КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Македонски концепт!

1064

„За туѓи бели дворови, копај си црни гробови!“, напиша безвременскиот Рацин, во надеж дека само што не дошле македонските бели мугри. Со надеж дека зад себе ќе ги оставиме тие денови. Но дали е така? Дали дојдоа македонските бели денови? Дали ни се раздени? Дали прогледавме? Или сè уште ние Македонците, граѓани на македонската Република, сè уште за туѓи бели дворови, си копаме самите на себе, црни гробови?!?

Конечно мораме да го донесеме македонскиот општествен договор „Македонски концепт“. Договор кој ќе се темели на државотворното историско наследство, но ќе биде прифатен и „потпишан“, од сите граѓани на современата македонска Република. Со тоа ќе ги затвориме дилемите, ќе ја надминеме кризата на идентитетот, ќе направиме темели врз кои ќе ја изградиме светлата иднина на Македонија. За да дојдат македонските бели денови!

Сите современи држави во светот имаат свои државни концепти за понатамошен развој на своите држави. Тие концепти се темелат на државотворното историско наследство. Современата македонска држава, мора конечно да го истакне „Македонскиот концепт“! Време е! Точно е тоа дека страдаме од криза на идентитетот. Но државноста мора да се темели на државотворното историско наследство, како кај сите нормални држави. И тие сè уште имаат дилеми за себе си. И тие страдаат од слични „болести“, како и ние. Но конечно мораме да го донесеме македонскиот општествен договор „Македонски концепт“. Договор кој ќе се темели на државотворното историско наследство, но ќе биде прифатен и „потпишан“, од сите граѓани на современата македонска Република. Со тоа ќе ги затвориме дилемите, ќе ја надминеме кризата на идентитетот, ќе направиме темели врз кои ќе ја изградиме светлата иднина на Македонија. За да дојдат македонските бели денови!

Што е „Македонскиот концепт“? Како до него? Кој тоа ќе го направи?

Тоа е идеја, платформа, концепт околу кој сите можеме да се обединиме и заедно да работиме во интерес на нашата заедничка иднина. Тоа е македонската кауза, постоење на македонска држава. Сите согласни околу постоењето на македонската држава, која се темели на минатото, но има и своја иднина. Апстрахирани од тесните етнички, религиозни или партиски определби, го истакнуваме она кое сите нас нè обединува, а тоа е нашата заедничка иднина во нашата заедничка држава. Тоа е остварливо само преку искрен пристап и граѓански активизам. Во тој активизам може да се вклучат поединци, граѓански и политички организации, религиозни заедници и сл. Сите на рамноправни основи, но со иста идеја – поддршка за државноста на Македонија. Како свои врвни вредности ги истакнува – државност, благосостојба, слобода и правда. Основна цел за постигнување е просперитетна и бескомпромисно интегрирана, домашно и меѓународно, граѓанска држава и нација на богати граѓани, кои ќе живеат во фер општество во кое ќе има шанса за секого и во кое ќе царуваат правото и безбедноста. На крај од нашата мисија треба да создадеме „жива Македонија“, а тоа е држава полна со млади луѓе, на кои во наследство ќе им оставиме три работи – држава, слобода и пари!

Да се обединиме сите во едно цело, за полна интеграција на македонската држава во ЕУ и НАТО, како нов стадиум од унапредување на државноста на веќе воспоставената Република. И тука треба да бидеме бескомпромисни во нашата заложба за полна, внатрешна и надворешна интеграција на земјава. Тогаш револуцијата била задача и дело на сите кои живееле во Македонија. Денес унапредувањето и интегрирањето на македонската држава е задача, која треба да ја преточиме во дело, сите ние кои живееме во современа Македонија.

Поаѓаме од идеалот на револуцијата „Македонија на Македонците“. Под „Македонци“ ги подразбираме сите граѓани на македонската Република, кои искрено и недвосмислено ја поддржуваме нејзината државност. Сите ние сме дел од современата државотворна македонска нација. Компромисот ќе го постигнеме само доколку сме согласни сите да направиме одредени отстапки во име на заедничката иднина. Првата жртва на сите нас треба да биде етно национален  патриотизам, коj е исклучив и нашите сограѓани, од другите етнички заедници, го чувствуваат како обид за асимилација. Тој се напушта како застарен и надминат. Со тоа во минатото го оставаме и советскиот концепт на народи и народности, вулгаризиран во македонскиот Устав како „еден народ и делови од други народи.“ Тоа е дезинтегрирачки фактор во македонското општество, кој генерира внатрешни судири, како таков е препознаен за антидржавен, а согласно врвната вредност – државност, се отфрла и заменува со државен патриотизам во граѓанска држава на современа граѓанска нација. На тој начин, максимата „Македонија на Македонците“, ја добива својата суштина, а тоа е „Сите сме чеда на Македонија“. Нема разлика помеѓу нив две. Во член 1 од Уставот на ТМОРО, стои „Тајната македонско-одринска револуционерна организација има за цел да ги сплоти во едно цело, сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, за извојување преку револуција, полна политичка автономија за тие две области…“. Тоа е и денешен императив! Да се обединиме сите во едно цело, за полна интеграција на македонската држава во ЕУ и НАТО, како нов стадиум од унапредување на државноста на веќе воспоставената Република. И тука треба да бидеме бескомпромисни во нашата заложба за полна, внатрешна и надворешна интеграција на земјава. Тогаш револуцијата била задача и дело на сите кои живееле во Македонија. Денес унапредувањето и интегрирањето на македонската држава е задача, која треба да ја преточиме во дело, сите ние кои живееме во современа Македонија.

Процесот на градење на современа граѓанска нација, треба да се одвива паралелно со процесот на објективизација на историјата. Не менување, сечење и лепење на историски факти под притисок! Историјата е наша и задолжително треба да ја изучуваме таква каква што била.

Тоа ќе биде внатрешен процес во македонското општество, внатрешна дискусија за објективизација, со цел преродба, будење на нашето суштинско културно и историско наследство. Точно е дека тоа е болен процес, но тоа е единствен начин да ја победиме внатрешната криза на идентитетот и преку ново раѓање да станеме „камен кој си тежи на своето место“. Во таа смисла, македонската нација е политичка заедница на сите граѓани на македонската држава, при што секој од нив поединечно, како индивидуи, но и како дел од своите примарни етнички заедници, ќе учествуваат и ќе даваат сестран придонес во нејзиното устројување како компактен политички организам.

Секоја држава има период на созревање. Македонија исто созрева. Низ тој процес, сите наши предци, сите подеднакво правеле сè што знаеле и умееле, да дојдат до таа долго посакувана македонска државност. Од тука, должни сме на подеднаква почит кон сите нив! Најболниот компромис е помеѓу двата Илиндени. Оној првиот од 1903 година, кој се темели на идејата на преродбениците и револуционерната организација и оној вториот од 1944, кој се темели на модификации од „Начертание“, но со веќе јасна политичка идеологизација. И двата Илиндени се „Бели мугри“, израз на непомирливата борба за слобода и државност на сите Македонци. Тој компромис ќе стане реалност, само преку спроведување на длабок процес на деидеологизација на македонското општество, со крајна цел, помирување помеѓу наследниците на сите идеологии, присутни во Македонија. Тоа е прв чекор кон изградба на фер општество! Никогаш нема да биде целосно правично и безгрешно. Тоа да се очекува е исто како да се верува во утопија. Но може да биде фер општество во кое има место и шанса за секого.

Фер општество е можно само преку соочување со вистината. А тоа е дека сме корумпирани, како резултат на што сме длабоко сиромашни. Само богати граѓани се посветени на силна државност. За нашиот народ да размислува со главата, а не со стомакот, треба многу работи да се изменат. Се започнува со нулта толеранција кон криминалот и корупцијата, бескомпромисно владеење на правото, а со самото тоа и создавање на услови за безбедност.

Понуден е план за обесштетување на граѓаните од тридецениската пљачка. Ограбени преку приватизација, невработеност, прислушувања и киднапирање на чесно стекнати бизниси и имоти, избркани млади низ светот, наместени судски одлуки, Телеком, ЕВН, Окта, водоводи, банки, граѓаните имаат право на обесштетување! Ако тоа бара сериозни потреси во општество, пад на цели елити и промена со нови свежи образовани кадри, тоа и ќе се направи. Сè во име на силна македонска државност. Ниту едно бандитско здружување не може да биде посилно и со поголеми капацитети од институциите на Републиката!

Да ја преземеме одговорноста во свои раце, да создадеме ново, подобро, фер општество. Да создадеме силна македонска Република! Македонија на Македонците само преку промоција и факторизација на „Македонскиот концепт“ за иднината на Македонија и генерациите кои доаѓаат.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)