Ковид-ваучерите ќе може да се користат во Грција, а за откажување на новите резервации ќе се враќаат парите

Граѓаните ќе може да летуваат во Грција со ПСР-тест или вакцина. Освен во Грција, за која лани беа издадени најголем дел од ваучерите за "Early Booking" ,во понудите на туристичките агенции за лето 2021 година се и Албанија, Црна Гора, Турција и некој од подалечните туристички дестинации. За оние понуди за кој ќе треба да се доплати, со оглед на тоа дека минатогодишните понуди нема да важат, туристичките агенции ќе вршат поврат на уплатените средства само на доплатата, но не и на ваучерите кој ќе останат, но со нов датум на важење

248

Ковид-ваучерите, кој граѓаните ги добија лани поради откажаните туристички аранжмани, ќе можат да ги искористат во Грција, каде што годинава ќе може да летуваат со ПСР-тест или вакцина. Што се однесува до новите резервации направени за претстојната туристичка сезона, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен отказ, односно доколку поради ковид ситуацијата не се реализира аранжманот кој е уплатен, тогаш на клиентите целосно ќе им бидат вратени парите. За оние понуди за кој ќе треба да се доплати, со оглед на тоа дека минатогодишните понуди нема да важат туристичките агенции ќе вршат поврат на уплатените средства само на доплатата, но не и на ваучерите кој ќе останат, но со нов датум на важење.

Туристичките агенции годинава понудија голем избор на дестинации во кој граѓаните ќе може да летуваат. Освен во Грција за која лани беа издадени најголем дел од ваучерите за “Early Booking”, во понудите на туристичките агенции за лето 2021 година се и Албанија, Црна Гора, Турција и некој од подалечните туристички дестинации.

-Ваучерите кои клиентите ги добија за уплатени аранжмани и кој поради ковид- кризата не се реализираа минатата година ќе можат да ги искористат до 31.12.2021 година. Износот што минатата  година го уплатија клиентите сега ќе можат да ја искористат во целост, бидејќи токму според уплатениот износ е издаден ваучерот. Во зависност од аранжманот, кој сега ќе го одберат, ќе зависи и тоа колку ќе се промени цената на резервацијата. Понудата за лето 2021 ја објавивме и со сигурност можам да кажам дека имаме широка понуда каде што клиентите ќе може да ги искористат ковид ваучерите. Граѓаните можат да одберат една од саканите дестинации Грција, апартманско и хотелско сместување, Албанија, Црна Гора, а ќе имаме и чартер програма за Турција. Ковид ваучерите исто така може да ги искористат и за некоја екскурзија, дали за 8 март, за Велигден или за некој друг празник. Вредноста на ваучерот е всушност уплатената сума која клиентот ја има направено кај нас за аранжман кој поради ковид кризата не се реализира, изјави за ВЕЧЕР, Елизабета Кочева-Јосифовска, менаџер за маркетинг и продажба во ЈК Травел.

За секоја нова резервација, односно нова уплата направена до 31. 3. 2021 година, клиентите ќе имаат можност за бесплатен отказ, односно ако поради ковид ситуацијата не се реализира аранжманот кој е уплатен, тогаш на клиентите целосно им ги рефундираме  уплатените средства.

-Истото важи и за оние резервации каде клиентите користат ваучер од минатата  година но имаат нова доплата на истиот аранжман. Доколку не се реализира аранжманот на доплатата, која ќе биде направена, ќе им биде направен поврат на парите, а ваучерите ќе останат но со нов датум на важење, објаснува Кочева-Јосифовска.

Со веста дека се обновуваат летовите Скопје – Атина и дека Србија и Грција ќе потпишат меморандум со кој ќе се регулираат патувањата меѓу двете земји од 1 мај до 1 октомври, од туристичките агенции се надеваат дека границата на нашиот северен сосед наскоро ќе биде отворена и за нашите граѓани и тие повторно ќе патуваат во својата омилена летна дестинација.

(А.С.)