КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Жива Македонија

100

Честопати пишувам дека врвен македонски национален интерес е зацврстување, опстојување на воспоставената македонска државност. Секогаш на второ место ја ставам „жива Македонија“. Притоа секако мислам на еден од најважните атрибути на државноста, а тоа е населението. Всушност, првиот приоритет не е возможен без вториот. Македонското население е темелот на државноста. Суверенитетот извира од народот, од граѓаните, како правна форма на конституирањето на државноста. Сепак, возможна е суштински функционална држава само со силен човечки потенцијал во истата. Човечкиот ресурс е најважен, најскап и незаменлив.

Науката констатира низа фактори за намалување на населението на една држава. Анализите покажуваат специфичности за одделни држави. Исто така, причините често имаат и регионален или глобален карактер. Ова писание нема за задача истите да ги наведува или аплицира врз македонскиот случај. Поентата е да се каже дека народот без државност има некакви шанси да опстои, но државност без народ, никакви шанси. Таа државност може да биде уредена во различна форма и да се нарекува различно. Така ние македонските граѓани сме се договориле, нашата државност да ја уредиме како Република, а на истата да и дадеме име Република Македонија. Тој договор можеме кога сакаме да го менуваме. Секако, доколку мнозинството е согласно за истото. Така, можеме да се договориме Републиката да ни стане Тиранија. Како што всушност, во некои кратки периоди, знаеме да ја направиме премолчано и без договор. На моменти ние знаеме да преживееме и во Тиранија Македонија, а мнозинството да не се побуни, а со тоа премолчано да го санкционира општествениот договор. Имаше и идеја да бидеме и Монархија Македонија. Од тука, предмет на општествениот договор е како ќе се именува државноста. Во моментов е актуелна постапка за договорна промена на името на државата во Република Северна Македонија. Ја запазуваме формата, го менуваме називот. А каде е тука суштината? Суштината е во популацијата, во народот. Ако ја десеткуваме популацијата, ние сме ја промениле суштината. Заклучокот е, етничките и демографски промени се суштината, се она кое треба вистински да не загрижува дека ќе ја изгубиме македонската државност.

Името или формата на уредување на државата, не се суштината на истата. Народот е суштината. Ако се промени структурата на популацијата или идентитетот на нацијата, тогаш се менува државноста. Што правиме ние во Република Македонија? Додека се караме за називот, а тајно често ја злоставуваме формата на уредувањето, ние ја губиме суштината. Ние ја губиме популацијата. Пред очи.

Што преземаме во насока да ја зачуваме суштината на македонската државност? Да ја зачуваме „жива Македонија“? Се разбира, само гол политички популизам. Како и за се друго, така и по ова прашање. Но, за разлика од другите прашања, кои не се од суштински карактер, по ова прашање веќе не можеме да си дозволиме волунтаризам. Доволно беше. Можеме да менуваме или злоставуваме форми и називи, колку сакате. Но да продолжеме да ја игнорираме содржината, веќе нема простор. Доволно беше од закони за трето дете, закони за четврто, за шесто или шеснаесто. Решението е во македонското семејство.

Кој се грижи за македонското семејство. Секој член на тоа семејство. Што значи, иднината на македонското семејство, дирекно е условена од неколку типови на идентитет кај поединецот. Решението на суштинскиот проблем за македонската државност, лежи кај поединецот. Кај секој индивидуалец. Кој ги креира тие типови на идентитет кај поединецот? Се разбира на прво место е природата, но се понатаму е воспитанието и образованието, средината во која се развива единката, културата и религијата. И останати фактори, но со дејство во иста насока. Тука лежи зајакот драги пријатели. Тоа што ние, покрај политички гол популизам или ако сакате политички волунтаризам, практикуваме воспитен и образовен волунтаризам, практикуваме културен и религиски вулгаризам, а средината во која живеееме ја дотолчивме. Едноставно душа немаме. Грев немаме. Удривме на се она што е од круцијално значење за опстојување на нацијата, на популацијата.

Повикуваме на активизам. Разно разен, најчесто политички. Што е супер. Политички будна нација, ветува за државата. Но каде е таа граѓанска будност? Каде е воспитната улога на семејството и пријателите? Кој се грижи за таа основна клетка на македонското општество? Каде е образовниот професионализам во нашата држава? За тоа дека импровизираме образование, знаеме. На чисто сме. Каде е негата за традиционалните вредности? Каде е тука културата и грижата за културното наследство, во кое влегува и „идеолошкото наследство“? На крајот, каде е тука улогата на религијата во македонското општество? Дали под религија се подразбира само прослава на верски празници? Најчесто прославени на погрешен начин. Кога ќе започне пастирска дејност по македонските градови и села, да се објасни што е тоа да се биде религиозен, а што верник? Тоа има директно влијание врз суштината, врз моралот на индивидуалецот. Начинот како ја перцепира иднината. Дали и какво семејство да планира. Па само таа задача им е оставена од Бога и од Пророците. Друго немаат. А тоа е така, зашто од памтивек се знаело дека моралното поведение на поединецот е клучот за семејството и за државноста. Или кога станува збор за Македонија, ништо не важи? Почитувани, да засукаме ракави и да почнеме да работиме на систем, на решение за вистинската опасност по нашата државност.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)