КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Како понатаму?

441

Секогаш потенцираме дека покрај критика, мора да се предложи и решение, за таа критика да биде кредибилна. Во тој контекст може да се пакетираат и критиките за случувањата со надворешната политика. Имаме два крупни моменти, одлуката на ЕУ да не отпочне пристапни преговори со Македонија и одлуката на Владата да влезе во авантура, наречена „Бенелукс на Балканите“. Она кое знаеме е дека Македонија ги има истите проблеми, истите оние поради кои не сме можеле да конституираме држава пред повеќе од еден век. И двата случаеви имаат еден заеднички содржател, а тоа се интересите на нашиот сосед Република Србија, истите оние кои постојат повеќе од еден век. При тоа нагласувам дека не сум србофоб, не ги мразам соседите, ниту нивната државност ја оспорувам, но го задржувам правото да ја заштитам државноста на мојата Македонија.

Ако пишувам за одлуката на ЕУ, веројатно ќе биде досадно, со оглед на тоа што веќе е се напишано. Освен она кое е вистинскиот мотив на претседателот на француската Република, а тоа е спроведување на политиките на неговите предци, политиките зацртани пред времето на големите војни. Тие политики се во корелација со интересите на Москва и Белград, ќе повторам, повеќе од еден век. Тие политики не ја констатираат Македонија за независна држава. Токму поради напорите на тој план, македонската Организација не успеала да ја преточи идејата за независна Македонија во дело. Нивната визија е постоењето на јужнословенска држава, под водство на Белград. Особено проширена во „неспорните“ територии на Македонија и Албанија. Ова кажано на многу упростен начин. Тоа е причината што не случајно нашите предци ја нарекоа Македонија – „Земјата на маките“. Повеќе од еднаш во нашата историја, нашата судбина е утврдена во далечните престолнини заради странски стратегии и целосно непочитување на нашите соништа и надежи. Доволно е да се споменат конгресот на Берлин (1878) и Договорите од Букурешт (1913) и Париз (1919).

Одлуката на францускиот претседател да го блокира почетокот на преговорите за нашата земја за членство во ЕУ не може да не нè разочара. Дури и самиот Емануел Макрон, призна дека ги исполнивме барањата и не сме помалку подготвени од другите земји во регионот, кои се веќе членки на ЕУ. Но, ние немаме право на очај. Нашата иднина припаѓа на големото семејство демократски народи. Само НАТО и Европската унија можат да ја обезбедат и нашата безбедност и нашата благосостојба. Ниту ние, ниту Албанците, ниту било кој граѓанин во земјава, немаме друга алтернатива.

За неколку недели, ние ќе станеме членка на најмоќната одбранбена алијанса во светот. И ако нашето членство во ЕУ, се уште изгледа далечна перспектива, ние мора да ставиме до знаење дека таа останува непроменлива цел за нас. Еден од најважните предуслови за членство е регионалната соработка и надминување на вековните спорови и конфликти врз основа на взаемно почитување и пред сè, прифаќање на границите како непроменливи. Од оваа перспектива, формирањето на регионални форуми за соработка придонесува за националната и регионалната безбедност. Но форматот на истите мора да биде во согласност со македонските национални интереси.

Во последните децении, концептот на „Западен Балкан“ се здоби со слаба популарност како синоним за несигурност и неможност за решавање спорови и конфликти. Македонија направи се што е во нејзина моќ да докаже дека не заслужува таков углед. Ние немаме територијално или какво било побарување од ниту една земја. Со потпишувањето на договорите за пријателство и соработка со Грција и Бугарија, докажавме дека можеме да најдеме решенија за најтешките проблеми што ни беа оставени од минатото. Меѓутоа проектот „Бенелукс на Балканите“, во кој влегуваме Македонија, Албанија и Србија, дополнително ја комплицира состојбата, особено што ние сме ставени како заложници на интересите за Косово, кои ги имаат Албанија и Србија, но не и Македонија. Не можеме засекогаш да бидеме заложници на споровите околу статусот на Косово и оспорувањето на нејзиниот територијален интегритет. Токму тука лежи суштината во поведението на почитуваниот Макрон. Оваа тенденција да се стави Македонија во заложништво на решението за Косово е неприфатлива. Од тука, премиерот Заев и министерот Димитров, мораат итно да се повлечат од таквите авантури и „седнување“ на зелената маса за Косово. Тука ние немаме работа!

Како понатаму? Како земја која цврсто верува во принципот зацртан во Завршниот акт на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, потпишан во Хелсинки во 1975 година, осудувајќи ги обидите за промена на границите со сила и закана со сила, како агресија, ние предлагаме Македонија да иницира формирање на Форум за регионална соработка „Централен Балкан“. Форумот треба да вклучува земји, непосредно во регионот кои се веќе, или наскоро ќе станат членки на НАТО и се членки на ЕУ или да изрази јасна желба за членство и да немаат територијални спорови со никого. Такви сме Македонија, Албанија, Грција и Бугарија.

Да повикаме на самит на крајот на оваа или почетокот на следната година во Скопје, како централна престолнина на „Централен Балкан“ или во Софија, местото каде за време на бугарското претседателство со ЕУ ни беше дадена надежта за членство во ЕУ, каде европските лидери ветуваа јасна европска  перспектива за Македонија, да се спроведе средба на државниот врв од Скопје, Атина, Софија и Тирана, при што да разгледуваат како земји членки на НАТО, како страни во истиот процес и да инсистираат на гарантирање на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји во регионот, кои покажале способност да решат тешки спорови во духот на разбирање, околу кои се градат ЕУ и НАТО.

Ако формираме блок на регионална соработка засновано врз овие принципи, нашиот глас ќе се слушне и нашата судбина нема да се решава во светските и европски престолнини. Нема да ни се повтори она што се случи во Брисел, пред неколку денови. Македонија природно гравитира кон географскиот регион Македонија. Таму се нашите интереси, таму се можностите за забрзан економски и демократски развој на земјата. На таа страна ние граничиме со ЕУ. Ако не можеме централно да се интегрираме во ЕУ во овој период, тоа го можеме регионално и прекугранично. Тоа е можност и за реализација на фондовите за прекугранична соработка. Тоа е можност за „реална интеграција во ЕУ“, во вакви историски услови во кои западнавме.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)