КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Македонија на Македонците!

494

Македонија на Македонците е „догмата на ВМРО“! Догма како догма, не се коментира, не се критикува, не се полемизира по неа… таа е апсолутна вистина. И точка! Многумина викаат, тоа е тврдење без докази. Е така е, затоа е догма. Но мора да се знае суштината на догмата, а не само да се „лета“ со истата. Која е суштината на догмата на ВМРО? Тоа во една реченица кажано, Македонија им припаѓа на сите Македонци, без разлика на етнос, вера, политичко убедување, јазик кој го говорат или познаваат за мајчин, и сл. Тоа значи дека македонската нација за ВМРО од секогаш била, а така и треба да остане, политичка нација. Тоа не е етничка категорија, Македонци сме сите граѓани на македонската Република. Дали денес постојат етнички Македонци? Да секако, еве јас сум таков. Не само по раѓање, туку и по самоопределување. Што по мене е посилно од тоа по раѓање. Само да не се разбереме погрешно, кога пишувам за ВМРО, не мислам на ВМРО ДПМНЕ. Далеку од тоа.

Иднината на оваа држава е повторно она што извира од догмата на ВМРО, тоа е промоција на современата македонската политичка нација, кон која чувство за припадност ќе имаме сите, денес присутни во државава. И македонисти и антички Македонци и македонски Блгари… и Албанци и Срби… и Турци и Власи… сите на купче ќе си бидеме чеда на Републиката, сите ќе си бидеме Македонци! Така ќе си живееме среќно и весело. Простете што не ги наведов сите, многу не има различни, мислам на сите во ова писание. Така оваа максима Македонија на Македонците, ќе ја добие својата вистинска смисла. Впрочем и така била промовирана од старото ВМРО, во оваа смисла во која пишувам. Тоа што дел од македонските политичари се сериозно слепи, ограничени и во видот и во мислата, а ветуваат „воскреснување на македонизмот“, оној концепт кој доживеа целосен пораз, оној квази македонизам кој го промовираа господата Груевски и Иванов, од кој кожа им се ежи на татковците на изворниот македонизам, тоа веќе отвара простор за сериозна психијатриска опсервација. Ние есенцијалните вмровци, мораме да застанеме на страната на „догмата на ВМРО“ и истата да и ја понудиме како решение, на современата македонска држава.

Да не се лажеме! Умре времето на етнос. Сега не се знае, кој со кого е направен. Ако сакаме да опстои современата македонска нација, таа може да продолжи само како политичка нација! А во неа ќе си бидеме сите топтан. Тогаш сите пораки од Софија, од Атина, од Белград, од Тирана, од Приштина, од Брисел, од Берлин, од Париз… со свиркање ќе си ги дочекуваме. Тие ќе си лаат, ние ќе си тераме напред. Во стилот на онаа „кучињата лаат, караванот си врви“. Така и ние, во овие историски времиња. Мораме да се подготвиме за она што не чека. Плашливите политичари ни го нудат минатото за иднина, ни нудат враќање назад, како мерка и начин како да се спасиме. Тоа е катастрофа за Македонија и за Македонците. Тие политичари тоа го нудат зашто немаат храброст, незнаат да понудат иднина, се плашат од нова современа и реална иднина. Тие се клиентелисти, тие се водат само до интересите, тие се зихераши. Имаат проценка дека на тој начин, ќе постигнат сигурен успех, ќе остварат профит за себе, лично ќе се реализираат, а народот ќе го одведат во пропаст. Ќе го соочат со нова национална катастрофа. Како што направија со таа проклетата „Заедничка Македонија“. Сега гледам ја вокреснуваат, како рецепт за иднината. Која „туга велика“. Па до толку да се немало емпатија кон својот народ, кон своите комшии и пријатели, до толку да се сакало да се стигне до успехот преку трупови, па тоа го може само македонЧе, со мала М, а голема Ч.

Официјална Софија, никогаш немала капацитет да се носи со македонското прашање! Нема ниту денес, после два века и кусур од постоење на прашањето. Од тука, појавата на “македонскиот сепаратизам” е оправдан и нужен процес, кој го поткрепиле нашите дедовци, соочени со реалноста и неспособноста на “софиската елита”! Честитки за македонските сепаратисти! Идните генерации, повеќе од нас денес, ќе бидат благодарни на тој дедовски сепаратизам. Ние и онака сме изгубена, транзициска генерација. Од Господ заборавена. Но оние кои доаѓаат, ќе видат бенефит од одлуките на старите, од пред век, два.

Македонци од македонската Швајцарија на Балканот! И се ќе биде решено… ниту Гоце ќе е проблем, ниту сонцето од Вергина, ниту Јане Сандански задутре ќе воскресне, како Гоце што воскресна последниве месеци… нити Хасан Приштина ќе биде проблем, ќе си остане другар со Тодор Александров, како што впрочем и биле… ќе си бидеме раат и со караџицата, никој нема да ја оспорува, најмалку “клетите” Бугари или Блгари, кој како милува… и Новаковиќ и Пашиќ ќе имаат мирен сон… дури и мирот на Абдул Хамид вториот и Јане Сандан Паша ќе си остане вечен! Друго чаре немаме. Дојде време на будење духови од минатото. Ако ги разбудиме на “лева нога”, ни се е.. мајката! Поарно да ги оставиме во мир да почиваат! А ова политичариве што ни го нудат минатото за иднина, најдобро е предвремено да ги пензионираме. Додека не се зафатиле сериозно за работа. Зашто во земјава ќе биде бетер од времето на ропствата. Освестете се, дур имаме време.

Старото ВМРО ни оставило аманет како треба да продолжиме… па да продолжиме, без романсата на ова “грујовото ВМРО”! Зашто или си ВМРО или не си! Не може и сум и не сум! Не е вмровец онаа шушумигата, што дреми по комитети и чека да ќари нешто! Вмровец е нова сорта на европски Македонец! Вмровец бил и ќе остане, авангарда на Македонија! Никако да не ја оставаме иднината на Македонија во рацете на грст шушумиги, од грујовите “комитети”! Ќе ја унаказат Републиката, за век и веков!

Знам дека ова е лудост! Знам! Ама барем не е глупост! Тоа е најважно. Храброста да продуцира лудост, а не глупост! Најважно од се, ова не е хазадерство. Овој рецепт нуди сигурна иднина. Проверена. Скапо платена. Во таа иднина има место за секој. Секој ќе се најде и ќе си направи достоинтвен филм, во кој ќе си живее до крајот на животот. Ме збунуваат овие про ЕУ и про НАТО вмровци. Добро бе луѓе, Вие имате намера конечно да се крените и да кажете доста е?!? Ние сакаме Македонија на Македонците. Ние сакаме Македонија цела да е! Или ќе си чмаете, мирно по кроце, до некоја функциичка, па Македонија не мора цела да е! Битно е фотељата да се знае! Да повторам, посебно за сите Вас, иднината на Македонија стои во “догмата на ВМРО”! Не на ВМРО ДПМНЕ секако. Во партијата денес, догмата е купи ден, продај… јас Ви зборувам за ВМРО!

Македонецот “обича” да биде со силниот! А има ли посилен од “догмата на ВМРО”?!? Има ли нешто посилно од Идејата?!? Кој не сака да живее во “Швајцарија на Балканот”?!? Тој е само будалетинка. Зашто секој сака да живее во Швајцарија на Европа! Особено Албанците… ним одамна им тргна во Швајцарија… а денес гледам, на се повеќе Македонци им тргнува, исто така. Тоа значи сосема природно и пријатно ќе им дојде да ја напуштат “Тиранската платформа”, како “српско дело”, а да влезат во “Швајцарската платформа на Балканот”. Албанското прашање е исто така, апсолвирано во таа “догма”! Бинационална држава не бидува! Зашто и таква реално не сме! Мултинационална бидува! Зашто таква и реално сме! Имаме шанса да ја создадеме Швајцарија на Балканот. Да не ја пропуштаме оваа единствена шанса. Втора нема да има!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)