КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Галички ефект

101

Во лудилото на барање на предавници, читај еретици / вештици, додадовме дополнителна вредност. Дел од предавниците / еретиците, во дослух со инквизаторите, се обидуваат на домашната и светската јавност да и ја покажат и докажат целата чистота на инквизаторското делување. Па така, како демек ставени на клада и изложени на оган, договорени се да вриштат најсилно, за да докажат дека инквизаторите се во право и дека сите спалени сме исти, предавници / еретици. Господа тоа не поминува. Нема да дозволиме да помине

Некогаш гордост на Македонија, седело на преродбеници и уметници. Денес сведок на македонскиот инат и фрустрација. Галичник е пример како не треба. Врз него се истури целата македонска историска судбина, но и се употреби целата фрустрација, создадена не само на база на таа историска судбина, ами и на македонскиот инат. Америка успеа, зашто во нивниот карактер е да се почитуваат и негуваат успешните. Македонија никако да успее, зашто во нашиот карактер е да ги уништиме успешните, попаметните, повредните и да ги „спалиме на клада“. Во тоа е суштината на Галичник. Затоа и констатираниот „галички ефект“. Не сакам да помислам што ќе се случеше во средниот век, ако Македонија наместо под отоманска власт, беше под власта на Римскиот Папа. Мислам дека 80% од населението ќе ги прогласевме за еретици и вештици, и ќе се самозапалевме на клада од инат. Добро е што сме биле под ропство на Турците. Господ мислел на нас.

  • Резултатот од „галичкиот ефект“ доаѓа постепено. Како варењето на жабата. Ако ја фрлиш жабата во жешка вода, таа ќе рипне. Но ако ја оставиш во вода која постепено се загрева, таа ќе биде сварена. Така направија и „галичани“. Ако беа свесни што прават, додека ги сатанизираа успешните соселани, веројатно ќе прекинеа. Но постепено, тоа поведение им стана дел од нивниот карактер, и „бркајќи“ ги еден по еден оние кои вредат, на крај останаа само бркачите и тие се самоизбркаа од селото. Така денес Галичник е нем сведок на таа тажна вистина.

Денес е денот на Македонската револуционерна борба. Денот на Организацијата, на кој целосно и се покорувам. Ја почитувам од длабината на мојата душа. Но денес морам да признам дека „галичкиот ефект“ ја зафати цела наша Македонија. Во опасност сме засекогаш да ја изгубиме „жива“ Македонија. Не само поради наталитетот, туку особено поради „галичкото поведение“. Ништо од мојата почит кон ВМРО, ако немам храброст вистината да ја кажам во лице. Ако немам храброст да признаам, дека е можно да ги предадеме идеалите на Организацијата, токму таму каде што е најважно, а тоа е жива Македонија.

Македонија секогаш создава поединци со силни персонални можности. Во исто време создава и поединци со послаби од нив. Како секаде во светот. Но зошто прифативме за нормално да биде нивото, можностите на овие вторите? Зошто се плашиме да целиме повисоко? Зошто се ограничуваме во можностите? Зошто ги осудуваме за „еретици“ тие кои ни кажуваат дека можеме? Зошто го отфрламе новото, напредното? Зошто ги мразиме поуспешните од нас? Така беше и во Галичник! Така денес е во цела Македонија! Дали сме свесни дека ако вака продолжиме, ако ги доизбркаме сите квалитетни луѓе од земјава, ако ги потиснеме сите попаметни на маргините на општеството, дека Македонија ќе стане Галичник?

Имаме стотици народни поговорки. Некои добри, други подобри. Ама две се катастрофални по македонската иднина. Погубни за сите нас. Тоа е онаа „наведната глава, сабја не ја сечи“ и онаа „попаметниот попушта“. Е доволно беше! Доста веќе додека попаметните попуштаат, лудаците оро вијат. Доста беше наведната глава. Мојот избор од секогаш бил и ќе остане, онаа на Дамјан Груев, „подобро ужасен крај, отколку ужаси без крај!“ Подобро главата да ми падне веднаш, во чест и со чист образ, отколку наведната и засрамена. Подобро да се спротиставам на секоја „шушумига“, отколку да дозволам таа истата „шушумига“ да ме управува и мене и моето семејство и мојата татковина. Колку ќе се охрабрат и колку ќе тргнеме по истиот пат, незнам. Но ако некој посака по тој пат, прв услов е ситноста на човековата душа да ја остави дома. Да е подготвен да му признае статус на попаметниот, на поуспешниот. Па се понатака ќе стане полесно. Ако управуваат попаметните, похрабрите, поуспешните, и ние ќе живееме поубаво. Ако се организираме послабите, плашливите, неуспешните, и ги избркаме „различните“ од земјава или ги потиснеме на маргините на општеството, нема да живееме поубаво. Зашто не знаеме како, ниту што. Зашто на крај самите ќе се избракаме себе си.

Од филозофијата на „галичкиот ефект“ извира клиентелизмот во македонското општество. Тој е силно стиснат за нашата ситна македонска душа. Многумина ќе кажат, клиентелизмот е созададен како резултат на вековните ропства над Македонија. Некои ќе кажат, тоа е резултат на партискиот плурализам, пред се на практикувањето на „груевизмот“ како филозофија на управување со партијата и државата. Јас за жал, почитувани Македонци и македонки, но и сите граѓани на Република Македонија, констатирав дека клиентелизмот извира од нас самите, од нашата ситна душа. Робовладетелите, па макар тоа бил и последниот современ Никола Груевски, тоа само го констатирале пред мене и го употребиле за полесно да владеат. Не го создале, го употребиле. Само водата ја навратиле на своја воденица. Во своја бразда. Ништо повеќе. Ништо помалку. Ние сме си биле клиентела „од раѓање“. Тоа било природна состојба на македонскиот дух. На македонската свест и совест. За жал. За жал. Колку време ќе треба тоа да се промени? Многу. Дали имаме толку време? Немаме. Чаре? Само отварање кон светот и адаптирање на европските вредности, може да не избават од оваа состојба. Инаку готови сме. Одиме накај Галичник.

  • Сето ова кое го наведив, денес е својствено и за мојата партија ВМРО ДПМНЕ, која е нераскинлив дел од македонското општество. За жал кај нас во партија, тоа е надградено и проширено. До степен на шизофреност. Галичкиот ефект не корне. Има толкав набој на фрустрација и гнев, што инквизицијата во партијата ја надминува онаа шпанската. Иквизицијата во нашиов случај е надградена и проширена со филмски перформанс. Во лудилото на барање на прадавници, читај еретици / вештици, додадовме дополнителна вредност. Дел од предавниците / еретиците, во дослух со инквизаторите, се обидуваат на домашната и светската јавност да и ја покажат и докажат целата чистота на инквизаторското делување. Па така, како демек ставени на клада и изложени на оган, договорени се да вриштат најсилно, за да докажат дека инквизаторите се во право и дека сите спалени сме исти, предавници / еретици. Господа тоа не поминува. Нема да дозволиме да помине. Ниту инквизицијата во „реформираното и ново“ ВМРО ДПМНЕ, па ниту самото „лажно реформирање“! Господа, ќе мора да се соочите со погрешните политики, катастрофата со „бојкот стратегијата“, катастрофа и по Македонија и по партијата. Ќе мора да си понесете одговорност за тоа, бидејќи во целост ги прекршивте и програмата и Статутот на партијата. Вашиот бојкот доведе до промена на

Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија и до целосно напуштање на евро-атлантската агенда на партијата. Со тоа вие сте „предавниците / еретиците“, а не обвинетите. Гревот стои на Ваши рамена и вечно ќе Ви тежи. А заболените од „галичкиот синдром“, кои се намножиле во партијата, нема да Ви помогнат. Напротив, еден ден истите тие ќе извикуваат запалете ги еретиците, како што денес извикуваат додека „привидно горат“ нивните довчерашни газди. Вмровската фрустрација и гнев се повторно погрешно насочени. И повторно од истите фрустрации на ниска вредност, поттикнати од галичкиот ефект, не сакаат да ја видат вистината – сите добија тоа што сакаа, само Македонија плати дупла цена. На добар пат е и ВМРО ДПМНЕ да стане Галичник. Само спомени и сеќавања, за едно славно минато. На крај, последните кои ќе успеат да ги исклучат сите, ќе се самозапалат, за да докажат дека инквизицијата била во право. Оплакувам врз слепиот вмровец!

Се извинувам на сите граѓани со потекло од Галичник. Во оваа колумна, Вие и Вашето убаво село, сте земени само како илустрација на тажната македонска вистина. Нема друга намера.
Петар Богојески с.в.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)