КОВАЧЕВСКИ: Дали сакате американски конзорциум или како во ваше време – кинески или руски?!

Премиерот рече дека хистеријата што се прави за кочење на проектот не дава резултат „освен што фрла дамка врз најголемиот светски конзорциум, кој не само што ги има изградено најголемите патишта во регионот туку и пошироко од регионот“. – Дали сакате американски конзорциум да ги гради автопатиштата од коридорите 8 и 10-д или, пак, тоа да бидат кинески или руски конзорциуми? – ги праша премиерот Димитар Ковачевски пратениците на денешната сесија за пратенички прашања

1691

Дали сакате американски конзорциум да ги гради автопатиштата од коридорите 8 и 10-д или, пак, тоа да бидат кинески или руски конзорциуми?, ги праша премиерот Димитар Ковачевски пратениците на денешната сесија за пратенички прашања во македонското Собрание, бранејќи го проектот за изградба на четирите автопатски делници за кои е потпишан договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

На прашањето на пратеникот Бојан Стојановски за тоа колку ќе биде конечната сума што ќе се плати за изградбата и колку пари треба да му се платат на изведувачот за пенали, Ковачевски одговори дека на кинески „Синохидро“ досега му се исплатени 400 милиони евра за 10 години градење на автопатот Кичево – Охрид, но и дека не се гледа крајот на изградбата.

Премиерот рече дека хистеријата што се прави за кочење на проектот не дава резултат „освен што фрла дамка врз најголемиот светски конзорциум, кој не само што ги има изградено најголемите патишта во регионот туку и пошироко од регионот“. Тој се осврна и на економскиот аспект од изградбата на коридорите. А, што се однесува за законските измени и новиот систем на градење, појасни дека се прави тоа за да се избегнат случаи на нефункционалност, како со изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

– Проектот за автопатот Кичево – Охрид бил направен на „Гугл мапс“, поминува сретсело, преку гробишта, преку резервоар за вода, со промашени од свлечишта, клучки и сè комплет. Со сето ова што се прави сега се исправаат тие грешки за да може прво да се добие проект кој ќе одговара на реалната слика на теренот што треба да се гради и затоа е избран моделот на црвен фидинг, каде што се работат и проектирање и изведба паралелно на делниците, кои се подготвени – рече Ковачевски.

Собраниската расправа за пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д е завршена и останува само да се гласа за нив. Засега нема информации кога би се одржала седницата на која би се гласало за овие закони. Ковачевски очекува поддршка во Собранието за пакетот закони, додека опозицијата најавува дека нема да гласа затоа што, според неа, договорот се држи во тајност, се злоупотребува европското знаменце и дел од законите се спротивни на човековите права и се против одлуката на Уставниот суд за работните часови.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, објави дека државата ќе треба да плати дополнителни 11 милиони евра за ангажирање на најмалку петмина специјалисти за надзор за период од пет години.

– Изведувачот има право да ангажира специјалист или специјалисти во множина, чиј број ќе биде договорен помеѓу изведувачот и Владата, кои ќе имаат четири насоки на работа: создавање спецификации за автопатиштата, создавање студии за влијанието врз животната средина, студии за влијанието врз заштитеното богатство од УНЕСКО во Охридскиот Регион, како и разгледување на спецификациите на автопатиштата. Ова се најмалку четири спецификации, што значи дека најмалку пет вакви лица би имало ангажирано. Иако бројот е недефиниран, што значи дека може да се и 15 и 20 и 50 лица. Месечната плата ќе биде, ни помалку ни повеќе, 36.500 евра – рече Николоски.

Пратеникот од ВМРО – Народна партија, Љупчо Балкоски, рече дека за петте предлог-закони со европско знаме поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д ќе гласа „против“. Тој истакна дека ги поддржуваат програмите на Владата за изградба на инфраструктурни проекти, но посочи дека не го поддржуваат начинот на кој ќе се гради.

– Повторно доставуваме предлог до Владата и истовремено ја охрабруваме да донесе одлука за изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 8: од Куманово до ГП Деве Баир, затоа што предлог-законот го дефинира само делот од Тетово до ГП Ќафасан, а не целиот Коридор 8 и изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 10-д, од Велес – Прилеп – Битола до ГП Меџитлија. На ваков начин ќе добиеме целосно решение наспроти сегашното парцијално решение – рече Балкоски.

Откако ѝ беше доставен договорот на Антикорупциската комисија, кој го побара таа како дел од документацијата за предметот што го отвори по објавите за изборот на надзорот за проектот, вчера претседателката на Антикорупциската, Билјана Ивановска, објави дека договорот што им е доставен не е целосен и оти недостигаат прилозите. Договорот што им е доставен, како што информираше, има околу 200 страници. Иако ДКСК се обратила до Владата, добила одговор дека е истата документација што била испратена до Собранието.

– Ако дојдеме до заклучокот дека во тие прилози, покрај некои менаџерски специфичности што се однесуваат на фирмата, постои нешто друго, ќе ги побараме и нив – рече Ивановска, посочувајќи дека нема сознанија дали во тие прилози има нешто што е дополнителна обврска за државата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, очекува да има кворум кога ќе се гласа за законите, но оти не е сигурен дали за сите закони ќе гласаат сите пратеници од владејачкото мнозинство. Тој рече дека дали Стево Пендаровски ќе ги потпише законите поврзани со коридорите, ќе зависи „дали ќе е верен на владеење на правото или ќе преовладува неговата одлука, односно поддршка за кандидатура на претседателските избори од СДСМ и ДУИ“.

(С.Бл.)