Коалициски договор на новата германска влада и за Западен Балкан

27

Во коалицискиот договор на трите партии, кои на чело со Олаф Шолц ќе ја формираат новата влада на Германија, се изразува поддршка за европската интеграција на Западен Балкан.

Во договорот меѓу Социјалдемократите, Зелените и Либералите, напишан на 177 страници, во делот поврзан со овој регион, се посочува дека идната владејачка коалиција го поддржува процесот на пристапување во Европската унија на регионот на Западен Балкан, како и „неопходните реформи за исполнување на критериумите од Копенхаген“.

„Во овие рамки ќе го зајакнеме граѓанското општество и ќе ги поддржиме понатамошните чекори кон приближување“, се вели во договорот објавен од „Шпигел“.

Партиите од новата германска коалиција сметаат дека Албанија и Северна Македонија треба да ги отворат првите поглавја за приближување кон ЕУ, да се усвои визната либерализација за Косово и да продолжат пристапните преговори со Црна Гора и Србија.

Се наведува и дека новата германска коалиција го поддржува дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, како и напорите за постигнување траен мир во Босна и Херцеговина врз основа на зачувување на територијалниот интегритет и надминување на етничките поделби.

Паралелно со пристапните преговори, Европската унија мора да ги подобри своите капацитети за прифаќање нови членки, се наведува во делот од договорот кој се однесува на Западен Балкан.