Ковачевски: Државотворните одлуки носат придобивки, добивме 80 милиони евра помош од ЕУ

34

Државотворните одлуки носат придобивки за граѓаните и тие може да ги видат и да ги почувствуваат, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски  вечерва на партиска трибина во Делчево.

Тој пред делчевчани ги презентираше досегашните преземени мерки на Владата, идните политики, како и концептот за визијата и иднината на Северна Македонија.

-Донесовме тешки, но државнички одлуки. Придобивките од тие државнички одлуки сега сите ние, целата јавност, сите граѓани може да ги видат, да ги почувствуваат. Нема потреба да се навраќам многу наназад, само во изминатите пет дена ќе споменам неколку важни работи за овие придобивки. Од Европската Унија добивме силна финансиска поддршка за справување со енергетската криза.  Првата транша е во износ од 80 милиони евра, кои ќе ги подигнеме на почеток на наредната година. Дополнително, Северна Македонија ќе биде вклучена во зедничката набавка на гас и енергенси на ниво на Европската унија. Исклучително важно во време на глобална енергетска криза, рече претседателот Ковачевски.

Според него, Владата се изборила за македонскиот јазик и идентитет да бидат признаени и потврдени во ЕУ.

-Историски исчекор направивме, го потпишавме договорот со Фронтекс, првиот документ со  Европската унија на официјален македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички и додавки и без никакви други појаснувања. Тоа го ветив и тоа го исполнив.  Македонскиот јазик го идзигнавме на исто рамниште со сите јазици во Европската унија. Ете тоа се европски вредности, тоа се вистински одлуки, тоа е вистински патриотизам. Тоа е СДСМ и се што значат овие 4 букви., рече Ковачевски.

Претходно, на граѓанската трибина на СДСМ во Македонска Каменица премиерот порача дека СДСМ е силна, државотворна, државничка партија со која е сигурна иднината на Северна Македонија, на секој граѓанин. 

Посочи дека разликата помеѓу, како што рече, неодговорниот пристап на ВМРО ДПМНЕ  помеѓу одговорниот, чесен и домаќински пристап, кој особено доаѓа до израз во време на оваа светска економска и енергетска криза, кога за само неколку месеци Владата предводена од СДСМ и коалицијата насочи 750 милиони евра за помош на граѓаните и компаниите.

-Ги покачивме платите на работниците, минималната плата ја зголемивме на 18.000 денари, пензиите за само неколку месеци ги зголемивме за 10 проценти, а веќе со следното покачување ќе имаме поголеми пензии за околу 16 проценти. Ја субвенционираме струјата за граѓаните во висина од 80 проценти.  Со последната мерка воведуваме субвенции за компаниите од прехранбената индустрија со што директно ќе влијаеме за стабилизирање на цените на основните производи,  рече Ковачевски.

Тој истакна дека проевропската коалиција предводена од СДСМ ќе  биде победничка коалиција на изборите во 2024 година и ги повика сите социјалдемократи, членови, симпатизери да се обединат и да застанат зад проевропскиот концепт и визија