КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Пред избори да се знае!

306

Народот го лажат! Народот е излажан! Политичарите лажат, пред избори кажуваат едно, после избори кажуваат друго. На кој да му веруваме? Веќе не знаеме во што да веруваме? Вакви милион прашања секој ден, на сите страни. Често викате доста е критика, кажете како треба… како да се направи? А не само што не чини? Па еве да започнеме со тоа како треба. Што да се направи. Прво како да се заштитиме од изборни лаги. Многу едноставно. Да побараме одговори на време. Пред било кој да побара власт, прво мора да одговори јасно и недвосмислено на низа прашања. Тие кои се најактуелни за тој период. Особено прашања кои се најтешки за политичарите, а на кои ловат во матно, многу гласови. На пример, доколку избори би се одржале следниот месец, треба да се побара одговор на клучни четири прашања. Политичарите да кажат јасен и недвосмислен став по сите четири. Вие господине „едикојси“ барате да бидете носител на извршната власт во Републиката? Сакате да сте премиер? Или претседател? Во ред. Ве молам за одговор. Кој е Вашиот став по однос на идентитетското прашање на Македонците, по однос на бугарскиот договор и грчкиот договор и како ќе воспоставите владеење на правото? Еве доволно е да одговорат на овие прашања. За народот да не биде пак прелажан. Како што ги поминаа Грците жедни преку вода. Да се каже јасно, што со тие четири работи, за да знаеме за кого да гласаме. Не после разочарувања, па како сите политичари се исти… па како биле неисполнети очекувањата… НЕ! Однапред, пред избори да се знае!

Во Македонија се отвори идентитетското прашање. И никој веќе не може да го затвори. Не е важно кој е или кој ќе биде на власт, следните 10 или 20 години. Процесот започна и ќе оди до крај. Старите структури се обидуваат да го сопрат. Да ги вратат работите назад. Се претставуваат за големи пријатели на македонскиот народ, а задната намера им е да му ограничат правото на истиот тој македонски народ, слободно да размислува. Да се осознае, кој е и што е. Се сеќавате на онаа „Македонски народе, не знаеш кој си, што си… другите те знаат… срам голем е за тебе, сам да се не знаеш…“ е тоа е тоа! Тоа е поентата, да се ограничи ефектот на оваа “песна”. Тоа е истиот тој процес за кој зборуваме. Осознавање на македонскиот народ.

Кој сака да отвори иднина за себе, треба да застане на страна на правото на нас Македонците, да се осознаеме. Кој ќе застане на страна на оние кои сакаат да не чуваат во минатото, во изолација, тие се осудени на пропаст. Има политичари кои нудат сè и сешто. Но најопасни се оние кои, под тепихот на патриотизмот, ни нудат да се вратиме назад. Нудат да се спречи овој процес.

Сакаат да ни забранат да се осознаеме како Македонци. Да се разбудиме. Да кренеме глава и да кажеме “Време е!”… сакаме да бидеме свои на своето. Сакаме да одиме напред, а не да останеме робови на минатото. Тие политичари се претставуваат како нужни победници… хахахаха… се смее… умира од смеење… напротив драги пријатели, токму тие ќе бидат губитници. Само гола власт сонуваат, а без таа сигурно ќе останат. На Македонија ѝ треба Влада која ќе го засили процесот на идентитетско осознавање на македонскиот народ, а не која ќе го запре тој процес. Ни треба нова Влада која ќе носи напред, а не ќе враќа назад. Со тоа прашањето е јасно. Кој е Вашиот став по идентитетското прашање на Македонците? Дали антиквизацијата постои? Дали е тоа природен или наметнат процес? Што со македонизмот? Што со македонскиот сепаратизам? Едноставно, кој сме ние Македонците? Ве молам за одговор на сите политичари. Да сме на чисто. После да не биде, не се разбравме… ама мораше така… Бугарите се лутеа… Грците бараа… не.. не… отсега да си кажете на кој став сте и да знаеме за кого да гласаме!

Следно е став по „бугарскиот договор“. Не околу, па на ќоше. НЕ! Јасно и гласно. Го поддржувате и ќе го практикувате „бугарскиот договор“ или не? Ако да, тогаш што конкретно ќе направите? Ако не, тогаш што е новата идеја? Како поинаку? Не може сега со приказните за предавничкиот бугарски договор, да собереме гласови што се може, а после избори не важи! Е не може така! Сакаме да сме на чисто. Бугарите ни ја крадат историјата или не ни ја крадат? Ние им крадеме на нив или не? Секој на некој нешто му краде или не? Заев и Лиле Попоска си кажаа. Другите каде сте? Доста со басните Македонија до Индија… доста со осудата на Заев што кажал… доста со предавници и патриоти. Не интересира став на сите, за „бугарскиот договор“. Да знаеме за кој да гласаме.

Слично е став за „грчкиот договор“. Го прифаќате или не?!? Ќе го почитувате или не? Кога ќе се смени Владата, ќе го поништувате Преспанскиот договор или не? Ако го почитувате, што и како ќе имплементирате, со оглед на тоа што во тој договор има многу што не може да се имплементира? Може да се злоупотреби. Е сега, како Вие тоа ќе го решите? Ако го поништувате, народот го интересира, како? Како ќе го поништите? И како понатаму? Дајте конктерно, без манипулации. За да знаеме за кого да гласаме.

Владеење на правото, ама само на збор?!? А на дело?!? Каде и кога?!? Кој е за супер специјализирано, специјално јавно обвинителство – СССЈО?!? Со странски експерти во него?!? Па и со странски обвинители?!? Има ограничувања во Уставот за странци?!? Во ред, кој е да се смени Уставот, само правда да добиеме?!? Можеме и државјанство да дадеме. Ако може на низа белосветски преваранти да даваме државјанства… од Индија до Белизе… можеме и на меѓународно докажани обвинители. Па дел од тоа ново СССЈО да бидат странски, ДОКАЖАНИ, експерти обвинители. Зашто доста беше приказни, како сите се борат за владеење на правото, ама само додека се добијат избори и се фатат позиции. После тоа, призмата на гледање на правото се менува… нешто се закривува, те на десно, те на лево… доста беше лажење! Ајде, секој кој сака власт да каже, како ќе донесе правда во земјава?!? Не да вети, туку да каже како? За да бидеме на чисто со тој човек. Да знаеме за кого да гласаме.

Ќе речете, еве и ти имаш политички амбиции, започни од тебе. Во ред. За македонскиот идентитет напишав низа текстови… јасни и гласни. Македонизмот за мене е природен процес, делумно резултат на македонскиот сепаратизам, кој е причинско–последично поврзан, со нечесните политики на балканските монархии, кон македонското прашање. Тука не истакнувам класна борба, никако! Тука истакнувам лични интереси и влијанија на нивните „поголеми братучеди“ од европските монархии. За мене, Македонци и македонски јазик денес постојат, и тоа е процес кој нема да се врати назад. Всушност самиот јас, сум доказ дека постојат. Јас се идентификувам за Македонец, кој говори мајчин македонски јазик. За мене македонската нација е поим, кој опфаќа граѓани на македонската Република, без разлика на нивното етничко потекло и себеидентификација. Бугарскиот договор го прифаќам како позитивен, особено за Македонија. Тука Бугарите направиле низа отстапки, во интерес на нас Македонците. Со намера да помогнат да опстои македонската државност. Треба да се имплементира во целост. За мене грчкиот договор е реалност без која не се може, истиот не може да биде поништен, па макар и некој да има 100 пратеници, зашто со негово поништување, ќе се сруши македонската државност. Тој договор има многу маани, тежок е за имплементација, која треба да ја запреме и условиме со наша брза европска интеграција. До влез во НАТО и ЕУ, Преспа не може да се оспорува. На никаков начин. Инаку за поддршката за СССЈО е повеќе од јасно. Со двете раце ЗА!
Доволно беше од манипулатори и ловци во матно. Редно е за храбри лидери. Не за калкуланти и шпекуланти.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)