Ковачевски или Мицкоски – кој ќе биде премиер?!

Ковачевски и Мицкоски гласаат за себе за иден премиер на Македонија. Двајцата лидери на најголемите политички партии во земјава се гледаат како иден претседател на Владата, но место на „Илинденска“ има само за еден. И претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на меѓусебниот предизборен ТВ-дуел на „Канал 5“, со иста победничка реторика порачаа дека нивните коалиции и нивниот претседателски кандидат ќе победат и дека тие ќе ја предводат идната македонска Влада. Мицкоски и Ковачевски си упатија меѓусебни критики за тоа кој донел погрешни одлуки, а кој воопшто немал став и не носел никакви одлуки; за тоа кој е за, а кој против ЕУ; кој е лидер, а кој нема легитимитет; кој има план за членството во ЕУ, а кој е виновен за блокадата на европскиот пат на Македонија... Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека под овие услови нема да има уставни измени и покрај најавите од албанската опозициска коалиција „Вреди“ дека промената на Уставот ќе биде нејзин услов за влез во владината коалиција по изборите. Мицкоски смета дека ваквата реторика е само предизборен фолклор

482

Двајцата лидери на најголемите политички партии во земјава се гледаат како иден премиер на Македонија, но место има само за еден. И претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на меѓусебниот предизборен ТВ-дуел на „Канал 5“, со иста победничка реторика порачаа дека нивните коалиции и нивниот претседателски кандидат ќе победат и дека тие ќе ја предводат идната македонска Влада.

– Бројките покажуваат дека Стево Пендаровски ќе биде претседател, а јас повторно ќе бидам премиер на Македонија. Вистинските бројки, не оние што ги гледаме по нарачани анкети. И ние, со нашиот јасен план, ќе ја внесеме државата во ЕУ. На крајот од изборите, на 8 мај, ќе победат партиите што се за европска Македонија – рече Ковачевски.

Мицкоски и Ковачевски си упатија меѓусебни критики за тоа кој донел погрешни одлуки, а кој воопшто немал став и не носел никакви одлуки; за тоа кој е за, а кој против ЕУ; кој е лидер, а кој нема легитимитет; кој има план за членството во ЕУ, а кој е виновен за блокадата на европскиот пат на Македонија, како и за тоа чиј кандидат за претседател има државнички капацитет. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека нема да има уставни измени под овие услови и покрај најавите од албанската опозициска коалиција „Вреди“ дека промената на Уставот ќе биде нејзин услов за влез во владината коалиција по изборите. Мицкоски смета дека ваквата реторика е само предизборен фолклор, а по изборите ќе се прецизираат условите од сите политички чинители.

– Еве јавно го кажувам и директно го гледам господинот Ковачевски в очи и му кажувам дека нема да има, под овие услови, промена на Уставот. Тоа е реторика и фолклор, кој сега предизборно се споменува. На 8 мај сите заеднички ќе видиме кои се условите што понатаму ќе бидат диктирани од политичките чинители. Сите добро знаат дека ниту јас ниту ВМРО-ДПМНЕ прифаќаме какви било диктати. Може да се обединиме околу платформа што значи реформи и трансформација на Македонија – порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на дуелот.

Со оглед на бројките од анкетите, според кои Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се поблиску до „тронот“ на „Илинденска“, иако СДСМ обвинува за нарачани анкети, Мицкоски одговараше и на прашањето дали може да се повтори 2017 година, кога ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе пратенички мандати од СДСМ, а, сепак, не успеа да состави влада.

 – Не, нe… Мислам дека нема да се случи тоа. По овие парламентарни избори, партијата Беса на Билал Касами, исто како и Алтернатива на Африм Гаши, исто како и Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, исто како и Движењето на Изет Меџити – ќе бидат заедно со ВМРО-ДПМНЕ, со огромно мнозинство, во идната реформска и проевропска влада, која ќе ја води Македонија од 2024 до 2028 година – рече Мицкоски и додаде дека не ги исклучува од опција ниту Левица и движењето ЗНАМ – за наша Македонија.

Мицкоски смета дека со промена на Уставот земјава нема да влезе во ЕУ, додека, според Ковачевски, со неносењето одлуки државата останува во статус кво. Ковачевски рече дека на почетокот од преговорите на маса биле прашањата што се однесуваат на македонскиот идентитет и тогаш биле потребни трпение, храброст и знаење за тие преговори да бидат сведени на преговори за малцински прашања.

– Јас бев тој што преговараше за европскиот предлог и тие преговори не беа лесни, бидејќи се одвиваа во услови на најнарушени односи со Бугарија, во време кога јас дојдов на чело на Владата. Во текот на тие преговори, минавме низ еден тежок период. Јас сум кажал и ќе повторам, моето чувство во тие моменти беше како некој со нож да ми го сече стомакот. Меѓутоа, на крајот од денот, вие мора да донесете одлука, одлука за иднината и за визијата на државата – истакна Ковачевски.

– Досега беше преговори по Копенхашките критериуми, а сега и билатерален договор и сега треба да се враќаме назад да преговараме на основа на критериумите, а не како што направивте вие. Направивте голема грешка. Ова не е храбар чин, Ковачевски, туку погрешен и катастрофален потег. Билатералниот договор со Бугарија е дел од преговарачката рамка и тоа веднаш до Копенхашките критериуми, а не, како што велите вие, дека не е – рече Мицкоски.

Ковачевски рече дека до 2028 година ќе завршат преговорите, а по две години ратификација, ќе следува членство во ЕУ.

– Се изнаслушавме вакви муабети дека водата е мокра, сонцето е топло – рече Мицкоски.

Ковачевски и Мицкоски единствено се согласија дека корупцијата е проблем кој треба што поскоро да се реши.