Книги за читање во 2021: Почнете ја годината со добра приказна

484

Неколку од релевантните македонски издавачи за читателите на весникот „ВЕЧЕР“ на почетокот на 2021 година препорачуваат нови изданија од преводната литература, македонски класици и нови автори, детска и психолошка литеартура, како и актуелни наслови од светската книжевна сцена

Иако за време на празниците се почувствува мала надеж за подобра иднина, сепак и во оваа 2021 година продолжува и сè уште постои ковид заканата која и натаму внесува немир меѓу луѓето. И затоа за утеха и душевен мир потребно е да се осврнеме кон креативноста и уметноста. На почетокот и на оваа неизвесна година се обративме до неколку релевантни македонски издавачи кои за читателите на весникот „ВЕЧЕР“ понудија наслови кои ќе бидат актуелни и читани наредниот период.

Квалитетна преводната литература и книги за македонската културна историја

„Бидејќи ‘Македоника литера’ е ориентаирана кон публикување на исклучиво квалитетна литература, и годинава ќе објавиме неколку извонредни преведени дела. Последниве години поинтензивно објавуваме кинеска литература, а за годинава планираме најмалку десетина книги – и за возрасни, но и за најмладите читатели“, ни изјави Нове Цветаноски од издавачката куќа „Македоника литера“ кој посочува дека од преводната литература наскоро ќе објават уште еден роман од италијанскиот писател Паоло Коњети, аворот на мегапопуларниот роман „Осум планини“, кој веќе го објавија на македонски јазик. Оттаму ги најавуваат и „Биро за проверка“, роман од рускиот писател Александар Архангелски, „Тивко рушење“ од Ивица Пртењача од Хрватска, потоа, една извонредна биографска (илустрирана) книга за Леонардо да Винчи од норвешкиот биограф Атле Нес, која се смета за една од најдобрите биографии за големиот Да Винчи. „Освен тоа, планираме да објавиме и неколку книги за македонската културна историја“, додава Цветаноски.

Јануари е за мнооогу книги!

За „Антолог“, пак, новата година значи нови книги и нови понуди за читателите. „Годината ја започнуваме со големата јануарска акција ‘Јануари е за мнооогу книги!’. Доброто искуство од минатата година придонесе повторно на купувачите да им понудиме огромни попусти и до 88 отсто на дури 238 наслови, распоредени во четири категории: фикција, нефикција, поезија и книги за деца. Во однос на новите наслови и книги, јануари за нас ќе биде во знакот на вторите изданија, бидејќи излегуваат нови тиражи на три одлични трилери што ги објавивме претходната 2020 – балканскиот бестселер „Деца на злото“ од Миодраг Мајиќ и домашните „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски и „Виенски гамбит“ од Анде Јанков“, велат за „Вечер“ од „Антолог“ од каде истакнуваат дека љубителите на трилерите на самиот почеток на годината ќе се израдуваат и со „Ослободување“ од Ирса Сигурдардотир, „Убиствата во Кингфишер Хил“ од Софи Хана, „Чук, чук“ од Андрес Рослунд, „Ловци на фазани“ од Јуси Адлер-Олсен, како и „Срца од цимет“ од Џенифер Хилиер.

„Меѓу новите изданија на кои сме особено горди ќе ја споменеме и култната политичка книга ‘Животинска фарма’ од Џорџ Орвел, потоа единствената книга целосно напишана во логорот Аушвиц – ‘Последна станица Аушвиц’ од холандскиот автор Еди де Винд, а за најмладите интерактивната сликовница ‘Уципуци размислува надвор од кутијата’ од латвиската авторка Зане Зуста“, додаваат од оваа издавачка куќа.

Сменете го размислувањето, сменете го животот…

И книжарниците на Три“ ги пречекуваат своите читатели со богата понуда на нови и актуелни наслови од многу жанрови – белетристика, популарна психологија, духовност, како и оригинални детски книги со големите попусти и поволности. Од книжевната палета на 2020 година издавачката куќа ги препорачува продолженијата од серијалот за детективот Хари Хуле, книгите ,,Жед” и ,,Нож” од авторот број еден за трилери – Ју Несбе.

„Деновиве од печат излегува и уште еден хит-трилер од авторката Шари Лапена – ‘Некој што го знаеме’. Новата година значи и нов почеток, затоа ги повикуваме читателите да се инспирираат со ремек-делото на светската сензација Тони Робинс, ‘Неограничена моќ’, а оние кои веруваат во себе (и во своите вработени), за уште поголеми достигнувања, го препорачуваме домашниот продукт ‘Thrivity активатор’. Го најавуваме и хитот на мотивацискиот гуру Брајан Трејси ‘Сменете го размислувањето, сменете го животот’ кој наскоро ќе излезе од печат. Вистински книги за успешен почеток на годината“, вели за „ВЕЧЕР“ Бојан Саздов од „Три“. Од психолошките наслови оттаму ги препорачуваат „Детето во тебе мора да си го најде својот дом” од Штефани Штал, водич во решавање на речиси сите проблеми, „Седумте духовни закони на успехот“, духовен класик на Дипак Чопра, но и два нови наслови од еден од најреволуционерните современи мислители – Ошо, „Здрав емотивен живот” и „Слава, богатство и амбиција“.

„За првпат на македонски пристигнува и ‘Што зборувам кога зборувам за трчањето’ од најпознатиот јапонски писател и миленик на локалната публика Харуки Мураками, а најавуваме и нови изданија на неговите веќе познати романи ‘Норвешка шума’, ‘Кафка на брегот’ и ‘Безбојниот Цукуру Тазаки’. За најмалите, подготвивме целата едиција со ликовите и новите херои ‘Стела и Сани’ полни со едукативна и забавна содржина – сликовници, азбука, боенки и песнички во кои децата вистински ќе уживаат и ќе научат многу“, додава Саздов.

Македонски книжевни класици: Чинго, Солев, Абаџиев

Што се однесува, пак, до издавачката куќа „Арс Ламина“, таа во изминатата 2020 објавила повеќе од 400 изданија, меѓу кои 73 нови автори, од кои околу една четвртина се македонски писатели. Најавуваат во 2021 година продолжување со истото темпо. „Веќе се излезени делата на победниците од конкурсот за најдобар необјавен роман „Пегаз“ – Владо Јаневски со ‘Мртвите знаат најдобро’ и Љупчо Петрески со ‘Лазарка’, а по нив ќе следат и романите што влегоа во потесниот избор. Ги продолжуваме едициите: ‘Македонски книжевни класици’ (очекувајте ги набрзо Чинго, Солев, Абаџиев …), едицијата ‘Лесно читливи лектири и читанки’, класици, детски класици, добропознатите серијали за деца и млади: ТКЦП, Хари Потер, Јас сум Миа, Исидора Мун, Кити, Тото-мачката нинџа. Но, подготвуваме и сосема нови, како популарниот серијал за Енола Холмс. Новите проекти што ќе ги види јавноста во 2021 и со кои се гордееме се и комплетот книги на легендарната авторка на детективски романи, Агата Кристи, и на Милан Кундера. Секако, планираме и уште многу изданија од автори кои првпат ќе бидат преведени на македонски јазик, превод на изданија кои се добитници на престижни светски книжевни награди, издавање и поддршка на македонски автори, на младите креативци, како и нови бестселери, нови биографии“, велат за ВЕЧЕР“ од „Арс Ламина“. Тие ја продолжуваат и соработката со Движењето за креативност – Иво Лауренчиќ и затоа годинава треба да излезат од печат победничките ракописи од конкурсот „Современи бајки од Македонија“, но и со фондацијата „Славко Јаневски“ со која ќе имаат нов конкурс за најдобар необјавен роман.

Наташа Илиевска-Таневски