КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Коте и Коле

81

Предходно, доволно јасно напишав за Квислинг и неговите другари. Начинот на кој, истиот станал синоним за предавник – соработник со окупаторите, во цела Скандинавија, а денес насекаде низ светот. Маката на нашите предци направила, да ни се пренесе вистината за нашиот македонски квислинг, Коте од Рулја. Тој стана синоним за предавник, посебно во македонската историја. Зошто тоа му се случи на Коте? Што голем грев сторил, за да остане синоним за предавник на македонскиот народ.

Ништо посебно. Го направил истото, што денес го прават некои македонски политичари. Бил припадник на Организацијата, Македонец по род, кој ја прифатил антиквизацијата како вистина, ја величел улогата на Цариградската Патријаршија и ја прифатил реалноста дека сме „антички Македонци“, само со чуден словенски јазик. Митот за Александрос Мегалос, по наше Аце Големиот, до тој степен му станал близок, преку слатките зборови на свештеникот Германос, исто така одроден „Словен“, кој опиен од славата на Фанар, себе си се прифатил за Грк. Зошто го пишувам ова? Што е тука спорно? Тоа што денес, во 21от Век, на нас Македонците ни се повторува истата пропаганда. Само што овој пат, современиот Коте од Рулја е Никола Груевски. Исто така, припадник на Организацијата, кој за своја основна дејност ја избра промоцијата на митот за Александар Македонски во Република Македонија, нашето античко потекло, нагласок на „православната линија“, преку масовно споделување на „жолтото знаме со црн двоглав орел“, од сите поддржувачи на антиквизацијата. Буквално, буквално исто, како Коте од Рулја.

Одродениот „славофон Грк“ Германос  Каравангелис, свештеник на Патријаршијата, истакнува дека клучно за неговиот успех да го „преврати“ комитата Коте од Рулја, во насока на грчките национални интереси, биле неговата почит кон „православната вера“, а за такви ги сметал само „патријаршистите“, со аргументот „Вие сте Грци, уште од времето на Александар Велики, но поминаа Словените и Ве словенизираа. Вашиот изглед е грчки и земјата што ја газиме е грчка. За тоа сведочат и спомениците што се скриени во неа, и тие се грчки и монетите што ги наоѓаме се грчки и натписите се грчки. Впрочем, нашата црква и патријаршијата, секогаш беа во првите редови на слободата.“ Славниот Коте, ја преземал улогата да ја пренесе оваа вистина до сите „славофони Грци“ низ Јужна Македонија, наспроти лагата која ја ширеле војводите на ВМРО, како Дамјан Груев или Васил Чекаларов. Каравангелис истакнува – „Од денес” му реков „ти ќе бидеш со нас, ќе бидеш прв човек. Ќе те испратам долу, да ги запознаеш грчките цареви, а твоите деца ќе ги испратам да учат во Грција”. Прифати сè и се договоривме, тој да ја преземе заштитата на селата во својата околија, а јас обврската за издржување на неговата чета. Ми даде и едно писмо дека во иднина ќе му служи на Грчкиот комитет…“.

Дали и современиот Коте, Никола Груевски прифатил да работи за Грчкиот комитет, а не за нашиот?!? Дали имаме и современ Германос, кој труе многумина наши припадници со славата, која се крие зад „жолтото знаме со црн двоглав орел“? Незнам! Но едно знам, ако за тие дела, Коте од Рулја е предавник, на се што е македонско, тогаш и современикот од 21от Век, не е ништо подоле. Никола замина подалеку.

Го облече главниот град на современата македонска Република, во „котево руво“. Можеби Коте бил во право?!? Што ако погрешиле Груев и Чекаларов?!? Што ако денес грешам јас во ова писание, а Груевски е во право?!? Или неговиот ментор?!? Можеби, но тогаш ќе мораме по брза постапка, врз основа на „Преспанскиот договор“, Коте од Рулја да го прогласиме за македонски национален херој, а Дамјан Груев и Васил Чекаларов за предавници и одродници од својот народ! И ништо страшно нема да биде. Бар ќе стане полесно на нашите деца да им објаснеме, што е приказната со „Воинот на коњ“ на плоштад Македонија, во центарот на Скопје или зошто воопшто имаме спор со грчката Република, ако сите ние си сме славофони Грци, како што кажуваат „почитуваните“ Коте и Коле.

За работата да биде уште позамрсена, истиот Никола Груевски, му подигна споменик на видно место во Скопје, на војводата Васил Чекаларов, кој пак детално го опишува тогашното лудило, кое владеело помеѓу народот, а во обид да се припадне кон некој идентитет – „Го подигнавме прашањето за народноста (на Германос), тој се помачи на секој начин, да ни докаже дека ние сме Грци! Кога не можеше да изложи факти, кои му ги побаравме, почна да раскажува за историјата на великиот Александар Македонски, дека не сме ниту Грци, ниту Бугари, а сме Македонци, без да помисли дека во Македонија има и Турци и Евреи и од многу други нации. Човек, кој не ја разбира историјата и почнува да ти проповеда со неа, тоа е многу смешно!“ Што зборува ова? Дека и Чекаларов бил „национално збунет“? Како и да е, на крај се испозаклале помеѓу себе, еден не останал, а Македонија паднала во уште потешки форми на ропство. Но, дистанцата помеѓу двете „вистини“ е јасна. Тука нема дилема. Или во себе ја носиш „вистината“ на Дамјан и Васил, или „вистината“ на Коте и Германос. Се идентификуваш со првите или со вторите. Обидот на Груевски, да направи да се идентификуваме со сите четворица, е тоа пак е таква лудница, што доведе до оваа „македонска национална катастрофа“ од 21от век.

Од тука, почитувани Груевски и неговите „патриотски“ истомисленици, кога пишувате или зборувате за Коте од Рулја, а при тоа го спомнувате во конотација за предавник, сакајќи да идентификувате друг Ваш современик, Ве молам да се одлучите за една од погоре споменатите опции. Или сте припадници на Организацијата, а се идентификувате со Дамјан и Васил, или пак сте „антички просветлени“ и се идентификувате со Коте и Германос. Без јас да Ви сугерирам! Тоа е Ваше основно човеково право. Но да продолжите со оваа лудница, да го проповедате словото на Коте и Германос, а други да ги обвинувате за предавство, како нив двајца, е тоа е повеќе од вулгарност. Цела среќа, што сеќавањата на македонскиот народ се толку свежи, да оваа фактичка состојба, не може да биде веќе заобиколувана. Особено е грдо, ако нашата партија ВМРО ДПМНЕ, која ја перцепираме за наследник на Организацијата, а ние нејзините членови за носители на Идеалите и продолжувачи на Делото на Дамјан и Васил, да проповедаме како Коте и Германос. Тогаш почитувани мои, ние не сме Македонскиот комитет, туку Грчкиот. А мене во тој „грчки“ филм, не ме гледате. Зашто моите прадедовци се определиле. Јас само се себепотврдувам за припадник во Македонскиот комитет.

Европеизацијата започна. Македонија ја гледам како европска провинција. Не грчка. Во таа смисла, на Грција и оставаме да го сочува античкото минато, а Македонија да ја добие својата европска иднина! Нека „гркофоните“ раскажуваат за Коте и Германос. Ние „славофоните“, горди на Дамјан и Васил, нашиот сон за Обединета Македонија и за Балканска Федерација, ќе го преточиме во реалност, преку Обединета Европа!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)