Кога не функционира совеста

124

Ова се речиси секојдневни слики од скопскиот градски парк, но и маалските паркови. Граѓаните постојано реагираат на нехигиената и расфрлениот отпад.

Од 02 Иницијатива се обиделе да добијат информации според законот за слободен пристап до нив, колку МВР е ажурна во спроведување и казнување, според член 14 од Законот за јавна чистота и еве ги податоците за територијата на цела држава:

Во 2019 година ( до 15 ноември):

1. По член 14, издадени се 43 платни налози, 538 мандантни платни налози, 96 записници за општокорисна работа, осум барања за поведување прекршочна постапка;

2. По член 14-а, издадени се шест платни налози, пет мандантни платни налози и две барања за поведување прекршочна постапка;

Во 2018 година:

1. По член 14, издадени се 74 платни налози, 698 мандантни платни налози, 136 записници за општокорисна работа, 38 барања за поведување прекршочна постапка;

2. По член 14-а, издадени се два платни налози и три барања за поведување прекршочна постапка;

– Надлежен за спроведување на законот е органот на државната управа одговорен за работите од областа на комуналните работи, инспекцискиот надзор го вршат општинските комунални инспектори, односно комуналните инспектори на градот Скопје. Ги повикуваме инспекциските служби при општините и град Скопје, транспарентно да објават колку казни се изречени за изминатиов период од 2 години, токму според овој член, затоа што е очигледно дека не е доволен стравот од казна, кога основната култура и совесно однесување и натаму ги нема – забележуваат од 02 Иницијатива.

Викендов што помина во градскиот парк, 30 минути пред полицискиот час, преполните корпи со отпадоци зборуваа за посетеноста на паркот тој ден.

– Повеќето корпи беа преполни, па граѓаните ѓубрето го оставале и околу нив, водени од логиката – „не сум јас крив што тука нема кој да го исчисти“, иако на само 50 метри се наоѓаа празни корпи, а и контејнерите кои ги има на влезовите на паркот и покрај пофреквентните локации беа полупразни. Толку ли е тешко ако таму некој не ги испразнил корпите во текот на денот, да не може да се понесе ќесичката со сопствениот отпад и да се фрли во најблискиот празен контејнер – прашуваат од 02 Иницијатива. 

Оттаму забележуваат дека во услови кога здравјето ни е во фокус, не треба многу за да се сфати важноста од чистиот воздух и здравата животна средина за него и подобрување на целиот имунитет. Зошто тогаш и оние малку зелени површини што ги имаме не ги зачуваме чисти и без да ги затрупуваме со сопствениот отпад?

– Но кога не функционира совеста, треба да функционираат законите и тие кои се платени да ги спроведуваат, затоа што и оние кои се совесни, плаќаат редовно комуналии и даноци не заслужуваат да живеат покрај ѓубришта и депонии заради оние кои не се. Државните и градските институции се должни да се организираат, инспекторираат, казнуваат и воведат ред, со еден збор да си ја вршат работата – констатираат од 02 Иницијатива.