КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ:  Поделба на Македонија

431

Македонците имаме страв од оваа порака – поделба на Македонија. Тоа секако ни е наследено од минатото. Цел живот учиме за поделбата на Македонија. На три дела или четири. Но тој страв иако извира од минатото, тоа не е само минато. Тоа, за жал, може да ни стане и иднина. Историјата се повторува. Тогаш зошто не би се повторила во тој дел?

Целта на ова писание не е да се занимава со историја. Со причините за поделбата на Македонија или со дилемата дали се поделила и што е тоа што си поделиле балканските сојузници помеѓу себе. Целта е да говориме за иднината. Поучени од минатото, да спречиме македонската трагедија да ни се повтори во иднината. Да не се повтори историјата. Политичките прилики и неприлики се променливи, како годишните времиња. На Балканот не се чека ниту сезона. Работите се менуваат месец за месец, недела за недела. Таа турбуленција, тие бури, тоа невреме се вратија на Балканот. Во Македонија сето ова пустоши. Направи и прави големи штети. Геополитичкиот баланс е нарушен. Нам ни одговараше доминацијата на САД на Балканот. Од причина што САД се најголемите пријатели на македонската државност. Единство на земјата. Полна интеграција во ЕУ и НАТО. Ако некој помагаше, помага и ќе помага, тоа се САД. Но работите се менуваат. Се менуваат пред сè дома во САД, а не само надвор. Стабилноста на Македонија останува приоритет на САД, но САД си има други маки од тоа да се расправаат само со нашево „пушкарање“ низ Балканов. Е тука лежи зајакот. Колку САД се повлекува од директен интервенционализам во балканските држави, толку повеќе нестабилноста расте и се остава простор за друго надворешно влијание. И секако друго внатрешно влијание. Надворешното е она источното, советското. Внатрешното е она бандитското, мафијашкото. Колку тие два центри на моќ се засилуваат, толку повеќе е ставена во опасност македонската државност.

Секоја држава има своја мафија. Само кај нас, мафијата си има држава. Школото со СЈО на сите „антимафијаши“ им дојде како постдокторски студии. Не слушаа дека приоритет е демократизација на политичкиот систем во земјава, инсистираа на „институционално решение“. Пази, институционално решение со Катица?!? Пази да не се засркнеш од смеење, почитуван читателу. Ова време–невреме, во услови на огромен раст на мафијашкото влијание во општеството, државата од внатре станува сè поранлива. Ден за ден. Губи здив во борбата со бандитите. Тоа е можеби поопасно од она што се случува надвор од земјата. Многу поопасно. Сите држави, па и империи, пропаднале од внатре. Ниту една не била поразена од надвор. Ние сме далеку од империја, па и од амбицијата да бидеме, но како нормална демократска Република, сме во опасност да опстоиме стабилни вака како што денес се познаваме.

Емоцијата околу „поделба на Македонија“, кај нас дома во Македонија е ирационална. Ние сме емотивни, а таа емоција ни ја заматува свеста. Така кога зборуваме за „минатата поделба“ исто низ емоции раскажуваме, а странците не гледаат чудно и викаат, а што тоа е поделено, не Ве разбираме? Македонија беше освоена територија од сојузниците и поделена како награда помеѓу нив. Ние тука веднаш емотивно враќаме, мајче… шајче, сè по список… на сите у… итн.. Но тоа е тоа. Тоа е суровата реалност. Светот така гледа на „минатата поделба“. Така ќе гледа и на идната, да знаете! Нема некој посебно да се потресе и поради фактот што денес не сме само територија, туку сме воспоставена држава во форма на Република. Геостратешките интереси се немилосрдни. Тие немаат емоции. Или не плачат како нас. Видовме што се случи во Брисел со одлуката на претседателот на француската Република, Макрон. Без око да му трепне, ни удри клоцата. Па и шамар ќе добиевме за малку. Ама ние сме смениле име… ама сме смениле знаме… ама сме смениле Устав… ама сме ова или она… е ако де, Ваш проблем, што ги менувавте?!? Сега носете се со сето тоа. Поентата едноставно да ја доловам е тоа што доколку дојде до таква балканска разрешница, на странците око нема да им трепне да ги спроведат своите геополитики на македонска сметка.

Третиот и доста сериозен фактор во таа насока е идејата за промена на балканските граници, пред сè во контекст на косовското прашање. Тука свои интереси имаат Република Србија и Република Албанија. Само Република Македонија има интерес да не биде дел од таа разврска. Ако малку се смешаме во таа манџа, ние ќе го платиме „рачунот“. Тука да бидете сигурни и да не барате друго мислење. Тука се судираме два концепта, македонскиот и српскиот. Два интереса. Секој си е легитимен сам за себе. Србите си имаат право да си го туркаат напред својот интерес, ние си имаме право да си го форсираме нашиот интерес. Со една разлика, во Србија, кој и да сретнеш на улица ќе ти каже дека се интересира за српскиот свој интерес. Во Македонија, кој и да сретнеш на улица, позагрижен е за српскиот интерес отколку за нашиот. Ама тука е што е… од кожата не се бега! Морам да бидам чесен и да истакам дека од средбите со српските дипломати, секогаш како заклучок сме носеле дека Србија нема интерес да ја руши државноста на Македонија. Но тоа е така на средбите со мене. Зад мене и во средби со други, ниту знам, ниту ме интересира. Она што ме интересира е од каде произлезе идејата за „балканскиот Шенген“ и неговата конекција со косовското прашање. Тука веќе состојбата е сериозна и појавува друг заклучок, наспроти оној на средбите за кои Ви пишувам.

Јасно е дека Србија и Албанија во тој проект не се за смешните поминувања на границите со лични карти или меѓугранична соработка, а тие две држави не граничат помеѓу себе. Тоа и онака го имаме со билатералните договори. Но што бара Македонија во тоа? Тоа е големото прашање. Има два одговори. Еден е логичен, друг е скандалозен. Ако потписот на премиерот Заев на таа иницијатива за „балкански Шенген“, под лидерство на Белград е во насока да ја убедиме Србија на компромис, односно дека нејзин интерес е да ја поддржи интеграцијата на Македонија и Албанија во ЕУ, дека во нејзин интерес е сите ние од Балканот, заедно да бидеме во чекалната не ЕУ, зашто така повеќе тежиме, тогаш ОК, оправдан е тој потпис. Зашто Макрон ќе го „омекне“ само Белград. Само доколку не е загрозен интересот на Србија на Балканот. Така и САД и Русија ќе имаат интерес, сите заедно да бидеме дел од ЕУ, еден убав сончев ден. Убеден сум дека во тоа можеме да ја убедиме Србија, а со тоа и претседателот Макрон. Но доколку тоа е постапка со која премиерот Заев се плетка таму каде што не му е местото, а тоа е внатре во косовското решение, тогаш тоа е скандалозен потпис, на уште поскандалозна иницијатива. Тогаш тоа е директен придонес кон новата „поделба на Македонија“. Кон идејата за прекројување на границите. Во овој момент се отворени и двете опции, без разлика на изјавата на претседателот Вучиќ за пораките од средбата со неговиот колега Макрон. Особено симптоматично е тоа „правење на тошо“, па како Макрон појма нема за оваа ујдурма, па денес дозна од Вучиќ. Дај Ве молам, не сме до толку!

Единствен спас за да не се повтори историјата, да не се повтори „поделбата на Македонија“ е да се држиме до Преспанскиот и Илинденскиот договор, да бараме нивно целосно исполнување, односно да бараме тоа што со нив се ветуваше – полна интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ. Во спротивно, мечката ќе затропа на нашата врата.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)