Колку трпение нè дели од Брисел?

Временски рамки и датуми не носат никаков успех. Сепак, тоа не значи дека имаме бескрајно трпение за разговори. Што повеќе чекаме, тоа помалку ќе има решителност и енергија за решавање. Наша водилка во преговорите е Резолуцијата усвоена од Собранието, за која гласаа сите партии и ниту едно решение нема да биде надвор од тој документ, рече Маричиќ

55

Надежите дека до крајот на француското претседателство со Европска Унија се топат како што се приближуваме до јуни. Тоа, суптилно го потврди и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, кој преку телевизиско интервју на македонските власти им порача да не се обврзуваат со датуми, туку да се потрудат да испорачаат резултати. Бомгартнер порачува дека ветувањата без реални резултати влијаат врз граѓаните и се раѓа разочарување и евроскептицизам.

– Треба да бидеме концентрирани на активностите што ги водиме и да се обидеме да направиме сè што е можно, навистина во некои разумни рамки за да ја постигнеме целта што ја посакуваат сите во Европа, а тоа е навистина договор колку што е можно побрзо, вели Бомгартнер.

Тој вели дека ЕУ за ова прашање е многу добро координирана со Американците кои посакуваат да одиграат корисна улога, а што се однесува до Франција и Германија има вистинско политичко внимание за ова досие и прашање и има дијалог што е непрекинат за оваа тема, сето тоа со желба да се постигнат услови и старт на претпристапните преговори  колку што е можно побрзо.

Бомгартнер негативно одговори на прашањето дали Тирана може сама да ги стартува преговорите, идеја која беше покрената многу пати во рамки на повеќе дебати во Унијата.

– Правно нема поврзаност меѓу двете земји и според новата методологија, секоја може да напредува според своите заслуги и во тој поглед што сепак постои тој двоец, може на прв поглед ви се чини чуден, но овде зборуваме за нешто поспецифично – отворање на преговорите за членство, а тоа е само една етапа од процесот и јасно е дека во таа перспектива има смисла тој двоец и паралелизам меѓу двете прашања, затоа што доколку се случи раздвојување, би било дестабилизирачко кон оние кои би се почувствувале како жртви, вели Бомгратнер.

Заменик-претседателот на Влада задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во своето обраќање на форумот „100 дена Влада“, потенцираше дека оваа година за време на француското претседателство треба да се направи обид за сериозен напредок и решение, бидејќи Франција е една од највлијателните држави во ЕУ, а и претседателот Макрон се залага лично за напредок на евроинтеграциите на Западен Балкан.

– Јас мислам дека траекторијата на движење која ја воспоставивме со новиот пристап со владата на Бугарија е таа единствено што може да нè доведе до некаков успех, рече Маричиќ.

Во однос на подготвеноста за евроинтеграцискиот процес, вицепремиерот Маричиќ рече дека Македонија имала периоди и на напредок и на назадување, дека е прва држава што ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години го има статусот на кандидат.

– Последните пет години се период на интензивен напредок во делот на евроинтеграциите и тоа време треба да се верификува. Ако гледаме и по податоците во процесот на Стабилизација и асоцијација, кој трае веќе речиси 20 години и по сите оние напори што ги правиме во редовното известување кон ЕУ, имаме ниво на 45% подготвеност или усогласеност со системот на ЕУ, истакна Маричиќ. Тој напомена дека Владата останува посветена на разговорите со Бугарија и на изнаоѓање решение за подигнување на ветото, посочувајќи дека се бара документ со јасно исцртани обврски, за да нема нови барања кога сегашните ќе се решат. За спорот со Бугарија, нагласи, ќе се бара европско решение, базирано на европски вредности, без врзување за временски рамки и датуми.

– Временски рамки и датуми не носат никаков успех. Сепак, тоа не значи дека имаме бескрајно трпение за разговори. Што повеќе чекаме, тоа помалку ќе има решителност и енергија за решавање. Наша водилка во преговорите е Резолуцијата усвоена од Собранието, за која гласаа сите партии и ниту едно решение нема да биде надвор од тој документ, рече Маричиќ.