КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Два лути камења

651

Два лути камења не мелат брашно! Тоа го кажува народната мудрост. Буквално во рамки на таа мудрост лежи и последното премрежие кое ни пристигна од соседна и пријателска Бугарија. Кои се тие два лути камења? Тоа е „југословенизмот“ кај нас и „живковизмот“ кај нив. Тоа е така добро менаџиран и усовршен судар, што нема шанси да добиеме брашно од таа мелница. Па макар и ‘ржано брашно. За пченично, абе ич муабет да не чиниме. Тоа се навидум толку лути противници, а всушност се два брата. Но најважно е во Македонија истите да се прикажат како први душмани!

Тие два брата се менаџирани од еден ист центар, таму горе накај северните степи. Таму е нивниот газда. Тој е фино момче, обича водка и да си игра со мелницата. Балканската мелница секако. Зошто се тие толку лути камења? Затоа што намерно се такви избрани. Така намерно се создадени. Чиниш мелат, вртат, а брашно нема. Пченицата отиде по вода. Но има една длабока вистина. Тоа е емоцијата на Македонците кон југословенизмот и емоцијата на Бугарите кон живковизмот. Причината за тоа е бедата, духовна и материјална, во која денес живееме граѓаните и на двете држави.

Во Македонија приказната е поедноставна. Тука транзицијата никако да не напушти. Трае и трае проклетата. Факт е дека голем дел од граѓаните живееја подобро за време југословенизмот, отколку денес. Тоа е прагматично чувство. Мотивира романтизам, кај по младоста, туку и по стандардот. Јас тоа го разбирам. Започнав да имам разбирање, сега на повозрасни години. Како помлад не го разбирав. Јас имам исклучително лични лоши спомени од таа Југославија. Но чувствата кај Македонците кои го респектираат тој југословенизам ги разбирам.

Од другата страна емоциите на Бугарите кон живковизмот на таа основа опаѓа. Денес Бугарија е членка на ЕУ, со исклучително повисок стандард од онаа советска Бугарија. Тогаш од каде таа опседнатост на Бугарите со живковизмот? Би требало да го имаат потиснато во себе. Да го имаат заборавено. Но таму не е така едноставно. Таму шефува големиот брат. Таму работите се многу, многу комплицирани. До тој степен, да немаат можност да прогледаат. Живковизмот им е наложен како филозофија на животот. Едноставно како историска вистина, која е така прифатена и не смее да се менува. Во таа смисла и голем дел од тезите за бугарскиот национален интерес, кои доаѓаат од Софија, се фалични, се темелат на гол живковизам. Секако дека и нашата историска вистина е гол југословенизам. Но Бугарите интересно, средија работа за ЕУ, средија стандард, колку толку, а после се вратија на Живковата филозофија. Кај нас обратно, чекор не мрдаме од југословенизмот и упорно си го штитиме „југословенскиот стандард“.

Проблемот не е во стандардот. Проблемот е во призмата на гледање на реалноста на двата лути камења. Едниот камен има една вистина за Македонците, другиот камен друга вистина. Кога ќе почнат да мелат, па тоа е лудница, не е мелница. Во тоа полека се претвора работата на „меѓудржавната комисија“ за „пеглање на вистината“. Тотална лудница. Тврди југословенисти и камен живковисти, брашно не мелат! Простете, не сакам да ми замерите и едните и другите, знам колку Ви е тешко, но тоа е вистината драги пријатели од „двете страни“ на комисијата. Вие сте во обид да го направите невозможното, да го направите обратното од народната мудрост. Два лути камења да мелат брашно?!? Чудо да го видам!

Јасно е сега дека не Ви го напаѓам југословенизмот на едните и живковизмот на другите. Ве молам да ме поштедите од таа дискусија. Уживајте во Вашата филозофија на „изми“. Јас имам обид и двете страни да Ве известам дека, во поглед на македонското прашање, нема тука „или, или“, туку „и, и“! Нема или решение за „вистината“ или нема влез во ЕУ, туку ќе има и решение за „вистината“ и влез во ЕУ! Впрочем тоа не зависи од Вас. Овој процес за стабилизација на Балканот има доволно силни пријатели, што без разлика на она кое Вие ќе го замрсите, тие пак ќе го оправат и пак ќе се прошират НАТО и ЕУ! Ви препорачувам да го прифатите овој совет и да се откажете од југо-живковите манџи!

Историјата не е гајба со јаболка, па ајде сега ќе делиме пола за мене, пола за тебе. Историјата е процес, емоција, судбини… може да зборуваме само за објективизација на историјата, а не за некаков компромис! Каков е тој компромис со историјата? Даме и наш, а Гоце е Ваш?!? Па какви се тие глупости? Нема компромис со историјата. И Даме и Гоце си се свои на своето. Објективизацијата може да биде само внатрешен процес во македонското општество. Историјата не е стока за трговија помеѓу државите. Ова не е државен проблем. Бугарија е членка на ЕУ, па во рамки на процесот на преговори помеѓу Македонија и ЕУ, до затворање на поглавјето за образованието, во една нормална, цивилизирана атмосфера, ќе се затворат сите прашања кои денес изгледаат „планини“. Така ќе ги оставиме југословенизмот и живковизмот на раат, тие нека си продолжат со Коминтерната, а ние ќе си тераме со европеизацијата и со обединета Европа! Секој во својот филм. На крај нашиот, европскиот ќе биде најгледан! И најубав!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)