Директорот и кустос на „Фолквејс рекордингс“, Ден Шихи, за книгата на Мартин Кениг и за музиката на овој албум има изјавено: „Мошне сме пребирливи. Kога избираме, бараме добра музика и одлична приказна, а музиката сама по себе зборува многу, Ве влече и Ве обзема и Ви вели: ‘Јас сум Македонец!’ Приказната е моќна, има успеси и падови, среќни моменти, но и страдањето на македонскиот народ да создаде сопствена нација, битка што е актуелна и до ден-денес, а музиката е голема сила да се помогне во таа битка“

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Книгата и албумот „Откорни ја песната од својата душа“ се дело на продуцентот Мартин Кениг, основач и директор на Балканскиот центар за уметност во Њујорк, Соединетите Американски Држави. Тој ја посетил Македонија неколку пати, во периодот од 1966 до 1998, кога ги истражувал и ги снимил традиционалните македонски песни и ора во нивната изворна верзија. Своите истражувања во гевгелискиот и во велешкиот крај ги објавил во 2015 година, во книгата „Откорни ја песната од својата душа“. Тогаш е промовиран и компакт-дискот со ист наслов.

Директорот и кустос на „Фолквејс рекордингс“, Ден Шихи, за книгата на Мартин Кениг и за музиката на овој албум има изјавено: „Мошне сме пребирливи. Kога избираме, бараме добра музика и одлична приказна, а музиката сама по себе зборува многу, Ве влече и Ве обзема и Ви вели: ‘Јас сум Македонец!’ Приказната е моќна, има успеси и падови, среќни моменти, но и страдањето на македонскиот народ да создаде сопствена нација, битка што е актуелна и до ден-денес, а музиката е голема сила да се помогне во таа битка“.

Дискот е во издание на „Смитсонијан фолквејс“ и претставува своевидна звучна временска капсула на музичкиот  живот во Македонија од 1960-тите години на минатиот век. Музичкото цеде е составено од  песни и ора од три музички жанра: женско селско пеење,  зурли тапан ансамбли и чалгаџиски песни. Опсежните белешки напишани од Мартин и од етномузикологот Соња Симан даваат дополнителен увид во богатата традиционална култура на Македонија и во музичките традиции вклучени во оваа книга и на овој албум.

Интерес за македонскиот фолклор

Интересот на Кениг за македонскиот фолклор бил поттикнат од средба со етномузикологот Атанас Коларовски, кој одржал работилница за македонскиот фолкор во Њујорк, во далечната 1959 година. Веднаш се вљубил во македонското оро и во македонските песни и посакал да игра и да пее како Коларовски, како и да ја посети Македонија. Во 1968 година, Мартин Кениг поминал две недели во Македонија, каде што, освен Велес, ја посетил и Гевгелија. Сите снимки за албумот ги направил во Македонија, токму во периодот меѓу 1968 и 1973 година. Нумерите на него за прв пат биле пеени кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога спомените од тешките години од турското ропство сè уште биле свежи.

„Репертoарот и стилот на подоцнежните ансамбли влечеле корени од моделите од регионални уметници претставени во овој албум. Наспроти традицијата на професионални инструментални ансамбли во градовите, соло-настапите и пеењата во помали групи биле главна карактеристика во руралните области ширум Македонија“, истакнува Кениг.

Звучни записи

Мартин Кениг и Соња  Симан обезбедуваат уникатен увид преку звучните записи, во македонската изворна музика од средината на 20 век, во Македонија, со историски и културен контекст за секоја песна, со нотни записи, како и со превод на сите текстови на англиски јазик. Седумнаесетте песни претставуваат  седумнаесет музички скапоцени камења, никогаш досега забележани на носач на звук.

Од своето искуство низ годините, Кениг ја издвојува автентичноста, основата на македонската традиционална музика и танц.

„Доколку петмина танцуваат, на пример, сите го прават тоа различно, но неверојатно е како сè изгледа  синхронизирано“.

Фотографијата на обвивката на албумот го отсликува токму тоа, вели тој.

„Насмевката на лицата кажува сè“, посочува Кенинг, изразувајќи воодушевеност од разновидноста на музиката, разновидноста на стилот на танцот и, како што ја нарече, целокупната милозвучност.

Овде, во Америка, има малку или воопшто нема информации за вашата култура. Почитувањето на американските вредности е важно, но треба и да се зачува она што е ваше, зашто со тоа сте побогати“.

Додека снимал, Кениг согледал дека ако не се заштити, оваа форма на музика и танц ќе исчезне мошне брзо и си дал задача да стори сè што може. И навистина сторил – со издавањето на книгата и со првиот албум со македонска изворна музика снимен во САД!

 

Песна во полето

На албумот „Откорни ја песната од својата душа“ се снимени женската пејачка група од селото Петрово, групата составена од две зурли и тапани од Гевгелија на Ѓорѓи Шарланџиев, Илија Гулев и Тодор Гошев и чалгаџиската група од Велес предводена од Алексо Тончев. Кениг е импресиониран од музикалноста и виртуозноста на овие пејачи и свирачи, кои немале никакво музичко образование и не се занимавале професионално со музика. Преку денот, пишува тој во својата книга, тие работеле како овчари, сточари, плетачи на дрвени кошници, рудари и фабрички работници. Пееле додека работеле, а пееле и танцувале во слободно време. Во селото Петрово, мало село во подножјето на планината Кожуф, каде што бил чист воздухот, но животот на селаните тежок, Кениг ја запознал Марија Мицова. Таа, како многутемина селани, работела во полето, каде што одгледувале зеленчук и овошје.

За Мицова разбрал дека била толку срамежлива жена што тоа ја спречило да ја прифати поканата од Радио Скопје да сними песни за националното радио. Кениг едвај ја натерал да го стори тоа за него, за да може да ги сними песните „Зела мома нови стомни“, Мори кажи, кажи, Тоде бре сину“, „Јана боле бело грло“ и „Црна се чума зададе“.

За себе Мицова кажала дека сè што правела – правела пеејќи.

„Бев најдобрата пејачка, со многу силен глас и кога ќе запеев во полето, мојот глас одекнуваше, одбивајќи се од планините, и сите знаеја дека пеам јас“, му кажала Мицова.

Во Гевгелија, Кениг се сретнал со група од двајца зурлаџии, Ѓорѓи Шарланџиев и Илија Гулев, како и со Тодор Гошев, кој чукал на тапани. Тоа била ромска група, која свирела на разни забави и веселби во градот и околината. Претходно, првпат се запознал со нив во 1967 година, кога им биле придружни музичари на игроорците од селото Петрово на интернационалниот фолклорен фестивал во Загреб.

„Ме воодушевија со своето брилијантно музицирање и меѓусебно надополнување, како да свиреле заедно отсекогаш. За жал, последниот пат кога бев во Гевгелија и Гевгелиско, во 2012 година, повеќето од нив, освен еден, беа починати“, вели Кениг,

Во последните неколку години, Мартин Кениг работи да ја изложи и да ја објави својата уникатна и обемна колекција на фотографии снимени во Југоисточна Европа, поточно во Македонија, Србија, Бугарија и во Грција, складирани во датотеки и кутии вметнати во секој достапен простор во неговите дом и канцеларија.