КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Горчината остана

56

Промената на името Република Македонија, сепак премногу тешко падна врз овој народ. Иако станува збор за реално допрецизирање, преку географска одредница, во насока на она што навистина сме, а тоа е само еден дел од територијата на Македонија и тоа значително помал од останатиот, надвор од нашата Република, сепак политичките елити кои се одлучија да „ќарат“ политички поени на толку чувствително прашање, создадоа таква хистерија, да тежината на процесот до толку натежна, што ја скрши живоста на луѓето. Едните тоа го претставија, за да се прикажат себеси како херои, кои решиле потежок Гордиев јазол од оној на Ацо Големиот, како чудо на возможното, но додадоа тежина. Точно, тежок процес, ама не долевај масло во огнот. Вторите пак, тоа го претставија толку трагично и „крај на светот“, што додатно го зголемија товарот. Се на се, тежината стана преголема, за да се носи. Ударот под таква тежина, искрши се што имаше за кршење.

Единствено надежта во подобро утро, работата ја држи под контрола. А тоа подобро утро е возможно, само и само со неодложен почеток на преговори за пристап кон ЕУ. Се друго, е пропратен фолкор. Следните 5 до 10 години ќе бидат „ЕУ години“. Фразата „преговори со ЕУ“ ќе ја слушаме толку често, што ептен ќе стане „неподносливо“. Вистински ќе натежне. Но овој пат, не на грбот на народот, туку на политичарите. Се надевам. Што ме прави исклучително задоволен. Во ред, преку членството во НАТО, државата ја обезбедивме. Имаме осигурителна полиса. Скапо ја плативме, но тоа е. На таков ризик, сите осигурителни компании, понудија иста цена. Бирај, бирај, на крај мора да платиш. Сега треба да ја направиме Македонија, просперитетна држава. Тоа е возможно, само преку полноправно членство во ЕУ. И на врапчињата тоа им е јасно. На кој уште не му се разјаснило, веројатно ќе заминат од овој свет, без да им светне.

Но зошто упорно и идиотски и тој процес на европеизација на македонското општество, толку го оптоваруваме, толку му даваме тежина, за овој народ пак да биде скршен и понижен? Пак од истите причини, од гол популизам? Повторно тие кои „водат процеси“, сакаат да се прикажат како херои кои нешто сработиле? А другите да се виктимизираат, како жртви кои, во недостаток на капацитет да се прилагодат на новото време, се прикажуваат како душегрижници, за нешто кое веќе е напуштено во Европа, пред два века? Имајте милост бре луѓе, имајте душа, доста го малтретирате овој народ. Доста! Луѓево живеат во страв и неизвесност од вашите хирови и неспособност. Ова вашите со мала буква, намерно! Доста правите слон од глушец. Доста сеење страв и омраза. А бе, доста!

Згора на се, фалат уште оние десетина хистерични „ултралиберални“ занесени фаци, кои до тој степен полуделе, што сакаат утре да се разбудиме со навики и обичаи, единствено својствени за Содома и Гомора. Како да само нивните „вредности“ се европски. А другите сме заостанати во развојот. Па и не сме Европјани. Тоа до тој степен ја искривува сликата за ЕУ и она што значи процес на европеизација на македонското општество, што прави дирекни штети баш на тој процес. Мене многу ме потсетуваат на оние, кооперација патриотите, хистерични под дејство на големо пиво, за кои сите останати сме предавници. Така за овие „европјаниве“, за кои сите останати сме антиевропјани. Кој од кој полуд. Да се чудиш. А народов исплашен, дека ако влеземе во ЕУ, ќе мора да практикува абортус, после секое второ влегување во спална, дека ќе треба да „општат“ луѓе по булевари, во „играта“ мора да се вклучи и по некое животинче… дека веќе нема да бидат татковци и мајки, туку ќе земаат бројче на лотарија, за кој родител под реден број се… дека во црква не дај Боже да влезеш, отиде функцијата… а бе ако се прашуваат ова „модерните“, ќе ни стават жолти Давидови ѕвезди на чело, како оние на Евреите, за да се знае кој е антиевропјанин.

А работата е толку едноставна, нели?!? Тие кои работат на европскиот процес, не се херои, туку тоа им е работа и за тоа земаат плата. А таа плата им ја даваме граѓаните на Републиката. Тие кои не се снаоѓаат во тој процес, едноставно не ги бива, а не дека се жртви на специјален заговор против нив или тоа е нивни избор, да останат надвор и од ова решение за Македонија. Исто како што останаа надвор од НАТО решението за Македонија. А овие „просветлениве европјани“, најдобро да намалат со желбата да ни докажат колку се „модерни“. На народов му треба мир и спокојство. На народов му требаат релевантни информации за тоа што е ЕУ, што се добива, како ќе биде Македонија претставена во европските институции и толку! Точка!

Зашто горчината остана. И тешко се лекува. Најистакнати новинари, јасно и недвосмислено искажаа дека за лична или домашна употреба, ќе го користат името Македонија, без никакви прецизирања, ниту политички, ниту географски. Бизнисмените тоа го прават. Наставниците воопшто не спомнуваат за „северна“. Јас сум во групата на легалисти, па користиме можност од договорот, а тоа е „дозволеното“ користење на терминот македонска, па особено драго ми е да напишам македонската Република. Исто како француската или грчката. Морам да признам, дека секој човек кој ќе се судри со „новото име“, покажува знаци на нелагодност. Благо кажано. Дефинитивно, горчината остана.

Како да направиме горчината да одминува. Секако пак преку крупни општествени и политички процеси, како што се изборите. Каде се тука Гордана и Стево да повикаат на разум и спокој. На единство и заедништво, за горчината полесно да ја пребродиме. Полесно да прежалиме. Европскиот процес да стане разбирлив за секој граѓанин, а не работите да ги дозамрсат. Да калкулираат со „професорски термини“, чиниш новитети од квантна физика промовираат. Или нови методи на генетски инженеринг. А всушност ништо не кажаа досега, освен реченици од манипулативен карактер. Со оглед на обемот на ингеренции на ПРМ, но и со оглед на влијанието кое го остварува досега, изборите овој пат не се дел од тој фолклор. Повторно ќе потенцирам, избираме претседател на „натовска“ Македонија. Како ќе се мобилизира граѓанскиот интерес за овие избори, ако на старт се тргна само со манипулации?!? Потребно е огромно мнозинство да излезе и да гласа. Потребен е народен легитимитет на оваа одлука.

Каде се тука, Гордана и Стево во ЕУ епизодата од серијата Македонија? Добро, двајцата имаа активна улога во НАТО епизодата. Позитивна и негативна, ама улога си е улога. Која улога сега ќе ја играат? Споредна или главна? Позитивна или негативна? Ќе видиме. Само на народот „умот шашма“ му го направивме. Еден ден бојкотирачите се патриоти, наредниот се предавници. После од патриоти, тие кои повикуваме на излезеност, преку ноќ станавме предавници. Зашто пази, сме повикувале, ама не со добри намери. Цццццц… Кое лудило ја зафати нашава земја. Горчината остана

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)