Бразилските научници открија случаи на пациенти со две различни варијанти на новиот коронавирус во телото истовремено. Научниците започнаа да истражуваат што може ова да значи и дали влијае на состојбата на пациентот.

Познато е дека вирусите еволуираат и постојано мутираат, што доведува до нови варијанти. Дури и имунолошкиот одговор може да предизвика промени и да го охрабри вирусот да се прилагоди. Повеќето варијанти на коронавирус што се појавуваат нема да имаат значително влијание врз вирусот. Но, загрижувачки се оние варијанти кои побрзо се шират или им бегаат на антителата.

Во споредба со другите РНА вируси, коронавирусите имаат пониски стапки на мутација. Сепак, постојат докази за генетска вирусна разновидност кај пациенти заразени со САРС-CoV-2.

Појавата на повеќе варијанти на вирусот кај една личност може да биде резултат на истовремена инфекција со различни варијанти на вирусот или резултат на генерирање или создавање мутации кај пациентот по првичната инфекција со вирусот.

Двајца бразилски пациенти имале коинфекција, што значи дека пациентите биле заразени со две различни варијанти на вирусот истовремено. Ова предизвика загриженост кај научниците бидејќи се чини дека вирусот САРС-КоВ-2 може многу брзо да мутира. Ова се случува затоа што коронавирусите можат да претрпат големи промени во нивната генетска низа со процес наречен рекомбинација.

Кога два вируси инфицираат иста клетка, тие можат да разменуваат големи делови од нивните геноми и да создадат целосно нови низи. Овој феномен е веќе познат кај РНА вирусот.

Докази за рекомбинација се пронајдени и во лабораторија и кај пациент заразен со САРС-КоВ-2, што сугерира дека ова може да поттикне создавање на нови варијанти на вирусот, пишува The Conversation.

Според досегашните сознанија, се чини дека инфекцијата со двете варијанти истовремено, не предизвикува посериозно заболување. Треба да се напомене дека досега се пријавени многу малку случаи на коинфекција. Сепак, научниците внимателно ги следат мутациите во вирусот со цел подобро да ги разберат и да знаат како новите варијанти влијаат на ефикасноста на вакцината.