КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Амнестија или пак ни го сместија

1659

Амнестија, политички надмудрувања, политикантски улизувања, популистички умилкувања, еден куп работни групи кои како работат на законот и отсуство на правна и човечка логика, тоа е единствено нешто што се случува во распаднатиот правосуден систем, ако се изземат судењата кои најмалку на тоа личат и обвинители со врзани очи  кои ги отвораат по нарачка и политичка потреба. Сè што покренале како обвинение е килаво, непоткрепено, набрзина склепано, па после се чудат на укинатите пресуди и предмети кои траат со децении.

Но да се вратиме на амнестијата. Како и сè што се случува кај нас, така и случувањата околу амнестијата, дефинирање на целите, причините, обемот, резултатот што се очекува и последиците кои ќе ги предизвика, воопшто не се предмет на дискусија и правно аргументирање, туку се последица на политикантска потреба за гласови. Кај нас сè се прави на „ура”, волунтаристички, без стручна анализа , прикрпено и секогаш наместо да се реши определен проблем или ситуација се отвора нова дупка и се создава нов проблем.

Амнестија потекнува од грчкиот збор  amnestia и како правен институт служи за ослободување од гонење на определен број лица, потполно или делумно ослободување од извршување на казните, заменување на изречената казна со поблага, бришење на осуда или  укинување на правните последици од осудата.

Амнестијата како правен институт потекнува уште од најстари времиња и произлегува од неприкосновеното право на државата да казнува, а со самото тоа и да простува и најчесто се применува како израз на добра волја кон осудените лица, како обид за нивна реадаптација и ресоцијализација. Најчесто амнестијата се применува во периодот по завршена војна или вооружен конфликт, заради ресоцијализација на учесниците и за помирување во општеството.  Во современите општества таа редовно се применува како чин на делумно простување на казните на сторителите на помалку сериозни кривични дела, но и како исправка на судската неправда извршена во времето на недемократските политички режими.

Во голем број европски држави амнестијата е уставна категорија, а надлежен орган за давање на амнестија е парламентот.  Различни се по опсегот, односно кругот на лица кои ги опфаќа амнестијата. За Франција е карактеристична бланко-амнестија со која ослободувањето или намалувањето на затворската казна се однесува на сите лица кои сториле некое кривично дело што е опфатено со амнестијата додека во Италија е специфична општа амнестија со која се опфаќаат сите затвореници. Таква амнестија Италија спровела 2006 година, а интересен е примерот кога во времето на Берлускони биле амнестирани сите затвореници осудени за затајување данок, но биле задолжени да уплатат во државниот буџет по 5% од вредноста на нивниот имот. Во САД се применува делумна амнестија со која на затворениците им се простува дел од казната, другиот дел се заменува со општокорисна работа како можност за нивна  социјализација, а се определува  и време во кое не смеат повторно да сторат кривично дело. Во САД е повеќе пати применувана амнестијата за да им се овозможи на нелегалните имигранти да добијат работна дозвола или државјанство. Кај нашите соседи и бивши југословенски републики е спроведена амнестија како што е во Словенија 2001, со намалување на казните за една четвртина, 2010 во Србија за делата поврзани со избегнувањето на попис, одбегнување на воената служба и дезертерство, а во 2012 година биле амнестирани осудениците кои биле судени според законите што престанале да важат. Хрватска применувала амнестија во врска со делата поврзани со воениот конфликт

Во Македонија, од осамостојувањето до денес се донесени 7 закони за амнестија. Првиот закон за амнестија бил донесен во 1991 година, па следувале законот во 1999, кој е дел од политичкиот договор меѓу коалиционите партнери во владата, ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, со кој биле ослободени градоначалниците на Тетово и на Гостивар, Алајдин Демири и Руфи Османи, како и учесниците во обидот за отворање на незаконскиот универзитет на албански јазик во Мала Речица, законот во 2002 година, како последица на Охридскиот рамковен договор, со кој се предвидувало ослободување од гонење, запирање на судските постапки и ослободување на затворениците поврзани со воениот конфликт во 2001 година.

Во 2003 година (ревидиран 2004 година) бил донесен четвртиот закон за амнестија, кој ги опфатил граѓаните кои ја одбегнувале воената обврска и самоволно се оддалечувале од вооружените сили. Во 2018 година се донесени два закона за амнестија, во првиот е амнестирана група на правосилно осудени лица со цел да се забрза ресоцијализација и да растоварат затворите. Вториот се однесуваше на  настаните во Собранието од 27 април 2017 година, закон кој предизвика многу дилеми и реакции и за кој многу се зборуваше и пишуваше. Последниот закон за амнестија беше донесен за лица осудени за непочитување на мерките во време на пандемијата.

Во тек е изготвување, а пред сè политичко пазарење и надмудрување околу новиот закон за амнестија. Како и најголемиот број на законите за амнестија (а не се исклучок ни други закони) воопшто не претставувале правен механизам ниту имале за цел правно решавање на определени состојби туку биле производ на политичко пазарење, а за цел имале задржување на власта преку удоволување на коалиционите партнери или моќни лоби групи, така и овој закон има слична политичка позадина, а целта е добивање на потребен број гласови за промена на Уставот.

Апсурдни се и смешни аргументите на Министерството за правда кое посочува дека со законот ќе се постигне и ресоцијализација  и растоварување на сегашните капацитети на казнено поправните установи од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна ако се знае дека во моментов 2.114 осуденици издржуваат затворска казна, 2.813 треба да влезат во затвор, а со усвојување на законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна нешто помалку од 300 осуденици и делумно амнестирани 996. Ниту аргументот за затворската инфекција на осудените на краткотрајни затворски казни не држи затоа што тоа многу лесно се решава со институтот пробација, односно со користење на алтернативни мерки – условна осуда со заштитен надзор, куќен затвор, општокорисна работа.

Ова не значи дека ваков закон не и е потребен на Македонија, напротив, прекупотребен и е но истиот треба да ги исполни основните функции кои амнестијата ги има , а тоа е ресоцијализација на сите осуденици, а пред сè треба да служи  за помирување во општеството кое е длабоко партиски и национално поделено, но треба да послужи и како коректив на сомнителните судења и пресуди, за политички монтираните предмети за кои со години зборува јавноста, како домашната така и меѓународната.

Редно е и крајно време да се направи нешто што има правна логика и цел во Македонија, а да не служи единствено за политичко пазарење и калкулирање.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)