Колку чини влезот на Алтернатива во Владата?!

Учеството на Алтернатива во преговорите за влез во Владата е за да се даде шанса земјава да излезе од политичката криза, но и да не ја изгуби историската шанса за почеток на преговори за членство во ЕУ, истакна партискиот лидер Африм Гаши, денеска пред почетокот на втората средба со премиерот Зоран Заев. Тој додаде дека најважно е да постигнат политички договор, со поголеми промени, а второстепено е кои функции би ги добиле и кој би бил новиот мандатар. СДСМ нов лидер ќе избира на претстојниот конгрес, кој ќе се одржи на 12 декември. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и понатаму смета дека владата на СДСМ-ДУИ е нелегитимна и изрази надеж дека претседателот на Алтернатива знае со кого седнува на маса.

185

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, денеска одржаа втора рунда во рамки на преговорите оваа партијата да се приклучи во Владата и парламентарното мнозинство. Колку чини влезот на Алтернатива во Владата, ќе се знае набргу, како и колку министерски и директорски места бара Гаши, да стане партнер на Заев на „Илинденска“ бр. 2. Денеска, на оваа тема, актуелниот премиер Заев не сакаше да даде изјава туку најави соопштение по завршување на средбата. Лидерот на Алтернатива, пак, повтори дека нивното учеството е за да се даде шанса земјава да излезе од политичката криза, но и да не ја изгуби историската шанса за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

„Ќе видиме каков е концептот на премиерот и неговите сегашни партнери и што очекуваат од нашиот придонес во идната влада. Ако успееме да изградиме нов концепт, поголеми промени, мислам дека Алтернатива е подготвена да помогне“, изјави Гаши пред средбата во Клубот на пратеници.

Во врска со шпекулации дека Алтернатива за влез во Владата ќе бара да води две министерства, како и да добие тројца заменици-министри и еден вицепремиер, при што се споменуваа министерствата за земјоделство, здравство, култура, труд и социјала или образование, тој истакна дека првостепено се заинтересирани за договор околу политичките критериуми, а дури потоа ќе се разговара за функциите. Гаши рече дека се против брзи избори и би сакале да се формира влада која до 2024 ќе ги отвори преговорите за членство во ЕУ и ќе постигне значителен напредок. Во поглед на тоа дали за партијата е прифатлив Димитар Ковачевски како иден мандатар, подвлече дека не сакаат да се мешаат во кадровските решенија кои се работа на СДСМ, како најголема владејачка партија.

Ова е втора средба на Заев и Гаши, откако на 19, месецов, тие разговараа за условите и улогата на Алтернатива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи. Централното претседателство на Алтернатива во петокот го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза, додека на седницата на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа исто така во петокот, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство.

Една од најзначајните причини поради кои Алтернатива би влегла во Влада, како што изјави викендов Заев, е да обезбеди стабилна влада и стабилно мнозинство поради почеток на преговори со ЕУ. Од влезот на Алтернатива и преговорите со Бугарија, според него, зависи кога тој би поднел оставка на премиерската позиција во Парламентот.

СДСМ нов лидер ќе избира на претстојниот конгрес, кој ќе се одржи на 12 декември, а меѓу кандидатите нема да биде министерот за здравство Венко Филипче, кој вчера изјави дека нема амбиции да биде лидер на СДСМ. Единствен кандидат засега, кој најави официјално кандидатура за партиски лидер е Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на социјалдемократите, кој ја доби поддршката и од Заев.

Во меѓувреме, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,  повтори дека владата на СДСМ-ДУИ е нелегитимна и изрази надеж дека претседателот на Алтернатива знае со кого седнува на маса.

„Едно е јасно, а на тоа беше сведок и народот, дека и тие 59 кои ги имаа дента кога се гласаше недоверба на Владата не беа во Собранието и не застанаа во одбрана на ова владино мнозинство, што за мене претставува кукавички чин. Ако веруваа дека оваа влада е добра и работи во интересите на граѓаните, тогаш требаше да бидат во клупите и да се спротивстават“, изјави Мицкоски.

Шефот на дипломатијата и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, пак, вели дека има мнозинство во Парламентот и тоа дополнително ќе се зголеми. Во однос на преговорите со Алтернатива, Османи истакна дека тие разговори се заеднички помеѓу сите коалициски партнери, меѓутоа, како што кажа, во име на сите коалициски партнери истите ги спроведува премиерот“.

(И.С.)