Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ – Битола ќе биде избришано од Централниот регистар, а здружението „Цар Борис“ од Охрид, поради ненавремено доставување на документација, нема да може да се пререгистрира и за неговата судбина ќе се одлучува во Министерството за правда. Претседателот на бугарскиот клуб во Битола, Љупчо Георгиевски, најави дека македонските Бугари ќе се борат против „обидите за ограничување на правото на здружување“ дури и до Судот во Стразбур. Бугарското министерство за надворешни работи изрази загриженост за „случувањата во Македонија поврзани со правото на здружување на Бугарите во земјата“.
Министерот за правда Кренар Лога, вчера, го потпиша решението со кое се одбива барањето за користење на името на здружението „Иван Михајлов“ – Битола откако владината Комисија за именување даде негативно мислење, затоа што Михајлов е близок на фашистичката идеологија што е провокација за македонскиот народ.
„Министерот Лога го потпиша решението, имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности, која денеска одржа седница и во образложението за негативното мислење наведе дека дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура. Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество“, соопштија од Министерството.
Претседателот на „Иван Михајлов“ – Битола, Љупчо Георгиевски, најави дека ќе се борат против оваа одлука дури до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Сакале или не, ние македонските Бугари сме тука и знаеме по кој пат треба да оди Македонија, како што знаеја нашите предци, ние сме борци за правда како нив, а не жртви, и со секој изминат ден ќе стануваме сè повеќе и повеќе. Не се откажуваме и ќе стигнеме до Стразбур, ќе се бориме и за нашите права и за отстранување на фалсификуваната историја“, напиша Георгиевски на социјалните мрежи.
Бугарското министерство за надворешни работи во својата реакција истакна дека „со загриженост ги следи случувањата во Македонија, поврзани со правото на здружување на Бугарите во земјата и особено последните случувања околу името на здружението на граѓани „Иван Михаилов“ од Битола“. Од таму посочија дека системските блокади на Заедничката историска комисија го спречиле, како што велат, „објективно толкување на историските настани од заедничката историја меѓу Бугарија и Македонија“.
-Системските блокади на нејзината работа досега не дозволија општа оценка за улогата на историските личности од тој период. Затоа, се надеваме дека надлежните институции во Република Северна Македонија нема да користат еднострани и тенденциозни толкувања на историски настани и личности како основа за ограничување на основните права, вклучително и правото на здружување, се вели во ставот на бугарското МНР, пренесува „БТА“.
И бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ е на чекор од бришење откако, вчера, Централен регистар донесе решение со кое го одби барањето за негова пререгистрација, затоа што членовите на здружението не ја доставија потребната документација.
„Централниот регистар во текот на денешниот ден донесе Решение со кое барањето за усогласување од страна на Здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид го одби, од причина што во законски предвидениот рок од 30 дена не се доставени бараните документи дадени во Известувањето , во согласност со Законот за здруженија и фондации. За донесената одлука Централниот регистар ќе го извести и Министерството за правда, за негово понатамошно постапување“, соопштија од Централен регистар.
Од бугарското МНР велат дека ваквите одлуки се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително и за оние кои се дефинираат како Бугари. Тие сметаат сето ова е дел од антибугарска кампања, а како пример претходно го наведоа и упадот во Бугарскиот културен центар во Скопје, во средата. Но, по извршениот увид на МВР, вчера од Основното јавното обвинителство соопштија дека се работи за кражба.
Она што Бугарија го бара и поддржува во Македонија, еднакви права и слободи за сите граѓани, не го дозволува на своја територија. За разлика од македонските институции, бугарските експресно реагираат кога се работи за какво било македонско здружение. Бугарија и понатаму не дава ниту пет пари за 15. пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур против забраната за здружување на Македонците. Официјална Софија се оглуши и на препораката на Комитетот на министри на Советот, кој лани во декември ја повика Бугарија да дозволи регистрација на здруженија што имаат цел признавање на македонското малцинство во Бугарија.
(И.С.)