Кои се шансите? Во најсувата пустина на свет никнуваат живописни цвеќиња/ВИДЕО

168

Песочните дини на чилеанската Атакама повторно се облеани во живописни бои, откако во последните недели никнаа цвеќиња во пустината која важи за најсувата во светот.

Таканаречената цветна пустина привлекува домашни и странски посетители секоја пролет на јужната хемисфера, објави Ројтерс. Цветовите никнуваат во зависност од количината на врнежи во зимската сезона.

„Ова е природна лабораторија, бидејќи ви овозможува да видите како промените во врнежите влијаат на разновидноста на растенијата“, рече биологот Андреа Лоаиза за време на обиколка на областа.

Отпорните семиња и луковиците можат да преживеат екстремно суво време во пустината Атакама, додека во текот на пролетта не цветаат.

Џина Арансио, ботаничар од локалниот Универзитет Ла Серена, рече дека семињата и луковиците можат да преживеат многу години дури и кога нема дожд.

Иако оваа област е официјално заштитена и на посетителите им е дозволено да одат само до одредени делови, вообичаено е да се видат штети предизвикани од возила.

Покрај тоа, постои опасност од трговија со растенија.

Биологот Цезар Пизаро рече дека постои тенденција да има сѐ помалку врнежи, со исклучок на 2007 и 2011 година.