Пет од десет ресори ќе подели актуелниот премиер Димитар Ковачевски со неговиот политички противник Христијан Мицкоски, доколку ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка во Парламентот да почне дискусија и да се изгласа потреба од измени на Уставот.
На средбата која траеше час и половина, лидерите не постигнаа конечен договор, но и двајцата се задоволни што дијалог постои. Двајцата соговорници не успеаја да пронајдат решение прифатливо за двајцата, и очекувано, излегоа со свои, различни видувања по состанокот. Сепак, впечатокот е дека и двете страни, за момент ги напуштиле цврстите ставови, кои месеци наназад ги изнесуваа во јавноста.
Според изјавата на Мицкоски, Ковачевски предложил во парламентот со двотретинско мнозинство да се усвои потребата за промена на Уставот, потоа веднаш да се формира влада во која СДСМ ќе отстапи пет од своите десет министерски места на ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму, да се заврши процесот на уставни измени, да почнат преговорите и да бидат затворени едно, две или три поглавја од нив и потоа да се оди на избори.
„На оваа понуда којашто претставува позиција на Димитар Ковачевски од моја страна беше даден следниот одговор, во ред ја разбирам понудата и за истата го имам следниот став, ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да влезе во Влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество во истата Влада на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во истата со тоа што избори подготвува техничка Влада, не оваа Влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27. земји членки“, рече Мицкоски по средбата со Ковачевски.
Ковачевски ова го протолкувал како кршење на преговарачката рамка, по што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ излегол со свој предлог. Тој се состоел во тоа да се оди на предвремени парламентарни избори – за што Мицкоски дал предлог три датуми наесен, а до тогаш да се формира влада на широко национално единство во која нема да биде ДУИ.
„Бидејќи ниту една земја членка на ЕУ нема против со македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, тогаш еве јас сум подготвен да разговарам со неколку премиери од ЕУ на следниот состанок на Европскиот совет да изгласаат потврда, гаранција за сето ова коешто ние го зборуваме, па да видиме дали е навистина така како што ни велат дека е така, имајќи предвид дека сега и Бугарија има легитимна влада избрана од Националниот парламент таму“, рече Мицкоски, кој рече дека за ова има поддршка од неколку премиери од ЕУ кои овие гаранции би ги ставиле на дневен ред.
Мицкоски откако информираше за средбата со Ковачевски, рече дека му кажал на премиерот да размисли и да не брза со заклучоци за предлозите што ги дал и оти стои на располагање за дополнителни консултации.
Ковачевски, од своја страна рече дека предложил заедно да ги изгласаат уставните измени, а по завршување на процесот за менување на Уставот веднаш да има избори.
„Сакајќи да покажеме дека како Влада не сме ориентирани само на собирање политички поени и не сме водени само од партискиот интерес и не сме фокусирани на следните избори, предложив заеднички со две третини да ја изгласаме потребата за Уставни измени и утредента ВМРО да влезе во Владата. СДСМ да ослободи половина од своите места во Владата за претставници на ВМРО. Така ќе обезбедиме влада која обединува. Таа влада во која ќе бидат сите политички партии кои се за евроинтеграциите и ќе го спроведе процесот на уставни измени, таа Влада и ќе го заврши скрининг процесот, а ќе ги отвори поглавјата од преговорите со ЕУ, при што може и да затвори едно или две од поглавјата од првиот кластер. Истата таа Влада потоа да ги организира следните избори“, изјави Ковачевски.
Ковачевски објасни дека Мицковски рекол дека во Владата не треба да членуваат дел од партиите, што според премиерот е погрешно, бидејќи сега ни е потребна широка Влада.
„Потребна ни е Влада на обединување и европска интеграција, оти други сценарија може да доведат други состојби. За мене ова не е борба за власт, туку борба за иднината на државата“, изјави Ковачевски.
Тој објасни дека во завршните и преодни одредби на измените на Уставот да стои дека тие ќе важат по одржување на втората меѓувладина конференција на ЕУ, која е веќе закажана. Се надвор од тоа според Ковачевски е непринципиелно.
Спротивно на ова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицковски, рече дека предложиле уставните измени да важат откако сите 27 земји членки на ЕУ ќе го ратификуваат протоколот за пристапување на Македонија во ЕУ.