Ковачевски за Отворен Балкан: Бариерите паѓаат, а ние се поврзуваме побрзо

    13

    Со Отворен Балкан ги отстрануваме работните дозволи и ги признаваме дипломите. Бариерите паѓаат, а ние се поврзуваме побрзо, истакна премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

    По денешниота видео-конференциски состанок со српскиот претседател, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, Ковачевски на својот Фејсбук профил напиша дека разговарале за забрзување на имплементацијата на проектите во рамките на Отворен Балкан.

    – На самитот во Охрид на 7 и 8 јуни фокусот ќе биде насочен на туризмот и културата, најави премиерот.

    Вучиќ, пак, по средбата на својот Инстаграм профил напиша дека Отворен Балкан е најдобрата иницијатива за народите на Балканот.

    – Подготвуваме големи работи за граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија, порача Вучиќ на Инстаграм профилот „будучностсрбијеав“, заедно со фотографии од видео-конференцијата.

    На средбата присуствувале и српскиот министер за финансии, Синиша Мали, министерката за трговија, Татјана Матиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж.

    На почетокот на јуни во Охрид се очекува средба во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, на која ќе присуствува и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.