Книгите се одлична придружба во летните денови, поминати под сенка на плажа, во ладовина на планина или во текот на долгите патувања. И ова лето Културната рубрика на весникот ВЕЧЕР ви претставува наслови препорачани од неколку домашни издавачки куќи, за овој период

 

Летниот одмор не може да се замисли без добра книга. Книгите се одлична придружба во летните денови, поминати под сенка на плажа, во ладовина на планина или во текот на долгите патувања. Затоа и ова лето Културната рубрика на весникот ВЕЧЕР ви претставува наслови препорачани од неколку домашни издавачки куќи, за овој период.

Книжевно летно освежување од „Арс ламина“

Како што велат од „Арс ламина“, во топ-10 листата со наслови што ги препорачуваат за ова лето се: новата романса „Само ова лето“ од Аби Хименез, „Се гледаме во август“ од легендарниот писател Габриел Гарсија Маркес, новиот возбудлив трилер „Семејни тајни“ од Лијан Моријарти, мотивациската книга „Како да правите ништо“ од Џени Одел, како и романите „Едно лето во Италија“ од Ребека Серл, „Кери Сото се врати“ и „Малибу во пламен“ од Тејлор Џенкинс Рејд и „Списокот за читање“ од Сара Ниша Адамс.

– Разладете се во овие жешки денови со книжевното освежување од „Арс ламина“. Станува збор за свеж, литературен бран со светски бестселери – посочуваат оттаму.

„Само ова лето“ од Аби Хименез е приказна за една летна романса, комплицирано семејство и за неочекувани чувства, додека „Се гледаме во август“ е последниот „загубен роман“ на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес, „пронајден“ и објавен десет години по неговата смрт. Тој е напишан во заводлив, фасцинантен стил и е вистинска химна на животот со многу лица, особено на љубовта со многу опачини. „Семејни тајни“, пак, од Лијан Моријарти е крими-трилер во чиј фокус е семејството Делејни, чии членови многу се сакаат, но понекогаш им доаѓа да се убијат меѓу себе. Од „Арс ламина“ го препорачуваат и инспиративниот водич „Како да правите ништо“ од Џени Одел, која ни покажува како можеме да си ги вратиме животите во денешниот свет на технологијата, потоа „Едно лето во Италија“ од Ребека Серл – приказна за Кети и Керол, ќерка и мајка, исто така и „Кери Сото се врати“ од Тејлор Џенкинс Рејд, за бестрашна тенисерка, која решава да се врати на терените на 37 години, но и „Списокот за читање“ од Сара Ниша Адамс – незаборавен и трогателен дебитантски роман за тоа како помага случајна средба со список за читање во една библиотека да се создаде неверојатно пријателство меѓу двајца различни луѓе во едно лондонско предградие. За читателите, од оваа издавачка куќа ги препорачуваат и „Малибу во пламен“ од Тејлор Џенкинс Рејд – приказна за една незаборавна ноќ во животот на едно семејство, потоа „Солунска 28“ (III дел) од д-р Неле Карајлиќ – третиот и завршен дел од трилогијата „Солунска 28“, како и „Лето како во Мама Миа“ од Ени Робертсон за Лорел, која инспирирана од музиката од омилената група АББА и од уште поомилениот филм „Мама миа“, го зема пасошот, се качува на лет за Скопелос и е подготвена да доживее летна авантура.

ТРИ со попусти за читателите

И издавачкиот центар ТРИ ова лето најавува повеќе светски бестселери за читателите, како што се новата романса на авторката на „Љубовна хипотеза“ и на „Љубовни неврони“, Али Хејзелвуд – „Љубов, теоретски“, новите психолошки трилери на Ју Несбе – „Островот на стаорците“ и на Стив Кавана – „Фифтифифти“, но и нови наслови од областа на психологијата и на личниот развој. Оттаму ги посочуваат и „Осум правила на љубовта“ од Џеј Шети, кој претходно го освои светот со „Размислувај како монах“, и „Книга што посакувате да ја прочитаат вашите сакани (а можеби и неколкумина други)“ од Филипа Пери.

ТРИ ги повикува читателите да патуваат ова лето со овие новитети, а за сите други може да се информираат од летниот каталог, каде што ќе ги пречекаат и намалени цени (до 70 %), одлични понуди три или пет книги за 500 денари, како и голем избор на наслови за по 99 денари. Попустите секогаш значат многу повеќе можност за читање, а да не заборавиме дека во издание на ТРИ има голема читачка понуда од над 700 наслови на најчитаните писатели и советувачи, како Габор Мате, Дипак Чопра, Бријана Вист, Тошиказу Кавагучи, Сали Руни, Елиф Шафак и, секако, класиците од кои најголемо внимание предизвика објавувањето на ремек-делото на Фјодор М. Достоевски, „Браќата Карамазови“, во еден том – велат од оваа издавачка куќа.

Оттаму ги упатуваат читателите кон домашните автори Петре М. Андреевски, Горан Стефановски, Лидија Димковска, Венко Андоновски, Румена Бужаровска, Винка Саздова и сите други што оставаат неизбришлива трага во современата македонска проза и поезија.

– Подгответе се за ново читачко лето. Освен што може да ги понесете своите нови наслови во него, и тие ќе ве однесат некаде далеку, каде што никогаш не сте биле – додаваат оттаму.

И „Полица“ со препорака за читателите

– Од нашата „најсвежа“ издавачка продукција би сакале да им препорачаме неколку книги на читателите , за овој летен период. За почеток, двата нови романа на нобеловецот Марио Варгас Љоса, „Смрт на Андите“, кој е истовремено и детективски и магично-реалистичен роман, и „Тетка Хулија и скрибоманот“, брилијантен роман базиран врз животното искуство на Љоса од младешките години, полн со хумор. Понатаму, го препорачуваме новото издание на „Идиот“, најпознатиот роман на Достоевски, четиво што секој човек треба да го прочита барем еднаш во животот. И за крај, за заокружување на ова „пакетче“ со одлични книги, од „Полица“ го препорачуваме одличниот краток роман „Не кажувам“ од Петар Андоновски, еден од нашите најуспешни млади писатели, а воедно и наш колега – велат од „Полица“. (Н.И.Т.)