Веста за убиството на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска беше примена со неверување, болка, тага и вознемиреност кај граѓаните. Ниту една вест не ја разбранува, згрози и не ја вознемири толку јавноста како ова свирепо, безмилосно и бесчувствително убиство на недолжно 14-годишно девојченце. Револтот и згрозеноста, но и загриженоста се толку големи затоа што ниту еден нормален човек не може да си објасни како е можно некој толку ладнокрвно да одземе живот на едно недолжно дете, кое едвај зачекорило во животот. Токму монструозноста и ладнокрвноста на сторителите на ова безумно убиство, кое се случило само неколку часа по грабнувањето на девојчето, некадарноста на органите брзо и соодветно да реагираат и покрај огромните ресурси и техничките можности, создадоа чувство на несигурност и страв кај луѓето за сопствената безбедност и сигурност, особено за безбедноста на своите деца.
Она што особено згрозува и вџашува е леснотијата со која ѕверски е одземен еден детски живот, на едно невино и младо суштество, кое ниту можело ниту имало време некому да згреши толку за да посегне по нејзиниот живот. Грабнувањето, мотивот, начинот на извршувањето, упорноста и организираноста на сторителите, младоста на жртвата, времето на извршувањето, само неколку часа по грабнувањето, ги покажува и ги отсликува безочноста, безмилосноста и ладнокрвноста на убијците, кои никако поинаку не може да бидат наречени, освен монструми. А, тие монструми живееле и егзистирале меѓу нас, тие монструми се родители и имаат деца, па е несфатливо како можеле свирепо и безмилосно, со сопствени раце, да одземат живот на едно девојченце, кое ниту можело да се брани ниту имало шанса да го спаси својот живот.
Многу одамна Македонија, како држава и како општество, се соочува со огромен наплив и пораст на криминалот и на корупцијата, од една страна, и со проблемот на нефункционални институции, непрофесионализам, аматеризам, нестручност на кадрите задолжени за борбата со криминалот и корупцијата. Во изминативе години, општеството се соочи со десетици настани во кои многу луѓе ги загубија своите животи, а само еден дел беа квалификувани како убиства, од кои дел останаа нерасчистени, а дел добија некаква судска завршница, која никого не убеди во вистинитоста на она што ѝ се презентираше на јавноста и не даде одговори кои ги бараше јавноста и кои мораше да ги добие. Со дел од таквите предмети, безочно и крајно безобразно се шпекулираше дури и од највисоките политички структури и се ветуваше вистина, која никогаш не им беше соопштена на роднините на жртвите. Токму таквиот однос ги сензибилизираше општеството и луѓето и создаде недоверба во правниот систем, кој требаше да ги санкционира сторителите, но, пред сè, да ја утврди вистината и да даде одговори на прашањата кои ја мачеа и ја згрозуваа јавноста.
Законот е јасен во поглед на тајноста на постапката кога се спроведувањето на истрагата и прибирањето докази во прашање, но законот е, исто така, кристално јасен кога се казнувањето и целите на казнувањето во прашање. Изречените казни имаат цел да влијаат и на полето и на специјалната, но и на полето на генералната превенција, што е единствено можно ако и само ако на граѓаните целосно и недвосмислено им се презентира вистината, а таа единствено може да се утврди со квалитетно и комплетно прибирање материјални докази и со целосно расчистување на случајот.
Секое затскривање докази или манипулирање со нив доведува до шпекулации во јавноста, внесува немир и несигурност кај граѓаните и создава револт и бес.
Се надевам дека надлежните институции и органи целосно и брзо ќе го расчистат ова грозоморно и безумно убиство и ќе ја утврдат вистината, а сторителите ќе бидат изнесени пред лицето на правдата, која овој пат нема да биде дволична, туку ќе ги казни сторителите со најстрога можна казна предвидена во законот, затоа што не постојат, ниту може да постојат олеснителни околности и какво било оправдување за вакво нешто, и засекогаш да ги тргне монструмите од општеството.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)