специјалниот јавен обвинител кој раководи со СЈО да постапува во вакви предмети. А неговиот мандат заврши. Енде. Крај на приказната. Значи, Јавното обвинителство нема ваква стварна надлежност и не може да постапува во вакви предмети без законска измена на Законот за јавното обвинителство за предмети кои произлегуваат од незаконското прислушување.

Но, правната лакрдија си продолжува, како за промената на името на државата. Сега пак, власта ќе дозволела, опозицијата да предложи име за јавен обвинител кој ќе гони организиран криминал. Во нормална држава, ова е сосема прифатливо и добро решение. Но, знаејќи дека токму сите тие заедно, од најлукративни цели, ни ја донесоа Ката, не се сомневам, туку знам, дека оваа личност е веќе договорена за да ги задоволи заедничките потреби (а ги има многу), и никако не, да се задоволи правдата. Тешко ми е да оставам простор да бидам изненадена со некое име кое навистина држи исклучиво до професијата.

Се сеќавам кога пред неколку години, еден директор на Идризово ми рече: “Кај мене лежат луѓе со вкупен кабает од 15.000 до 20.000 евра. Оние со милионите се сите надвор“. За првите се наменети насловни страници, спектакли, измислици, манипулации. За вториве, сè е по закон. Законот на џунглата.

Единствен паметен совет, деновиве чувме од господинот Прибе, кој рече дека само независни политичари можат да воспостават вистинско владеење на правото. Овие кои се на сцена, никој и никогаш. Како што на времето јасно ни кажа дека најголема болка во нашето општество е партизацијата, читај присвојувањето, читај корупцијата, во јавните претпријатија.

Сè дотогаш, додека не ни допре до умот дека сме потонати во “правда“ до гуша, има шанси  во “правда“ да се удавиме. Ова тонење, нема само од себе да запре. Треба сите заедно да го запреме. Тик, так…

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)