Ковачевски: Пендаровски влегува во прифилот на потенцијалниот претседателски кандидат на СДСМ и коалицијата

80

СДСМ својот претседателски кандидат за изборите закажани на 24 април 2024 година ќе го бира преку дефинирана процедура, најдемократски – вели премиерот и претседател на владејачкиот СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, не откривајќи потенцијални имиња, туку посочувајќи кaко треба да изгледа профилот на кандидатот:

„Претседателски кандидат којшто се залага за европска интеграција на државата, кој се залага за надворешна политика којашто е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, којшто ги почитува меѓународните договори на државата, којшто ја почитува Преговарачката рамка со ЕУ, којшто ги почитува сите граѓани без разлика на нивната, пред сè, етничка и која било друга припадност и претседателски кандидат којшто има визија за Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ – со економски раст, со врвно владеење на демократија и право и социјална сигурност. Тоа е победничкиот кандидат и тоа е е профилот на претседателски кандидат којшто СДСМ ќе го понуди и којшто ќе треба, нормално, да ги дели вредностите на нашите коалициони партнери“.

Прашан за тоа дали актуелниот претседател Стево Пендаровски ги исполнува условите што ги набројува, лидерот на СДСМ одговори дека досегашното работење на Пендаровски е токму таков пример.

„Стево Пендаровски, ако го анализираме неговото работење во изминатите пет години, тој апсолутно ги исполнува овие вредности и затоа тогаш и бил кандидиран. Бидејќи претседателот Пендаровски беше кандидиран како консензуален кандидат. Да не заборавиме дека тој беше поддржан отворено од коалиција која вклучуваше партии на Албанците“, рече Ковачевски.

Тој додава дека повикот од неговата партија за консензуален претседател не е само за ДУИ и Алијанса за Албанците, туку за сите партии што ги споделуваат вредностите за кои се залага СДСМ.

„Ние нашата покана ја испративме официјално како политичка партија на прес-конференција по лидерската средба. Истото тоа го кажав пред претседателите на партиите од нашата коалиција и тоа претставува одлична основа за понатамошни разговори и со партијата ДУИ и со партијата Алијанса и со која било друга партија, организација и поединец кој се залага за такви вредности. Бидејќи коалициите се прават врз база на вредности. Вие не можете да правите коалиции на база на интереси“, рече Ковачевски во интервјуто.

Според него, коалиции базирани на интереси правела опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, во битолскиот Совет, во Македонска Каменица, но се покажале погрешни.

„Па, камен на камен не остана од тоа што ВМРО ДПМНЕ правеше такви коалиции за локалните избори. Погледнете го Град Скопје“, порача лидерот на СДСМ.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот ќе биде заедно со парламентарните избори на 8 мај. И двата датума се паѓаат во ден среда