Ковачевски: Не знам чија креација е Палевски, но видете кој заедно со него сакаше да влезе во зградата на Владата и ми правеше гилотина

396

По докажувањата на јавна сцена за тоа чиј е Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиствата на Ваља Ѓорчевска и Панче Жежовски, одговор на ова прашање побаравме од премиерот Димитар Ковачевски кој е гостин во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1.

Од ВМРО-ДПМНЕ деновиве велат дека „власта на СДСМ, водена од партиски интереси, негува монструозен лик како Палевски, кој прераснал во Франкенштајн“. Од друга страна, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не одговори на прашањата зошто се среќавал со Палевски и што разговарал на тие средби.

Премиерот и претседател на СДСМ на оваа тема вели:

„Видете, јас не знам чија креација е Палевски, меѓутоа едно ќе ви кажам. Кој ми правеше на мене гилотина минатата година во јули пред Собрание? Кој ми правеше јавно судење минатата година тука пред Влада? Кој организираше фрлање молотови коктели врз Министерството за надворешни работи? Кој ја организираше толпата којашто сакаше да влезе во зградата на Владата при усвојувањето на европскиот предлог? Кои луѓе беа таму, се сеќавате? Се сеќавате дека таму беше и тој Палевски што го спомнувате и претседателот на Левица и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, и претставници на медиуми, и еден член на Државна комисија за спречување на дискриминација, се сеќавате дека јас неколкупати укажував дека има странски агентури коишто го финансираат тоа, а за тоа ќе треба да направите интервју со други лица, не со мене. На пример, со претставници на безбедносни органи. И ако е нечиј тој Палевски, тогаш е на тие коишто цела година тоа го организираа“.

На прашање зошто Палевски не е санкциониран иако, во серијата кривични и прекршочни дела, во мај годинава е фатен како носи пиштол за којшто немал дозвола, Ковачевски вели дека тоа се прашања за истражните и правосудните органи. Посочи и дека „истата таа група“ правела монтирани видеа на „Тик-ток“ и од неговата малолетна ќерка, а праша и што правеле на состаноци со Палевски минатата година поранешен претседател на ЛДП и генералниот секретар на Демократски сојуз.

Премиерот одбегна да одговори на дополнителните потпрашања дали кога зборува за екс-лидер на ЛДП мисли на актуелниот амбасадор на земјава во Словенија, Горан Милевски, и за тоа кои луѓе оделе на гости во француската амбасада во Скопје. Генерален секретар на Демократски сојуз, пак, и минатата година и сега е Зоран Димитровски.