Книгата „Преображение“ од Владимир Мартиновски на Десеттата европска ноќ на литературата

65

Десеттото издание на Европската ноќ на литературата ќе се одржи на 12 мај 2021 година, на кое Културно-информативниот центар на РС Македонија во Софија ќе ја претстави книгата „Преображение“, од македонскиот писател и поет Владимир Мартиновски.

Книгата, која содржи избрана поезија во превод на поетот и уметник Роман Кисјов, беше објавена минатата година од бугарската издавачка куќа „Ерго“. Посетителите на настанот, кој е организиран од повеќе странски културни центри и амбасади и се одржува на различни локации во центарот на Софија, ќе имаат можност да циркулираат помеѓу овие места за читање (гнезда), каде што на секои 30 минути ќе се повторува читањето на избраниот дел на презентираната книга.

Посетителите што ќе го изберат гнездото за читање на КИЦ на РСМ во Софија (дворот на Куќа-музеј на Пејо Јаворов, ул.„ Г.С. Раковски“ 136), ќе се запознаат со поезијата на Владимир Мартиновски.

Избраната поезија ќе ја читаат актерите Игор Дамјанов и Ѓорги Георгиев – Антика, кои се од Република Северна Македонија, но живеат и работат во Бугарија. Пред присутните ќе се обрати и авторот на книгата, кој ќе присуствува на настанот.

Поетот Кисјов за Владимир Мартиновски ќе напише дека е модерен, концептуален автор – секоја негова книга е подредена на одреден концепт и е длабоко обмислена.

-Неговата поезија е ерудитна, естетска и во исто време лесно достапна. Богата е со теми и идеи, коегзистира со парадоксалното, необичното и обичното, егзистенцијалното и интимното, неразбирливо и мало, метафизичко и објективно… Покрај тоа, богата е со експерименти на јазик и графика и стиховна структура. За жал, досега овој автор е скоро непознат во Бугарија. Книгата „Преображение“ ја пополнува оваа празнина во знаењето на еден од најинтересните современи македонски поети. Го содржи најдоброто од неговата поезија и вклучува текстови од скоро сите негови поетски книги, вели Кисјов.

Владимир Мартиновски (1974) е еден од најсјајните претставници на средната генерација во литературата на РС Македонија – неоспорен научник и интелектуалец, мултидимензионален уметник, поет, писател на фантастика, есеист, литературен критичар, преведувач, музичар, универзитетски предавач – професор по општа и компаративна литература … Автор е на дваесетина книги, од кои половина се поезија. Вклучен е во разни антологии на современата македонска поезија. Преведен е на многу јазици. Учесник на голем број меѓународни литературни форуми, резиденции на писатели и поетски фестивали. Тој е составувач на повеќе тематски антологии.

Извор:МИА