КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Сакам да кажам!

413

Сакам да кажам? Во ред, кажи си! Ама сакам сите да ме слушнат? Ајде, слушаме! Сите да цркнете! Во ред, ајде сега опушти се! Дечкото после оваа мудра мисла објави дека е новинар. И така сите човекомразачи, сите шпекуланти и манипуланти да ти носеле во себе скриена амбиција да бидат новинари. Се разбира, не сите новинари се мразачи, шпекуланти и манипуланти. Но во услови кога во државата владее општ хаос, зошто истото да не биде пракса и во медиумскиот простор?!? Секој сака да каже, да биде слушнат и да стане новинар. После тоа, откако ќе му се остварат сите желби, Господ напомош на тие кои ќе му се најдат на патот. Од вакви, онакви, најдолни… само и само затоа што тие „проклетници“ размислувале различно од „новинарот“. Најчесто зашто некој газда му нарачал на „новинарот“ тоа да го напише, зашто не на новинарот, ами тој несреќник згазнал на патот на газдава. Кога газдата е политички лидер, е, тек тогаш, навистина работава е Господ на помош!

Медиумите се огромна полемика. Има многумина стручни и компетенти да ја водат. Да најдат решенија кои ќе обезбедат ред и поредок во таа област. Најмалку да обезбедат нормализација на состојбата. Тука немам амбиција да се наметнувам со ставови. Единствено што можам е да им дадам полна поддршка и доверба на компетентните да обезбедат полна слобода на македонските медиуми. Сепак правото слободно да се каже е суштинско практикување на слободата. Секогаш сум давал и ќе давам поддршка за полна слобода на медиумите!

Сепак, го задржувам правото и јас слободно да кажам и да прашам само една работа. Кои се правата на граѓанинот и врз база на која процедура може истиот да побара заштита на сопствениот интегритет во случај да е безобразно таргетиран од некој политички лидер или „новинар“, кој не размислуваат исто како него? Еве сите тие експерти, компетентни лица нека дадат одговор. Гревот на граѓанинот е само тоа што размислува поинаку од „газдата“ на новинарот или на самиот новинар. Што може да го спречи еден „истакнат новинар“ во еден “ценет медиум„, без адреса на регистрација, без сопственик, без одговорен уредник, без одговорно лице, особено слободен медиум да собира сомнителен капитал и да бидат главен извор на лажни вести во земјава, да го стави во мелница различномислечкиов? Додека тој руча со своето семејство, без особена причина за нормалниот свет, во медиумскиот простор се појавува „шокантна вест“ за имот за кој именуваниот прв пат слуша или за роднина за кој ниту дедо му не му кажал дека се роднини?!?

За работата да биде покомплицирана, овој „новинарот“ не е сам! Неговиот газда лидер, неговиот појник, му обезбедил мрежа од „слободни медиуми“, загрижени граѓани на социјални мрежи, кои не постојат како такви на планетава Земја, и сите до еден оркестрирано и нарачано, се разбира веома врло слободно, таа „шокантна вест“ ја прошируваат како тифус низ целиот медиумски простор. Човекот уште руча, појма нема дека во последните триесет минути се стекнал со огромен нов имот, добил нови роднини. Сите знаат, само тој не знае. Телефонот започнува да губи нормално однесување, доаѓаат стотици пораки и повици, но еден е најбитен. Телефонира најдобриот другар, него мора да му се јави, па и ручек да прекине. После првото ало, имаш „пеер, што не си кажал за хотелот“? Овој именуваниот збунет вика „што, што“? Кога втора реченица, „абе и оној ти бил братучед“? Е сега, ако именуваниов на најблискиот другар не може да му објасни дека тоа нема врска и дека новинарот има газда, кој не е на исто мислење со него, па му нарачале „шокантна вест“, како да им објасни на останатите? На сите граѓани кои лично не го познаваат, но први се за оговарање и тие се знаат. А сега имаат и доказ! Несоборлив! Медиумот, лидер на слободна Македонија, известил за тоа. Нема бегање, кај што има чад, има и оган. Тоа е тоа! Што би рекле старите, око да ти извадат, име да не ти вадат!

Како резултат на тоа се појавува неподнослив бран на говор на омраза и закани по личниот интегритет на именуваниот. Тој фатен во небрано, има два избора. Да си наметне автоцензура и да се повлече од политика на пример или од некој бизнис, или да остане доследен на своето и да се бори до крај. Се разбира легитимно е, ако врати со исти средства. Само тогаш да не биде не е фер!?! Е фер е!!! Кога ова „новинаров“ со газдата имаат такво право во име на слободата на медиумите, тогаш и овој именуваниот има право „слободно да си каже“!

Проблемот е уште поголем. Не е еден таков медиум и еден таков газда. Полно се. Што правиме тука? Слободни медиуми или загрозени граѓани?!? За што зборуваме? И двете се важни, се согласувам. Мора да се најде решение и за двете. Но мора да се најде решение. Вака веќе не може. Не ја бива. Доколку овие со желба да бидат „новинари“, немаат можност да расудуваат нормално, немаат можност да направат дистинкција помеѓу јавниот и личниот интерес, тогаш тоа решението кое се нуди како пазарна регулација на медиумите, не сум сигурен колку ќе биде ефикасно. Подобро да не се троши време. Како идеја можеби е одлична, но за нормален пазар и нормални услови, но не и за ова што денес се случува во земјава, особено поради фактот што Македонија е под специјална војна за ширење на лажни вести… нешто слично како Црна Гора пред влезот во НАТО!

Во услови додека ги чекаме експертиве да се позанимаваат со политиканство, па и они си имаат свои политички газди, мораме да имаме разбирање и за нив, ние веројатно имаме две опции. Првата е да издржиме до нова година… па “заинтересираните финансиери” ќе ги напуштат овие „медиуми”, а тие без тој извор на средства, нема да бидат заинтересирани за нас! Втората е итна промена на законската регулатива, секој „медиум” да мора да пријави сопственик и одговорен уредник, па доколку продолжи оваа пракса, да знаеме кој е одговорен со свој личен имот! Сепак е време за одлука и акција!!!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)