Ковачевски: Доколку не е субвенцијата на државата, сметката за струја ќе биде петпати поголема

53

Доколку не е субвенцијата на државата, сметката за струја ќе биде петпати поголема, а над 70 илјади компании во земјава со годишен промет до два милиони евра, имаат субвенционирана цена на електрична енергија, а инаку би плаќале сметка два и пол пати поголема, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање зошто се чекало досега за мерките за справување со енергетската криза.

-Што се однесува на либерализираниот пазар, тоа се големите потрошувачи, таму имавме голем број разговори коишто ги водиме, и со Србија, и со Бугарија, и со Турција, со цел да обезбедиме електрична енергија која ќе биде пониска од цената на берзите за да може да биде поприфатлива за македонските компании. Тоа не е едноставна операција затоа што, на пример Бугарија, таму бевме на средба, сите вишоци на електрична енергија, а Бугарија има вишоци бидејќи има нуклеарен реактор во „Козлодуј“, е обврзана да ги продава преку берза и за да може да продава во директен договор тогаш тоа мора да биде направено низ соодветна законска процедура во Бугарија и во ЕУ, со оглед дека Бугарија е членка на ЕУ.   Исто така, многу транспарентно информиравме дека министерот за економија е во комуникација со државната компанија за електрична енергија во Турција за да може да обезбедиме дел од нивните вишоци по поповолна цена и тоа, ајде да кажеме, двојно помала цена од берзанската да можеме да ја набавиме за нашите компании, рече премиерот.

Одговарајќи на новинарски прашања на вонредната прес-конференција, на која ги соопшти одлуките за справување со енергетската криза од вечерашната седница на Економско-енергетски совет, Ковачевски кажа и дека со Грција е разговарано и договорено да нема забрана на извоз на енергенси бидејќи во Грција има лигнит којшто се користи во нашите термоцентрали во Битола и Осломеј.

И доколку се случи да има  забрана за извоз, со оглед на тоа дека и на Грција и се потребни за производство на електрична енергија, тоа нема да важи за Република Северна Македонија, и ќе имаме непречено снабдување со овој енергенс што, исто така, се однесува и на мазутот, бидејќи мазутот се добива преку Грција во нашата држава, рече Ковачевски.

Посочи и дека Владата е во комуникација со стопанските комори и компаниите ќе треба да изразат интерес доколку се обезбеди електрична енергија веднаш да потпишат договори за нејзино користење од 1 октомври до 30 март.