КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Изумирање на државата

474

Државата е продукт на граѓански договор. Сме направиле општествен договор, сме се договориле да направиме држава. Сме се откажале делумно од личниот суверенитет, кој сме го пренеле на државата. Затоа граѓаните сме суверенот на државата. Само така е возможно истата да се конституира и да опстане. Доколку пропадне тој договор, помеѓу нас граѓаните, пропаѓа и државата. Од внатре. Зашто во историјата има стотици примери за пропаѓање на државите од надвор, со странска агресија, но тоа секогаш завршувало со возобновување на окупираниот. Доколку државата пропадне од внатре, тогаш спас и нема. Нема возобновување. И такви стотици примери, имаме низ историјата. Значи имаме од што да учиме. Во ред, знаеме!

Каде е денес македонската држава? Дали е во опасност? Ако е, тогаш од каде доаѓа таа опасност, од внатре или од надвор? Од тука треба да тргнеме, со сите наши анализи и заклучоци. А веќе сме кажале, дека поважно нешто од државноста немаме. По мене, мое скромно мислење, македонската држава започна со добар развој. Секако е во опасност. Но влезот во НАТО ќе го затвори прашањето со опасностите од надвор. Ќе добиеме многу на време, да ги решиме опасностите од внатре, кои ги гледам како вистинска закана по македонската државност. Кога зборувам за опасности од внатре, претпоставувам дека веднаш помисливте на меѓунационалните разлики во земјата. Не, не мислам на тоа. Вистинската опасност доаѓа од феноменот „изумирање на државата“. Тоа е до тој степен опаѓање на капацитетот на институциите, нивниот кредибилитет и функционалност, каде граѓаните го напуштаат општествениот договор и ја преземаат судбината во свои раце. Си го враќаат суверенитетот кај себе. Во такви услови, државата е парализирана, не може да направи ништо. Најмалку да се самозаштити, зашто нема како. Институциите се државата, а тие уништени, нема како да се реагира. На пример, така пропадна популарната Југославија. Е сега, дали има чаре во таков случај? Има секако! Тоа е граѓански активизам. Само организирање. Бидејќи пропаста на институционалните капацитети ќе отвори простор да се самоорганизираат и оние другите, непријателите на македонската државност. Токму заради тоа треба брзо да се дејствува. Треба да се самоорганизираме останатите, а тоа е огромното мнозинство во државата, да најдеме начини како да ја поткрепиме македонската државност. Секако, единствено можно е само доколку им го вратиме кредибилитетото на државните институции, но како до тоа? Едноставно со граѓански активизам во области.

Не сум јасен. Ок, еве да бидам појасен. Примерот со граѓанскиот активизам на актерката Ристиќ. Тоа е типичен пример на граѓански активизам, на преземање на суверенитетот во свои раце, во услови кога институциите затаиле. Иницијативата на Ристиќ е типичен пример за преземање на јавни овластувања од страна на граѓаните. Што го сметам за многу храбро од нејзина страна и апсолутно го одобрувам. Во областа на јавната хигиена, но токму таму потфрлија институциите. Не се трпи таа состојба, граѓаните преземаат улога на место државата и ја средуваат состојбата. Тој пример, веќе можеме да го имплементираме во сите области. Знам дека кога ќе се помисли на областа на безбедноста или правдата, станува опасно и тоа ја руши државноста, но има случаи во историјата, кога во отсуство на ефикасни институции и во тие области, граѓаните интервенирале.

Што е најголем проблем. Токму тоа што денешната македонска држава има огромна институционална ерозија. Огромна. Што поради минатото, што поради најновите случувања. Тоа станува толку евидентно, што веќе создава реален ризик по државноста. Имаме ѓубре, државата е немоќна. Имаме загаден воздух, државата е немоќна. Имаме дивоградби, државата е немоќна. Имаме злоупотреба на правниот систем, државата е немоќна. Имаме злоупотреба на политичкиот систем, државата е немоќна. Имаме даночна евазија, државата е немоќна… и т.н. и т.н. Одговорот е во рацете на нас, граѓаните на Републиката. Ако сакаме да си ја зачуваме државноста, која ни се уништува од внатре, тогаш мораме ние да дејствуваме.

Има два начини на дејствување, револуционерен и системски. Првиот ги решава работите надвор од правилата, вториот во рамки на воспоставените норми и правила. Јас го препорачувам вториот, зашто немаме потреба од првиот. Низ воспоставените правила на игра, да го промениме од корен, овој скапан систем.

Тргнувам од премисата дека ние сме млада нација и млада држава. Во тој контекст, ние треба да имаме многу акумулирана енергија да продолжиме понатака. За нешто ново, за нешто друго, за нешто поинакво, за нешто подобро… Се сеќавате нели, битката за Македонија нема крај! Ако се проблем политичарите, тогаш да ги промениме. Кризата во политичкиот систем се одразува насекаде низ државата и во сите области. Тогаш да го промениме и ситемот. Како? Како поинаку, освен преку граѓански активизам. Поинаку и не може. Тие промени ќе донесат промени во сите области. Зар водени од клиентелизмот, ќе дозволиме државата да ни изумре? А тргнала по тој пат! Па греота е, Македонија е многу млада, за да дозволиме да умре. Животот е пред неа. Дај да и помогнеме. Дај да се заземеме за државата. Со тоа, на најдобар начин, си помагаме самите на себе си.

Ако можеше Ристиќ да ја подигне свеста во предметната област, ако тоа предизвика лавина реакции и ја подигна граѓанската будност, можеме сите. Само треба да бидеме храбри и посветени. Гледаме дека државата не може. Се сеќавате кога повикувавме „Републиката да ја земе власта во свои раце“. Едноставно Републиката не може. Парализирана е. Болна е. Тешко и е. Нема како, освен самите да засукаме ракави, да преземеме иницијативи во разни области, макар тоа да делува преземање на институционални овластувања и да направиме нешто добро за нашата држава. Ако политичките партии се во толкава криза, не може да се носат со предизвиците, не ги артикулираат интересите на повеќе од 70% од граѓаните, тогаш тоа е рака рана на нашата држава. Тогаш да преземеме граѓанска иницијатива и улогата на тие идеолошки и морално скрешени „институции“, да најдеме начин да им помогнеме. Да и помогнеме на Републиката, да се санираат последиците, но и да се отстранат причините кои доведуваат до толку чести политички кризи, кои во целост ги дерогираат државните институции. Ама сме биле апатични, сме изгубиле интерес, па како се е попусто, нема надеж… и ајде ќе седиме и ќе плачеме. Плачковци!

Држава не се прави со плачење и самосожалување. Држава се прави со граѓанска будност, со иницијатива, со акција! Ако седиме и оплакуваме врз нашата судбина, тогаш општествениот договор е мртов, а ние не знаеме за тоа. Суверенитетот е украден од рацете на државата, но не е вратен во наши раце, во рацете на граѓаните, туку е киднапиран во рацете на грст луѓе, кои одлучуваат само во свој интерес, а на наша сметка. Одлучуваат во наше име. Седејќи на страна, одлуките во наше име ќе ги донесуваат токму тие и такви дерогирани и делегитимирани политички елити. А ние можеме да си продолжеме да си плачиме. Случајот „рекет“, а јас би го нарекол феноменот „катица“, е причинско – последично поврзан токму со ова за кое Ви пишувам. Инертни граѓани, стоиме по страна, а сме изложени пред ѕидот на страмот на цел свет. Малку ли е? Уште ќе плачеме, уште ќе озборуваме како тетки на чешма, уште ќе чекаме друг да ни ја заврши работата или ќе засукаме ракави и ќе преземеме „јавни овластувања“ во наши раце?!? Времето е немилосрдно. Поминува. Републиката моли за помош. Одлуката е на секој еден од нас.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)