КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Македонци, имаме проблем!

933

Македонци, имаме проблем! Слободните заминуваат, робовите остануваат! Што сакам да кажам со тоа? Еве следново…

Скоро сите припадници на современата македонска нација, ќе се согласиме дека имаме криза на идентитет. Но многу мал дел од нас ќе се согласиме, дека таа криза е резултат на нашата состојба на умот. Таа постои само во нашите, македонски глави. Повеќето, како од пушка, ќе извикаат вината е кај соседите. Тие ни оспоруваат постоење на Македонци и на македонски јазик. Во суштина, најважните два елементи за нешто кое го познаваме како идентитет, во национална смисла на зборот. Етносот и јазикот на тој етнос. Но колку е тоа вистина и дали денес, сите наши соседи се согласни дека тие постојат.

Грција, како сериозно загрозена од нивната криза на идентитет, нели хеленизам и „грцизам“ не е исто, прифаќа се што означува „словенско македонски идентитет“. И словенска нација и словенски јазик, само хелинизам не им допирај. Тој хеленизмот, го создаваат тие лошите северјани, антички Македонци, а денешните Грци како слепи за стап се зафатија да градат современ идентитет, токму на база на тој хеленизам. За да го владеат северот. Од тука, тие имаат насушна потреба од „киднапирање“ на целокупното светско хеленистичко наследство, со цел да им опстане денешниот современ грчки идентитет. Зашто и самите знаат, тоа е помодарство и кај нив. Тие немаа таков идентитет пред само 100 години. Кај нас митови… имало глоси на античко македонски јазик… античките Македонци биле различни од „Грците“… ова „Грци“ во антика не постоело, имало атињани, спартанци, тебанци и сл. Ацо Големиот ги поразил клетите Грци кај Херонеја… и т.н. Точно е сето тоа… има глоси, различни биле, Ацо не баш, ама татко му ги поразил… и се е тоа во ред. Но што има тоа со нас денес?!? Зошто на база на митови, во сопствената глава си создаваме слика за оспорување на нашиот идентитет, а во суштина самите си го оспоруваме? Точно е дека Грците се исто толку словени колку нас, точно е дека имаат огромна криза на идентитет… хеленски ли, византиски ли… и тие не знаат кој пат да го фатат, но зошто ние со сила да се чувствуваме оспорени. Еве по новиот договор, Грција прифаќа постоење на современи Македонци и македонски јазик и точка.

Бугарија нема внатрешен проблем на идентитет како Грција. Има делумен, но тоа е повеќе од желбата, се да биде „бугарско“, отколку од реален проблем кој го имаат. Ако се земе психологијата на Бугарите и тие си создаваат самите проблеми каде што ги нeмаат. Но денес, после толку децении меѓусебни навреди, за нив постои современа македонска нација и македонски јазик. Спорен им е начинот како тие настанале, малку се себе ограничуваат со митот за Коминтерната и нејзината сила, уште веројатно некои од нив мислат дека Сталин е најголемиот фраер во белиов свет, но и тоа ќе помине. Причината е едноставна. Неможноста да се најде решение за македонското прашање, маките со Берлинскиот конгрес… сето тоа природно создава движење, кое се нарекува македонски сепаратизам, како резултат на што се појавува, поинакво решение за македонското прашање, кое Бугарите го нарекле „македонизам“. И се е тоа во ред. Не сме им ние Македонците криви, што Бугарите го избрале трновското говорно подрачје за литературно. Ние им кажавме да го изберат македонско подрачје. Тие донесоа погрешна одлука и тоа е тоа. Разликата на двата дијалекти, со тек на годините создадоа улови за кодификација на два јазици. Најслични на светот. Во ред, ама сепак денес постојат, како два различни јазици. И тоа не е спорно за Бугарија. Со новиот договор, сведоци сме дека за бугарските политичари веќе нема проблем да кажат, вие сте Македонци.

За Албанија и Косово, нема никаква дилема за Македонците и македонскиот јазик. За Србија одамна сме Македонци, кои говорат македонски јазик. Тие се откажаа од таа нивната јужно србјанизација. Тое е тоа. За сите словенски земји низ остатокот од светот сме Македонци со македонски јазик. За останатите земји, нема никаква дилема во тој поглед. Тогаш каде е проблемот?

Нашиот народ е напатен народ. Многу напатен! Многу крв, солзи, маки… преселби, трагедии… толчен, толчен, веќе дотолчен. Ропство со векови и векови. Сето тоа оставило трајни последици на нашиот менталитет. Ние имаме ропски менталитет. Ние сме живи робови, само не сме доволно свесни за тоа. Ако денес немаме поробител, ние пак сме робови. Робови на нашиот менталитет. Робови на самите себе. Како такви робови, ние едноставно не знаеме да живееме, а да немаме некој да не малтретира. Толчи и дотолчува. Ако немаме, ќе си го измислиме. Проблемот е што ние не знаеме да живееме без проблеми. Па си бараме проблеми во се и сешто. Ако ги немаме, ќе ги создадеме. Ако не можеме да ги создадеме, ќе ги измислиме. Битно е проблеми да имаме. Ние во тоа уживаме. Како во базен кога пливаме, уживаме да имаме проблеми.

Ако сите низ светот јасно и гласно ни кажуваат дека за сите нив, сме Македонци кои говорат македонски јазик, кај нас пак имаме проблем. Проблем е сега зошто тоа ни го кажуваат? Па како бре луѓе ние да живееме без проблеми?!? Тоа ние не знаеме! Што е сега ова наеднаш да немаме проблем со идентитетот? Па како ќе останеме живи, ако немаме проблем? Па кого сега да го мразиме? А кого да го плукаме? Па како ќе се жалиме дека сме жртви, ако немаме кој да не малтретира? Па ние секогаш сме жртви! Како сега да живееме без таа привилегија да бидеме жртви?!? Следува нова фаза, во ред признаваат македонски идентитет, ама какви Македонци? И сега оди објасни… па еве, какви што сакаме ние Македонците, такви ни признаваат! Сакаме да сме чеда на Букефал? Нема проблем. Сакаме на Самуил? Нема проблем. Ама сакаме и на Василиј? Абе нема проблем. Ама сакаме и на Крали Марко? Во ред! А на Гоце? Па за Гоце нема проблем. Ама сакаме и на Тито? Ако де, сакајте си. А може и на Сталин? Абе ако сакате, можете и на Мао Це Тунг. Нема проблем! Па каде е тука проблемот? Па не може вака да немаме проблем! И така натаму… и така натаму… И ова не е нашиот најголем проблем. За жал!

Македонци, ние навистина имаме еден огромен проблем. Многу е голем. Не сум сигурен дека ќе го решиме. А знаете што е тој проблем. Тое е што Господ решил да создаде слободни Македонци. Доста беше робови. Не награди, ни даде да имаме слободни поколенија. Ни рече, еве нека има слободни Македонци. И ни направи проблем.

Па како сега тоа, кај се чуло и видело да имаме слободни Македонци? Па тоа не може! Ние сме си горди робови! Од каде сега оваа глупост? Проблем ни направи. Еве сега и Господ е против нас, а ние сме Божји жртви. Како смеел, без да не праша, да ни даде шанса да имаме слободна генерација Македонци? Што да правиме сега? Ние робови, а децата слободни! Абе ќе пукнеме од мака. И започнавме акција – „челична метла“. Удривме врз нашите деца. Удри, мавај, толчи… како што нас други не толчеле… не смее да бидат слободни. Ако сакаат слобода, мрш таму надвор од оваа наша убава, Библиска, ропска Македонија. И сега конечно Македонци си направивме вистински проблем. Си ги избркавме децата на Македонија од Македонија. Ние самите, тука скапаните робови. И си продолжуваме да ги бркаме. Зашто немаме друг проблем, зашто нема кој да не малтретира, па решивме да си го направиме најголемиот проблем. Онаа нација која ја напуштаат сопствените чеда, таа нација е осудена на пропаст. Јaз’к и на Букефал и на Самуил и на Гоце и на Тито. Пу, јaз’к на самите нас Македонците! Јaз’к! Ги бркаме слободните, за тука да владееме робовите!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)