КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Громогласна порака – некои прашања заслужуваат одговор

54

Националниот интерес е она кое сакаме да го постигнеме или зачуваме, без разлика на интересите на другите држави. Тој стои над сите внатрешни политички интереси, а предмет на промоција на надворешната политика. За многу држави, чија државност не е оспорена или условена како нашата, национален интерес е зачувување на мирот, националната безбедност или стабилен државен развој.

Секако дека и за Република Македонија истото е од огромно значење. Но ние имаме обврска да го заокружиме процесот на конституирање на нашата државност. Од тука и моето инсистирање државноста на Македонија да ја издигнеме над сите останати дилеми и интереси. Само во услови на егзистирање на македонска држава, ние имаме најмали шанси да ги реализираме останатите интереси. Во случај тој процес да не го затвориме и попатно да ја изгубиме државноста, ние сме изгубиле се, ние сме ги изгубиле и тие најмали шанси да ги оствариме нашите базични национални интереси. Тоа ќе биде скоро невозможно или премногу отежнато во услови на наше учество во некоја федерација или автономност во рамки на друг државен авторитет.
Доколку се обидам поентата на оваа колумна да ја поедноставам до тој степен, без да набројувам историски детали со цел да одбегнам дебата за „историската вистина“ која за мене не постои како таква, ќе постигнам ефект пластично да објаснам упростена слика со малку пиксели. Македонската држава е најкревка на Балканот, токму поради фактот што е и „најмлада“. Доколку се исклучи Косово од фокусот. Идејата за македонска државност исто така е „најмлада“ и помината низ неколку фази на созревање. Сите се сеќаваме или сме се сретнале со она „Ура за автономна Македонија“ до „Преку голгота до независна Македонија“. Од идеја до јаве. Помина премногу премрежја, за денес повторно да сме исправени пред истата одлука – дали ќе ја поткрепиме македонската државност?!? Едноставно е, се додека не го заокружиме тој процес и се додека не се помират сите околу нас со фактот на егзистирање на нашата државност, ние повторно и повторно ќе „одлучуваме“ за истото. Ме зачудува полемиката помеѓу нас, денешните припадници на современата македонска нација, но никогаш нема да пропуштам да истакнам, почитувани не заборавајте, немаме поважно од македонската државност. Во виорот на „македонската пролет“ промовиравме „Република во пламен“, но државноста не ја констатиравме. Решенијата на АСНОМ беа киднапирани и загушени од комунистичките лаги, а федерална Македонија немаше суверенитет. Делумната автономија која ја постигнавме во рамки на внатрешните промени на СФРЈ, ја крунисавме со прогласот за независна и суверена Република Македонија. Ама само во прогласот. Светот го препозна нашиот труд за наша полна државност и го поткрепи. Но Република Македонија се промовира како „условена држава“ во Обединетите нации, која мора да го затвори „идентитетскиот проблем“. Значи, било тоа популарно за мене или не, било тоа прифатливо за нас или не, ние мораме да си признаеме пред себе, дека во овој момент имаме „условена Република“, чие полно конституирање мораме да го завршиме. Тој „услов“ од меѓународната заедница да го отстраниме, да го победиме. А само ако победиме, ние ќе ја напишеме „историската вистина“. Ако не успееме во тоа, други ќе ни ја запишат, а ние само ќе имаме прилика да ја читаме и да си „шупотиме“ дали било така или не.
Од друга страна, претставата дека ова компромисно решение кое го имаме пред нас (Преспанскиот договор) е „крај на македонската историја“ и дека вакво чудо големо не е видено до сега, во целост ја отфрлам. И да победи опцијата „ЗА“ и да победи опцијата „Против“, повторно над Македонија ќе се роди ново сонце на слободата. Што е најважно, што е суштина, што е поентата за нас во овој историски момент. Тоа е да испратиме грмогласна порака до целиот свет. Порака на силна одлука. Порака која не ќе има простор повторно Грците да ја манипулираат. Порака за „македонската вистина“ и правдина. Ако таа порака биде толку силна, ние ќе ги отвориме портите на иднината, каква и да е нашата одлука. Ако после истата, овој процес е затворен, супер… сме го заокружиле фундаментирањето на државноста, сме го завршиле бетонирањето на темелите на современата македонска куќа. Ако одлучиме овој процес да го чуваме отворен, супер… продолжува вековната борба за македонска државност. Но пораката мора да биде толку силна, што и „најглувиот“ Грк и најнезаинтересираниот Европјанин ќе ја чуе. Бидејќи ова е историска одлука во историски момент. Громогласноста ја прават присутните. Доколку само 500.000 граѓани извикаме МАКЕДОНИЈА, тоа ќе се чуе до Гевгелија, но ако 1.500.000 граѓани извикаме МАКЕДОНИЈА, тоа јасно и гласно ќе се чуе и во Атина и во Брисел. Затоа почитувани граѓани на македонската Република, некои прашања ЗАСЛУЖУВААТ одговор. И тоа како, ова прашање вакво како што е, несмасно и неодржливо, заслужува одговор. Силен одговор. Да покажеме дека Македонците не бегаме од одговорноста, туку созреавме да донесуваме историски одлуки.
И тука „македонската голгота“ нема да заврши. И да влеземе во НАТО и ЕУ нема да заврши. Еден друг убав сончев ден, ќе има други форми, подобри и пофункционални од НАТО и ЕУ, па нашата борба за Македонија ќе продолжи таму. Ние сме заколнати да и служиме на таа борба. Ние само поради тоа имаме право да стоиме под „Бајракот на Организацијата“. Секој од нас, до крајот на својот живот, на свој грб си го носи својот „крст“. Но, сите ние заедно, до крајот на нашите животи, ќе го носиме „македонскиот крст“. И аманет ќе оставиме, аманет на непокор и саможртва до следните кои доаѓаат после нас, до крајот на нивните животи на нивни грб да продолжат да го носат „македонскиот крст“. И аманет да го пренесат аманетот…
Како и да се определите да одговорите, без разлика дали ќе ги прифатите моите аргументи кои извираат од „мојата вистина“ и моите емоции, едноставно мора да одговорите. Во зависност од „Вашата вистина“ и Вашите емоции. Мора да оставите печат на македонската одлука. Мора, после 100 години во историските читанки, оние на кои им го оставаме аманетот, да прочитаат дека нивните предци донеле ГРОМОГЛАСНА ОДЛУКА, а не се сокриле по дома. Да увидат дека истата била издржана. Да се стават во наша кожа, во далечната 2018 година и да не разберат за нашата одлука. Инаку ќе немаме образ да ги заветиме со аманетот.
Мораме ние да го исполниме ЗАВЕТОТ на нашите предци, за да останеме кредибилни пред поколенијата кои доаѓаат. Бегајќи од одлуката, ние бегаме од правото неродените да ги заветиме со борбата за Македонија.

Петар Богојески с.р.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ)