КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Историски поглед

71

Врв на самокритиката или реалната перцепција за себе или за случувањата околу тебе е можноста да имаш историски поглед. Тоа е пресериозна и преамбициозна човечка особина и вештина, која доколку ја поседуваш, може да направи „никогаш да не погрешиш”. За што и да одлучуваш, секогаш да донесеш правилна одлука. Старите тоа го нарекуваат поглед од висина или поглед на „големците”.

Историчарите прогледуваат, но после 50 години од моментот на случувањето. Тоа е вештина, да излезеш од себе за момент, и да погледнеш на себе и се околу тебе со „туѓи очи”. И покрај моето делумно образование во областа на историјата, сепак морам да признаам дека имам сериозно ограничен капацитет да добијам јасна слика низ таквиот историски поглед. И да ја имам, таа прекратко трае. Затоа ако погрешам во денешново писание, не ми земајте за зло. Не е намерно или насочено против некого, туку е резултат на мојот ограничен капацитет.

Станува збор за далечната 2018 година, историска година за Македонската Република, која постои условена од ООН со Резолуција 817, по инсистирање на земја членка Хеленската Република. Државата е во исклучително тешка состојба на економски и политички план. Политичката криза трае повеќе години, со тенденција да ескалира во институционална криза. Ова особено поткрепено со сериозно нарушената доверба на граѓаните во државните институции. Земјата е на самото дно на економски развој споредено со сите држави кои постојат на тлото на Европа. Правниот систем е исклучително нестабилен, а често политичките елити донесуваат решенија за промени на Уставот на Републиката.

Помеѓу граѓаните таа се именува како Република Македонија, за надворешна употреба, таа е Поранешна Југословенска Република Македонија. Од повеќе надворешни и домашни фактори, оспорен е и создадениот идентитет на модерната македонска нација и правото на нејзино слободно религиозно самоидентификување. Тоа е делумно причина на неспособноста на домашните политички елити да најдат решение за таа општа криза, која се заканува да ја наруши државноста на Републиката.

Местоположбата во централен Балкан е провокативна за глобалните интереси на големите сили. 21 век е век на проширување на западното влијание кон поранешниот источен блок. Тоа се манифестира со проширување на „границите” на две, за тоа време, моќни меѓународни организации, именувани како НАТО и ЕУ. Процесот оди рака под рака на двете организации, со пробивање на мразот од страна на безбедносната компонента на тој глобален тренд. Директно е менаџиран од страна на најсилните политички центри за тоа време, Вашингтон, Берлин, Париз и др. Во предметната 2018 година, фокусот на таа кампања е ставен на малата централно балканска Република. Секако дека од другата страна има други центри на моќта, кои се обидуваат да го спречат тој процес на проширување на западното влијание на Балканот. На тоа поле предничи се уште, во тоа време, моќната Москва и други глобални и регионални центри. Алатка во рацете на „кочничарите” на процесот на „европеизација” на Балканот се билатералните спорови помеѓу балканските земји. Истокот ги употребува и поттикнува, Западот се обидува да ги анулира или амортизира до тој степен, доволно за НАТО и ЕУ да го внесат целиот Балкан во свои граници. После тоа низ интерни процеси, недоразбирањата ќе бидат целосно разрешени. Алатка на Западот е перспективата и интеграцијата во европското стопанство за малите балкански економии и гаранциите за државната безбедност. Тоа ги мотивира државите како Македонија да аспирираат и инсистираат на членство во тие две организации. Особено Македонија, која со затворање на билатералните спорови, се надева дека ќе го заокружи конституирањето на својата државност. Алтернатива или подобра понуда во тоа време, немаат.

Меѓународниот фактор вложи огромни дипломатски напори со цел решавање на билатералните проблеми преку учество на засегнатите страни на „рамноправни основи”. Сите големи сили знаат дека грчките позиции се пресилни, наспроти македонските, и дека решението ќе падне на македонска сметка, но само така е можно да го решат. Во тие моменти, историјата повторно си поигра со македонската судбина и повторно нанесе неправда врз Македонија, во обид конечно да се реши „македонското прашање” пред цел свет. После краткотрајни, но интензивни преговори помеѓу двете Влади, на 17 јуни 2018 година беше постигнат Договор, кој поради местото на потпишување на истиот, го доби називот „Преспански договор”. Во тоа големите сили препознаа шанса за реализација на процесот на „европеизација” на Балканот, како конечно затворено прашање за целосно вклучување на македонската Република во двете организации, под името Република Северна Македонија. Таа шанса силно ја поддржаа, како правично решение, имајќи ги предвид аргументите и интересите на двете страни. Решенијата од Договорот се земаат како прифатливи, со оглед на фактот што во историјата ништо не е од вечен карактер.

Во втората половина од 2018 година, започна процесот за имплементација на „Преспанскиот договор”. Меѓународната заедница се вклучи активно во тој процес, кој беше отежнат од два силни фактори. Првиот фактор е отпорот на политичките опозициони партии во двете земји, кои го отфрлија тоа решение како неприфатливо. Втор фактор е силната корумпираност и некредибилност на Владите, кои се промотори на тој Договор. Донесена е одлука процесот да заврши до крај, со оглед на фактот што „источниот блок” препозна шанса за своите национални интереси, преку рушење на тој Договор. Тие центри на моќ имаат силно влијание во двете држави, а особено во Грција. Преземени беа мерки за намалување на тоа влијание од страна на безбедносните служби во самиот почеток на процесот на имплементација на Договорот, преку протерување на руски дипломати и низа други мерки. Иако отежнат од сите тие фактори, сепак реализацијата беше на задоволително ниво.

Меѓународниот интерес на „големците”, признава две позиции – за или против нивниот интерес. Таа пракса е вековна. Поради тоа опозицијата во двете држави се најде на ударот на тој интерес, како кочничар на тие процеси. Фокусот врз случувањата се пренесе во Македонија, поради земеното решение прва да го ратификува Договорот и истиот да го имплементира врз Уставот на Републиката.

Македонската опозиција го „преспа” моментот на донесување на ратификационата одлука во Собранието, што даде охрабрувачка порака за идниот Референдум, на кој граѓаните ќе донесат одлука за промена на Уставот со цел промена на името на државата.

На 30 септември 2018 година се спроведе Референдум, кој донесе „неочекувано решение”, без јасна порака. Согласно правната регулатива тој е неуспешен, но не е задолжителен за идното одлучување во Собранието по уставните амандмани. Целата меѓународна заедница го поздрави како успешен, притоа одбегнувајќи констатации на спротивниот табор на центри на моќ, дека претрпеле пораз во Македонија. Вината за донесеното решение на тој Референдум, кое се заканува да ги сопре или одложи генералните процеси на „европеизација” на Балканот, се насочи кон македонската опозиција.

Во постреферендумскиот период се судрија двата интереси. Западниот, внатрешно поддржан со тенденцијата на тогашната актуелна Влада на Македонија да го продолжи процесот на имплементација на “Преспанскиот договор” и источниот, чиј интерес се совпаѓа со опозициониот став дека тој договор е мртов. Опозицијата за тој став до големите сили приложуваше низа аргументи и изразената народна волја, но истите беа занемарени за сметка на глобалните интереси. Македонија беше доведена до работ на целосна општествена криза, со оглед на фактот што и граѓаните беа поделени по тоа прашање. Истото отвори можност за провоцирање на нова безбедносна криза, која е целосно во насока на глобалните интереси на источниот блок… ЕУ и НАТО преземаа енергични мерки со цел…

Дали е ова вистински историски поглед на 2018 година?!? Не сум сигурен! Но деталите и нашата вистина и барање на македонската правдина, не е предмет на глобалните интереси. А победникот на крај ќе ја напише историјата. Кој ќе победи? Имате ли сомнеж за тоа, денес 2 октомври 2018 година, во тој историски опишаниот постреферендумски период.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ)